Чадеж: Меѓусебната соработка на Западниот Балкан е единствен начин за пристапување кон ЕУ

Значи ако превезувате стока од една земја, како Северна Македонија, до Србија, без да имате никаков застој на границата и ако ја минете за помалку од пет минути, тоа е нешто што навистина е доказ дека кога соработуваме, можеме да направиме многу добри работи, смета Чадеж.

Доколку сакаат да бидат дел од Европската Унија, земјите од Западниот Балкан немаат друг начин освен да соработуваат меѓусебно и да гледаат кон таа пристапувањето како нешто што е заеднички проект, вели претседателот на Стопанската комора на Србија, Марко Чадеж во интервју за Европската новинска мрежа (ЕНР) од која дел е и МИА.

– Мислам дека сите влади сега разбираат дека нема друг начин освен да соработуваат. Нема друг начин освен да бидат дел од Европската Унија, истакна Чадеж.

Тој потенцира дека постојат политички пречки и проблеми од минатото, кои се повеќе и повеќе се покажуваат како неодржливи и затоа заеднички се работи на изнаоѓање пристап за решавање на овие прашања.

Според него, зајакнувањето на економската соработка меѓу земјите од Западен Балкан во изминативе две до три години веќе покажува резултати.

– Значи ако превезувате стока од една земја, како Северна Македонија, до Србија, без да имате никаков застој на границата и ако ја минете за помалку од пет минути, тоа е нешто што навистина е доказ дека кога соработуваме, можеме да направиме многу добри работи, смета Чадеж.

Според него, приклучувањето на пазарите на земјите од Западниот Балкан кон Единствениот европскиот пазар ќе придонесе и за зајакнување на безбедноста на ЕУ.

– Регионот е во средината на Европа, а се уште не е дел од целата архитектура на Европската Унија. Без регионот, Европската Унија не е во можност да ја осигура безбедноста, да обезбеди не само економски, туку и вредносни синџири, како и можности за интервенција на трети земји во нејзините сопствени граници, истакна Чадеж, кој воедно е и член на Управниот одбор на Асоцијацијата на европски стопански и индустриски комори.

Тој предупреди дека Европа заостанува во технолошките иновации во споредба со глобалните играчи, па затоа, според него, креаторите на политиките во ЕУ треба да дејствуваат побрзо и да го испорачаат она што е потребно со цел континентот да остане конкурентен.

– Од нас зависи да го направиме она што е потребно. Да речеме, да ги преиспитаме нашите политики, да ги преиспитаме нашите регулативи… Тоа е нешто што мислам дека и е потребно на Европа денес. Треба да бидеме конкурентни со глобалните играчи, како САД и Кина. Ова е остварливо само ако работиме заедно, смета Чадеж.

Единствениот европски пазар е создаден во 1993 година за да се овозможи слободен проток на стоки, услуги и капитал меѓу земјите членки на ЕУ, како и да им се овозможи на граѓаните да патуваат и да работат насекаде низ блокот. Тој во моментов ги вклучува сите 27 земји членки на ЕУ, како и Норвешка, Исланд и Лихтенштајн, додека Швајцарија има делумен пристап до него преку билатерални договори склучени со Брисел.