
За разлика од кај нас цените во Белгија со тенденција на опаѓање
Според Статбел, на падот на априлскиот индекс на потрошувачките цени влијаело поевтинувањето на природниот гас за 5,9 отсто, на електричната енергија за 4,6 проценти, на рибите и морските плодови за 3,8, на овошјето за 2,9, на млечните производи и на јајцата за 2,8, на моторните горива и на лебот и житарките за по 1,4 и на месото за 1,0 отсто.
Стапката на инфлација во Белгија во април 2025 година бележи пад од мартовските 2,91 проценти на 2,55 отсто, додека индексот на потрошувачките цени на месечно ниво е намален за 1,12 процентни поени на 134,44, со што сепак е за 3,72 процентни поени повисок во однос на истиот месец лани, покажуваат податоците на Белгиското статистичко биро (Статбел).
Според Статбел, на падот на априлскиот индекс на потрошувачките цени влијаело поевтинувањето на природниот гас за 5,9 отсто, на електричната енергија за 4,6 проценти, на рибите и морските плодови за 3,8, на овошјето за 2,9, на млечните производи и на јајцата за 2,8, на моторните горива и на лебот и житарките за по 1,4 и на месото за 1,0 отсто.
Меѓутоа, како што јави дописникот на МИА од Брисел, цените на сите прехранбени производи во април збирно, вклучувајќи го и алкохолот, пораснале за 2,48 проценти, станарините се зголемиле за 3,51 отсто, а услугите поскапеле за 3,96 отсто, пред се поради значителните зголемувања на цените на авионските билети од 11,1 и на хотелското сместување за 5,4 проценти.
Бирото посочува дека стапката на инфлација оваа година има тенденција на намалување од 3,55 отсто во февруари годинава, на 2,91 во март и на априлските 2,55 отсто.
Сепак, ваквата тенденција се должи на поевтинувањето на енергијата, бидејќи стапката на инфлација пресметана без цените на енергенсите во април изнесувала 2,71 отсто, што претставува раст во споредба со март кога била 2,57 и од февруарските 2,29 проценти.
На годишно ниво (април 2025 споредено со април 2024 година), цените во Белгија во просек пораснале за 2,85 отсто. Најмногу поскапеле цигарите и тоа за 25,1 отсто, пред услугите за 22,6, природниот гас за 20,8, струјата за 17,4, соковите од овошје и зеленчук за 17, накитот за 15,8, останатите тутунски производи за 14,8 и надоместот за испуштање отпадни води за 13,4 проценти.
Најголемо поевтинување на годишно ниво се бележи кај услугите за мобилна телефонија од 20,5 отсто, на видео и телевизиската опрема за 20,1 проценти, на смартфоните за 16,5, бензините за 12,2, компјутерите за 11,7, маслото за греење на домаќинствата за 11,2, дизелот за 10,8 и на маслата за готвење за 8,3 отсто.
„Потрошувачката кошничка“ за четиричлено семејство 3.356, а за едно лице 952 евра
Според податоците на барометрите за висината на потрошувачките цени, цените на недвижности и оценките за квалитетот на живот од овој месец, месечните трошоци за четиричлено семејство во Белгија, без издатоци за станарини, се проценети на 3.356 евра, а за самци на 952 евра. Кога кон ова ќе се приклучат и кириите, тогаш месечните трошоци за четиричлено семејство се проценети на 4.327, а на поединец на 1.992 евра.
Цената на свеж бел леб од 500 грама се движи од 1,12 до 4 евра или во просек 2,19 евра, на литар млеко од 0,79 до 2 евра (во просек 1,14 евра), на пакување од 12 јајца од 1,80 до 5,40 евра (просек 3,48 евра), на килограм сирење од 6 до 25 евра (во просек 13,24 евра), на килограм пилешко филе од 7 до 14 евра (во просек 10,41), а на јунешкото месо од 9,87 до 25 евра (во просек 16,13 евра) за килограм.
Кога станува збор за овошјето и зеленчукот, нивните цени за еден килограм се движат од 1 до 4 евра (просек 2,11 евра) за оризот, од 1,2 до 3 евра (просек 2,47) за јаболката, 1,3 до 3 евра (просек 2,06 евра) за бананите, од 1,2 до 3,89 евра (просек 2,24 евра) за портокалите, од 1,2 до 4,2 евра (просек 2,59) за доматите, од 0,75 до 3 евра (просек 1,98 евра) за компирите и од 0,75 до 3 евра (просек 1,63 евра) за кромидот, додека цената на едно парче марула се движи од 0,9 до 2 евра или во просек 1,28 евра.
