(Видео) Трилинг: Шест милијарди евра кредит од Велика Британија – кој ќе ги враќа македонските долгови?

Во новото издание на магазинот „Трилинг“ гостуваа академик Абдулменаф Беџети, судијката Антоанета Димовска член на Судскиот совет и проф. д-р Стефан Бужаровски академик во Академијата во Велика Британија.

Во новото издание на магазинот „Трилинг“ гостуваа академик Абдулменаф Беџети, судијката Антоанета Димовска член на Судскиот совет и проф. д-р Стефан Бужаровски академик во Академијата во Велика Британија.

Фото: Трилинг / Абдулменаф Беџети

– Без да се опуштиме во анализа на другите, најважни компоненти коишто се рок за враќање, каматна стапка, другите услови, начинот до кој степен ќе можат да бидат ангажирани локални компоненти и компании во такви инфраструктурни проекти, генерално во однос на целина може да се оцени како добар аранжман со еден од најзначајните пазари на капитал во светот, изјави за магазинот „Трилинг“ академик Абдулменаф Беџети околу потпишаниот финансиски договор со Велика Британија со кредитен аранжман од 6 милијарди евра во рамки на стратешкото партнерство.

Околу тоа што е она што кај Велика Британија било пресудно за да се одлучи да ни подаде рака и да га одврзе кесето, академик Беџети вели дека тоа не е некоја сума која на некој начин се гарантира за одреден временски период, односно дека ќе биде реализирана за пет години (тие шест милијарди евра). Но како и да е, додава Беџети, првиот сериозен проект е проектот на железница во Коридорот 10, Табановце – Гевгелија за која се предвидува и цела нова траса, но и целосна реконструкција на постојната.

„Се поставуваат прашања дали во ваков капацитет на размена на стоки и услуги има потреба да се утилизира дури и втора траса. Тоа е прашање и треба да се прави длабока анализа, да се вреднува и да се оценува ризикот на ваквиот договор во однос на капацитетот за изведување и завршување на овие проекти, затоа што знаете дека емпириски е докажано кај нас дека имаме дури и децениски проекти коишто никако не можеме да ги тераме напред, од типот на пруга Куманово – Бељаковце или автопатот Кичево – Охрид. Така што од оваа гледна точка мора да се прави целокупна анализа на ризикот што ќе сноси евентуалното не реализирање на овие проекти. Инаку и на веб сајтот на Агенција што ја спомнав, таму се вели до 85% извозните компоненти од аранжманите би требало да бидат од Велика Британија. Ова е доста ризична компонента бидејќи не ограничува. Јас не верувам дека ќе оди до тој плафон. Најверојатно ќе се преговара да тоа биде многу пониско, но тие ќе претендираат на тоа, штом го објавуваат тоа како критериум. Тоа значи дека елементите импутите на тие проекти би требало да бидат извозна компонента на Велика Британија. Тоа може да биде голема ограничувачка компонента во делот на импактот на развојот и растот кај нас, потенцира академик Абдулменаф Беџети.

Фото: Трилинг / Абдулменаф Беџети

Говорејќи за тоа дали ќе можеме да ги сервисираме долговите и формулата ќе се зголеми БДП-то, а ќе се намали учеството на надворешниот долг, Беџети вели дека обично ги гледаме динамиката на растот на БДП и динамиката на растот на долгот.

„Ако ние успеваме да задржиме раст помеѓу 3,5 до 4% која е интенција и која според долгорочната национална стратегија за раст, што сум скептичен во тој дел, барем не просечно на долг рок, тогаш најверојатно тука има и фискален ризик да не речам и солвентен ризик во однос на ликвидноста на реализација на обврските кога ќе стасуваат. Но она што е охрабрувачки тука е подвлекувањето дека нема авансно плаќање, дека ова ќе биде аранжман на заем со речиси најповолни услови од сите досегашни, барем такви беа изнесувањата на потпретседателот на Владата Николоски, и дека каматите дури може да бидат под ниво на инфлација. Ова е ептен оптимистички и да даде Господ тоа така да биде, но малку сум скептичен дека може во вакви услови. Цените на парите на пазарот на капитал се многу повисоки отколку ова што се најавува, вели Беџети.

-Многу е тешко економско заздравување дома без европска интеграција. Ние знаеме дека сме мала економија со лимитирани ресурси и многу отворена. Ние сме една од најотворените економии во смисла на размена, но и во смисла на зависност од надворешните фактори, така што да се наслонуваме во смисла на тоа дека можеме да ја преструктуираме економијата, да ја создадеме таа економска независност дури и од структурните фондови, аранжмани, вие знаете дека Планот за раст на ЕУ колку ресурси има и колку може да се повлечат, во наредните години има други структурни реформи од типот на ИПА, меѓународна соработка, да мислиме дека можеме изолирано да функционираме е илузија и не гледам друга алтернатива. Нема алтернатива од зачленување во Европската Унија, потенцира Беџети.

