
Електронските алки за издржување казна куќен затвор ставени во функција
Директорот на Управата, Александар Пандов, на прес-конференција истакна дека оваа мерка има за цел да се намали пренатрупаноста во затворите ширум земјата, каде што во моментов казна издржуваат 2 300 лица, а 400 се во притвор.
Управата за извршување санкции ги стави во функција електронските алки за издржување казна куќен затвор. Директорот на Управата, Александар Пандов, на прес-конференција истакна дека оваа мерка има за цел да се намали пренатрупаноста во затворите ширум земјата, каде што во моментов казна издржуваат 2 300 лица, а 400 се во притвор.
Пандов појасни дека во моментов 60 лица се апликанти за добивање на електронска алка. Самите алки, објасни Пандов, функционираат преку ГПС-систем и се поврзани со централен софтвер кој ќе овозможи 24-часовен мониторинг на движењето на осудените лица во рамките на прецизно дефинирани географски граници. Секое отстапување од овие граници автоматски ќе биде евидентирано и сигнализирано.
„Ако се оддалечиш од периметарот или ако го мрдате рутерот, алката покажува црвено и сигнализира. Од Управата за извршување санкции потоа се јавуваат на осуденото лице затоа што во секој рутер има СИМ-картичка. Ако тој не се јави, има право на едно негово блиско лице кое може да се јави. Ако и тој не се јави, се јавуваме во полиција“, објасни Пандов и изрази верување дека осудените лица нема да ја злоупотребуваат оваа можност.
Во рамки на Управата за санкции, рече тој, веќе е формирано одделение за електронски надзор кое ќе го следи движењето на осудениците. Процесот за добивање електронска алка може да биде инициран од самиот затвореник или неговиот адвокат, како и од страна на затворот.
Пандов истакна дека позитивните законски прописи овозможуваат три категории на затвореници да имаат право на електронски алки и тоа стари и изнемоштени лица, бремени жени или мајки со мали деца, како и тешко болни лица и лица со инвалидитет.
„Самите затвори можат да побараат за одредена категорија на осуденици. Ако земеме предвид дека голем дел од затворениците се тешко болни, самото нивно носење во болница нѐ чини пари. Самото чување на тие затвореници во болниците ни троши ресурси. Затоа, тие затвореници отсега ќе можат да ја отслужуваат затворската казна во својот дом со алка на ногата“, рече Пандов.
На промоцијата на надградениот систем за електронски надзор во тренинг-центарот на КПД „Идризово“ присуствуваше и министерот за правда Игор Филков. Тој истакна дека овој процес е резултат на сериозна работа и претставува чекор напред во реализацијата на европските стандарди за извршување на казните и унапредување на човековите права.
„Електронските алки не се само технолошки уреди – тие се алатка за реформа. Тие се симбол на една нова, современа пробациска политика. Преку нивното користење, овозможуваме алтернатива на затворот, намалување на пренатрупаноста во казнено-поправните установи, подобра ресоцијализација и поголема безбедност за граѓаните“, нагласи Филков.
Тој додаде дека со новиот Закон за пробација, чиј предлог е веќе подготвен, ќе се воспостави правна рамка за поширока примена на куќен притвор, условен отпуст и ресторативна правда, под буден и хуман надзор.
„Со тоа ги охрабруваме надлежните да пристапат кон пробацијата многу похрабро за во иднина заеднички да ја отстраниме црната дамка којашто беше фрлена досега на изречените мерки – куќен притвор. Довербата и сигурноста во системот мораме да ги вратиме. Ќе продолжиме да работиме на реформи кои носат вистинска промена и ќе изградиме правосудство кое е достапно, правично и во служба на граѓаните“, додаде Филков.