Народната банка ја зголеми каматната стапка

Народната банка изврши дополнително зголемување за 0,25 процентни поени за основната каматна стапка и таа сега е на ниво од 1,75 проценти.

Оттаму информираат дека при донесувањето на ваквата одлука биле земени предвид најновите движења кај инфлацијата, којашто и во април забрза, како и влијанието на ваквите остварувања врз инфлациските очекувања.

„Одлуката за натамошно затегнување на монетарната политика се заснова врз оцените дека увозните ценовни притисоци се подолготрајни и посилни, што создава одредени преносни ефекти кај повеќе ценовни категории и делува врз инфлациските очекувања. Оттука е и потребата од монетарна реакција, и покрај надолните ризици за економскиот раст и за домашната побарувачка“ – се вели во соопштението.

Според централната банка годинава инфлацијата ќе биде повисока од очекувањата според последните проекции.

„Главните фактори за поместувањата на ценовното ниво и понатаму се факторите на страната на понудата, пред сѐ цените на храната и енергијата, поради растот на цените на примарните производи на светските берзи. Овие преносни ефекти се видливи особено кај економиите како нашата, каде што голем дел од потрошувачката е увозна и каде што учеството на храната и енергијата во потрошувачката кошничка е високо. Имајќи предвид дека храната и енергијата се влезна компонента кај повеќе други производи и услуги, растот на цените станува пошироко распространет. Оттука, поголема динамика се забележува и кај движењето на базичната инфлација. Тековните оцени и натаму упатуваат на отсуство на поизразени притисоци од побарувачката врз цените, а со воениот конфликт во Украина се нагласуваат надолните ризици за домашната побарувачка во следниот период. Сепак, неопходни се претпазливи домашни политики коишто нема да предизвикаат дополнителни притисоци и од страната на потрошувачката“ – појаснуваат од Народната банка.

Девизните резерви се во сигурна зона и девизниот пазар е стабилен.