Компанијата на Груевски во Унгарија за 5 месеци со профит од 10.000 евра

Унгарската компанија на екс-премиерот на Македонија – Никола Груевски остварила добивка од 10.000 евра за 5 месеци од работењето, пишуваат унгарски медиуми.

Информациите се дека компанијата е регистрирана на 14. јули минатата година во село на 20 километри од Будимпешта.

Се работи за малата компанија „I.C.I.C. Ltd“ каде Груевски е наведен како единствен сопственик и главен извршен директор.

Главниот фокус на компанијата се деловни консултации, но исто така е лиценцирана да спроведува широк спектар на други активности, како што се трговија на големо со порцелан, стакларија и производи за чистење; трговија на големо со храна, пијалоци и тутун; управување со средства; и рекламирање, односи со јавноста и комуникација.

Иако I.C.I.C. функционира само од минатото лето, веќе успеа да стане профитабилна со приходи од 5 милиони форинти (13.000 евра), објави унгарската деловна веб-страница „mfor.hu“.

Неговата нето добивка за периодот од средината на јули до крајот на годината изнесува 3,8 милиони форинти (10.000 евра).

Груевски е осуден од македонските судови на 9-годишна затворска казна, и тоа 2 години затвор во 2018 година за недозволена набавка на луксузно возило и уште 7 години за перење пари.

Во 2018 година тој успеа да побегне од земјава, а потоа доби азил од владата на Виктор Орбан во Унгарија и одбива да се врати во татковината.