„Сите економски и не само економски, туку и општо општествени состојби покажуваат дека сите земји кои се зачленети во ЕУ добивале огромна поддршка и го подобриле нивниот стандард на живот“, вели Беџети.

Фото: Трилинг / Антоанета Димовска

-Очекував Управниот суд ова прашање да го разреши многу порано, дека ќе го разреши во еден многу поразумен рок. Рокот од две години, јас воопшто немав намера да предизвикам потрес како што сега се случи па да се отворат сите дилеми. Доколку ова беше многу порано ќе беше поинаква ситуацијата, изјави за „Трилинг“ судијката Антоанета Димовска говорејќи за тужбата која ја поднесе пред Управниот суд за неправилна постапка од страна на Судскиот совет и за поништување на изборот на Елизабета Дуковска за уставен судија.

За тоа како е возможно Судскиот совет да си допушти да гласа за избор на уставна судијка а потоа за нејзе да гласаат и пратениците во Собранието, Димовска вели дека Судскиот совет бил убеден дека постапува по закон.

„Јас убедена сум дека Судскиот совет не би одел да прекрши закон бидејќи се се избира судија во повисок суд а вие немате регулирано на кој начин ќе се утврди предлогот се одело по аналогија, дека ќе се избере тој што ќе добие осум гласа. Не се работи за намера некој да биде дисквалификуван. А по однос на Собранието исто така не можам да кажам како собранието постапувало“, смета Димовска.

Таа додева дека не се обидува некого да заштити и не би се нафатила да поднесе тужба заради нечива заштита.

За тоа дали сега доколку има нов избор за член на Уставен суд би конкурирала за избор Димовска вели дека после две години не.

„Доколку се случеше ова порано, а јас бев многу краток период во Судскиот совет, можеби и ќе размислев. Но сега после две години јас ги кажав моите мотиви кои беа, за да ја поднесам тужбата, ќе излезам дволична. Затоа велам дека Управниот суд де факто реши во моја полза но ми ускрати можеби и право“, вели Димовска.

Фото: Трилинг / Антоанета Димовска

Говорејќи околу негативната перцепција за работата на Судскиот совет, судијката вели дека тука се клучни неколку моменти.

„Пред сѐ јас воопшто не знам од каде произлезе дека судството има 2% доверба. Се сомневам во тоа. Таа анкета не е точна. Ние имавме неколку анкети. Анкетата на Светската банка која презентираше во Брисел и беше официјално направена излезе дека 28% од странките веруваат во судството и 32% од адвокатите. Потоа независна анкета направи Здружението на судии каде овие проценти беа многу повисоки, но никако не беа 2%. Јас не знам кој има бенефит од пласирање на нешто што навистина не е така. Може 2% имаат апсолутна доверба. Имате апсолутна доверба, доверба, делумна доверба, но тоа е се доверба и кога вие се тоа го пласирате на тој начин и кај граѓаните се создава револт. ние имаме анкети кои се направени и со луѓе кои воопшто не знаат каде се наоѓа судот. Немале ни судски спор.

-Јас не велам дека е идеално во судството, но мора да бидеме свесни и за државата во која живееме. Ништо не е идеално. Сите се стремиме да бидеме подобри. Еве проблемот на судството – предвидениот максимален буџет е 0,8% од БДП. Ние добиваме 0,3%. Не знам дали сте биле во суд, во судница да видите дека судовите не ни се бојосани. Немаме човечки ресурси. Човечките ресурси се сведени на пополнетост од 30-40% во судовите. Имаме судови во кои немаме записничари. Судот не е само судијата, тука има многу чинители. Судската администрација се златните раце во судството кои многу допринесуваат а ние имаме нивен недостаток. Не е одобрено ниту едно вработување. Министерството за финансии нема слух. Како ќе го подобриме судството? Како ќе добиеме побрза правда? Тоа се прашања кои се за сериозна дискусија“, вели Димовска.

Фото: Трилинг / Стефан Бужаровски

„Јас бев номиниран од Кралското географско друштво во Обединетото Кралство и сум многу благодарен за таа номинација. Основен критериум е не само оној академски ангажман туку ангажман во јавната сфера, политика во смисла на влијаење и ангажирање со темите кои ги засегаат граѓаните и тоа е она што секогаш ме водело. Јас не сум некој што сака само да истражува туку многу ми е битно да можам да бидам вклучен во градењето на јавните политики изјави во „Трилинг“ проф. д-р Стефан Бужаровски за тоа кои се предусловите, перформансите што еден научник од Македонија успеа да се стекне со титулата Академик во Академијата за општествени науки во Обединетото Кралство.