Цените на пијалаците се движат од 0,4 до 1,8 евра (во просек 0,9 евра) за 1,5 литри вода, од 5 до 12 евра (во просек 7 евра) за шише вино од средна класа, од 0,98 до 3 евра (просек 1,71 евро) за белгиско пиво од 0,5 литри и од 1 до 3,6 евра (во просек 1,97 евра) за увезено пиво од 0,33 литри.
Кутија од 20 цигари чини од 8 до 12,5 евра или во просек 10,5 евра.
Просечната цена на дезодорансите од 50 милилитри е 9 евра, на шампоните од 400 милилитри 4,92 евра, на пакување тоалетна хартија од 4 ролни 3,01 евро, а на паста за заби 4 евра.
Цени во угостителски објекти и трошоци за превоз, културно-спортски активности и облека
Оброк во т.н. евтини ресторани за едно лице чини од 12 до 30 евра или во просек по 20 евра, додека во ресторан од „средна класа“ сумата изнесува од 30 до 65 евра (во просек 40 евра). Во рестораните за брза храна, пак, еден оброк чини од 9 до 13 евра или во просек 10,5 евра.
Цените на белгиските пива од 0,5 литри и на странските пива од 0,33 литри во рестораните и кафулињата се движат од 3 до 6 евра, при што просечната цена за белгиските пива е 4,5, а за увезените 4 евра. Безалкохолен газиран пијалак од 0,33 литри чини од 2 до 3,5 евра или во просек 2,75 евра, а во истиот размер се движи и цената за исто количество вода, но нејзината просечна цена е 2,49 евра. Нормално капучино пак чини од 2 до 4,5 евра или просечно 3,55 евра, а коктел околу 12 евра.
Билет за едно возење во јавниот транспорт во Белгија се движи од 2 до 3 евра или во просек 2,5 евра, додека во Брисел таквиот билет чини 2,8 евра. Овој билет важи еден час од моментот на првото „отчукување“, за кој период можете да се качите во колку сакате превозни средства и од секој вид – метро, трамвај или градски автобус. Месечниот билет за јавен превоз чини од 34 до 55 евра или во просек 49 евра.
Такси превозот чини од 4 до 15 евра старт (просек 5,75 евра) и од 2 до 3,5 евра за изминат километар во нормална тарифа или просечно 2,5 евра. Еден час чекање на такси возилото чини од 30 до 50 евра или во просек 40 евра.
Цената на бензините се движи од 1,58 до 1,95 евра или просечно 1,66 евра за литар, колку што чини и литар гас за возила.
Билет за во кино чини од 10 до 16 евра или во просек 13 евра, а за во театар околу 45 евра. Месечна претплата за во фитнес клуб изнесува од 24 до 60 евра (во просек 33,04 евра), а изнајмување на терен за тенис за време на викенд на еден час чини од 10 до 25 евра или просечно 19 евра.
Кога станува збор за гардероба, пар фармерки чинат од 50 до 120 евра (во просек 90,61 евро), парче летна облека во продавниците на „Зара“, „Ејџ-Ем“ или „Примарк“ од 20 до 70 евра (во просек 39,87 евра), пар патики од средна класа од 60 до 130 евра (во просек 93,87 евра), а кожни чевли од 75 до 192 евра или просечно 123,66 евра.
Трошоци за домување и услуги
Надоместоците за станарина во Белгија за еднособен стан во централните градски подрачја се движат од 670 до 1.200 евра или просечно 848,58 евра, додека во приградските населби тие изнесуваат од 600 до 1.000 евра или во просек 735,25 евра.
За трособен стан во центрите на градовите, пак, кириите се движат од 950 до 2.200 евра или просечно 1.330,05 евра, а во приградските средини од 850 до 1.700 евра или во просек 1.112,73 евра.
Цената на квадратен метар на стан во централните градски подрачја се движи од 2.500 до 6.000 евра (во просек 3.684,60 евра), а во приградските населби од 2.000 до 4.000 евра (во просек 2.920,63 евра).
Вкупните месечни трошоци за комуналии (струја, греење, вода и подигање смет) се движат од 127,50 до 350 евра или во просек 194,86 евра.
Месечната претплата за интернет и кабелска телевизија се движи од 35 до 70 евра или просечно 49,70 евра, а за мобилна телефонија со 10 гигабајти интернет од 12 до 35 евра или во просек 20,42 евра.
Месечните трошоци за згрижување на едно дете во приватните детски градинки се движат од 250 до 990 евра или во просек по 567,07 евра, а годишна школарина за ученик во приватните основни училишта се движи од 7.000 до 25.000 евра или просечно 13.668,82 евра.
Преглед на приватен општ лекар чини 30 евра, а доза антибиотици 14 евра. Потстрижување за мажи чини од 10 до 60 евра или во просек 29 евра.
