Девојче на 13-годишна возраст имало абортус, а во 2020 година имало 18 пациентки под 15 години коишто биле родилки. Ова беше истакнато на денешната панел-дискусија по повод Неделата на женското здравје, во организација на Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари (МАГО).
Таму рекоа и дека во проценти од вкупната бројка на породувања за 2020 некаде 4,9 проценти од новороденчињата се на трудници коишто биле малолетни, односно од 15 до 19 години.
На панел дискусијата меѓудругото се зборуваше за едукацијата на младите за сексуалното воспитување која е многу битна во натамошното намалување на сите болести од областа на гинекологијата.
Посочија дека улогата на сексуалното образование во училиштата треба да биде еден од параметрите што ќе допринесе да тоа се подобри.
Претседателот на МАГО – проф. д-р Глигор Тофоски истакна дека од направените гинеколошки прегледи кај 1.300 жени кај приближно 10% од пациентките биле откриени преканцерози и карциноми, додека 15% биле пратени на дополнителни иследувања.
Од МАГО истакнаа дека од направените анализи, повеќе од 30% од жените воопшто немаат избрано матичен гинеколог, автоматски не одат ни на редовни гинеколошки прегледи, не ги користат превентивните мерки, односно правото да го заштитат своето сексуално и репродуктивно здравје.