Говорејќи за тоа со каков предизвик ќе се соочи светот во наредниот период на социо-економски план, Бужаровски смета дека како тој како истражувач и активист во областа на животната средина, климатските промени се број еден проблем.

„Дури некој ми кажа и тоа е сосема точно, уживај во ова лето бидејќи ова ќе биде најстуденото во твојот живот. Нормално е да има варијации но во просек температурите растат вртоглаво и нашиот капацитет како општество, како јавна политика, како економија да се соочиме со овој горлив проблем е несоодветен. Страв ми е и жал за новите генерации кои доаѓаат, бидејќи им го оставаме овој свет со тој огромен проблем за којшто недоволно се ангажираме. Не го гледаме колку тоа тоа се случува, бидејќи се случува на релативно бавен начин, има екстреми – некаде поладно, некаде потопло, но не делуваме доволно. Сѐ уште се гори јаглен, сѐ уште испуштаме стакленички гасови, возилата што ги возиме се нафта. Тоа требаше да биде завршено веќе. Тоа е основниот проблем“, вели Бужаровски.

Околу предвидувањата дека во наредните 50 до 100 години во светот ќе дојде пад на населението и дали може да се спречи депопулализацијата на светско ниво, па и во Македонија, бидејќи одредени предвидувања се и дека во земјава ќе дојде до пад на бројот на населението, Бужаровски вели дека тоа веќе наголемо се случува.

„Во случајот со Македонија проблемот е и со миграцијата. Но мора да го гледаме 20-от век како еден чуден момент во историјата на населението, кога имаше демографска транзиција, поради која што дојде до нагло зголемување на населението од причина што се подобри животниот стандард, а наталитетот подоцна се намали. Тој процес на намалување на наталитетот на разни места во светот доаѓа полека. Во Европа и Северна Америка се случи, сега се случува и во Африка и во други делови каде животниот стандард подоцна се подобрува, така што 20-от век е аномалија. Ние ќе се вратиме на многу помал број на население како што и било во текот на историјата. Некои го користат терминот и „Втора демографска транзиција“. Онаа првата кога се зголеми, а сега поминуваме во втората на намалување.

-Причините се, пред сѐ намалувањето на наталитетот. Никој не сака да има повеќе од две деца и толку дали има. Тоа е од редица причини – културни, економски и тн. Морам да кажам дека морталитетот исто се намалува и луѓето живеат подолго. Значи сега имаме и стареење на населението и тоа ќе трае бидејќи се подобруваат здравствените услуги, но од друга страна се намалува наталитетот и тоа е една нова ситуација на која треба да се приспособиме.

-Имаме и тренд на иселување, а немаме тренд на вселување. Тоа е еден проблем. Тој тренд на иселување е многу рапиден, многу бргу паѓа населението и тоа значи изумирање на економскиот живот. Но може да научиме од други земји во Европа. На пример Полска успеа тој тренд да на иселување да го запрат последниве години. Сега имаат ремиграција на луѓето што се иселиле, но и емиграција на луѓе од други држави. Во контекстот за Македонија тоа е многу битно прашање. Значи како ќе се менаџира демографскиот елемент е апсолутно клучно во овој период. И самите знаете дека има страшен притисок врз пазарот на труд – компаниите веќе не можат да најдат работници“, вели Бужаровски.

Говорејќи за тоа дали има начин да се спречи трендот на социјално раслојување и јазот помеѓу богатите и сиромашните и перцепцијата дека средната класа исчезна, проф. Бужаровски вели дека генерално последните 20 години, на глобално ниво, социјалните нееднаквости растат, со тоа што општиот животен стандард се подобрува, но во рамките на тоа имаме растечки нееднаквости, посебно во некои држави вклучително и тука.

„Но тука пред сѐ е улогата на државата и механизмите кои таа ги има на располагање, во даночната политика, но и во просторната политика, она што значи социјално раслојување во Македонија е дел од отсуството на ефикасни политики за менаџирање и управување со просторот, со регионалниот, со урбаниот развој. Тоа придонесува тие нееднаквости да растат, па дури и во рамите на еден град како Скопје. Имате големи делови од градот каде што условите за живеење се несоодветни, има деградација на животната средина, па имате и голема нееднаквост меѓу регионите во земјата. Концентрација во едни региони за разлика од други, така што државата има механизми и доколку има волја и капацитет може да ги спречи тие раслојувања, смета Бужаровски.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото