Неделков: Преговаравме за сите прашања, мора да завршиме наредната недела!

Претседателот на Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК) – Јаким Неделков по денешните преговори во Министерството за образование и наука (МОН) изјави дека генерално е постигнато усогласување на некои ставови, но не може уште сега да тврди дека ќе се постигне конечен договор.

„Имавме средба, преговаравме буквално за сите прашања, усогласивме генерално некои ставови во однос на колективните договори и што се ќе има внатре, меѓутоа не се до крај прецизирани. Треба да бидат потпишани во периодот од 1 до 31 септември. Има некои технички проблеми поради кои мора да започне учебната година за да се реализираат тие одредби од колективниот. Околу зголемување на платите имаше дополнително некои наши предлози како и во кој процент да се зголемат платите. Сепак повторно се обраќаме до Министерство за финансии за анализа и проверка колку средства ќе бидат потребни и конечно околу нова методологија за изработка на плати во која ќе бидат вградени коефициенти на инфлација, пораст на минимална палта, итн. Приближно тоа се точките за кои разговараме, мора веќе да завршиме наредната недела каде јавноста ќе биде запознаена“ – рече Неделков.

Тој смета дека од резултати од преговорите, од препораките кои ќе ги напише посредувачот или помирувачот зависи дали штрајкот пак ќе се активира.

Неделков рече дека се разговара за сите конкретни прашања и оти и тоа е некаков напредок.

„Се работи за нијанси за кои се разбира ние одиме од нашите интереси максимално, тие од аспект на нивните интереси. Меѓутоа не постои прашање за кое не се разговарало и кое не може да се реши“ смета претседателот на СОНК.