Платите на Белгијците годинава повисоки за најмалку 3,58 отсто
Според априлските податоци на Статбел, просечната бруто месечна плата во Белгија изнесувала 4.076 евра. Сепак, половина од Белгијците заработуваат под 3.728 евра месечно, а месечните бруто плати на околу 10 отсто од вработените во земјата се под 2.443 евра. Минималната бруто плата во Белгија за 2025 година е утврдена на 2.070 евра.
Статистичките податоци покажуваат и дека просечната бруто плата на работниците на возраст од 60 години е за околу 188 отсто повисока во однос на вработените помлади од 20 година. Просечната плата на вработените со високо образование, пак, е за околу шест отсто повисока од државниот просек, а на оние со магистерска диплома за 46 проценти. Просечната бруто плата на извршните директори на компаниите во Белгија изнесува 11.772 евра месечно, што е за 189 отсто над просечните примања во земјата.
Но, иако бруто платите и минималната плата во Белгија се меѓу највисоките во Европа, сепак нето примањата се значително помали, како резултат на високи даноци и придонеси за социјално и пензиско осигурување.
Гледано по сектори, највисока просечна плата од 6.431 евра имале вработените во петрохемиската индустрија, по што следат административните службеници во компаниите со 5.696 евра, вработените во банкарскиот сектор со 5.472 евра, компјутерските програмери со 5.356 евра, работниците во фармацевтска индустрија со 5.331 евра, службениците во осигурителните компании и во приватните пензиски фондови со 5.259 евра, работниците во хемиска индустрија со 5.219 евра, медиумските работници во радијата и телевизиите со 5.218 евра, вработените во секторите за производство и дистрибуција на електрична енергија, гас и пареа со 5.216 евра и работниците во воздухопловството со 5.208 евра.
Гледано, пак, по професии, највисоки просечни месечни бруто плати имаат директорите за продажба од 12.596,20 евра, пред директорите во лизинг компаниите од 11.654,10 евра и нивните колеги во ИТ секторот од 11.122,80 евра.
Раководителите на фабрики заработуваат 10.655,10 евра месечно, управните директори 10.371 евро, пилотите 10.303, управителите на земјоделски површини 10.257,90 евра, финансиските директори 9.804,34, маркетинг менаџерите 8.947,99 и техничките директори 8.840,12 евра.
Листата на најдобро платените професии во Белгија ја заокружуваат медицинско-фармацевтските советници со месечни бруто плати од 8.807,24 евра, по што следуваат директорите на издавачките куќи со 8.759,16 евра, контролорите на летање со 8.738,75, раководителите на правните оддели со 8.727,40, раководителите за логистика со 8.669,29 и ИТ програмерите со 8.421,86 евра.
Најниско платени професии, пак, кројачите во текстилната, кожарската и конфекциската индустрија со просечни месечни бруто примања од 2.178,83 евра, по што следуваат социјалните работници со 2.195,06 евра, медицинските административци со 2.195,83, чуварите со 2.202,27 и шивачите со 2.279,49 евра.
Нешто подобро платени од нив се негувателите во детските градинки со просечни бруто плати од 2.287,53 евра, куќните помошници со 2.290,07 евра, чистачите со 2.308,45 евра, поштенските службеници со 2.323,62 евра, помошниците наставници со 2.372,81 евра, пакувачите со 2.387,51 евра и поштарите со 2.400,39 евра.
Потоа следуваат кинезиотерапевтите со плати од 2.402,22 евра, општите работници со 2.422,91 евра, текстилните контролори со 2.437,62 евра, касиерите со 2.452,79 евра, собарките со 2.462,44 евра и болничарите со 2.468,26 евра.
Во Белгија секоја година се врши корекција на платите согласно промените на трошоците за живот, процес познат како индексација на платите, со цел да се одржи нивото на куповна моќ на вработените и покрај инфлацијата.
Пресметаната индексација за 2024 година изнесуваше 3,58 отсто, што значи дека од 1 јануари годинава платите на вработените во Белгија беа зголемени за толкав процент. Сите работодавци се должни да ги корегираат платите на вработените согласно индексацијата, а оние кои нема да го сторат тоа ризикуваат да се соочат со казни.
Покрај ова, во јуни се исплаќа и годишна премија, чија цел е обезбедување дополнителна финансиска сигурност за вработените, и таа за годинава е пресметана на 323,69 евра.
Дополнително, според договорот постигнат меѓу коалициските партнери во Федералната влада на Белгија минатиот месец, во мај 2026 година социјалните бенефиции и платите на вработените во јавниот сектор ќе треба да се зголемат за два проценти за да се прилагодат на очекуваните повисоки трошоци за живот.
Прогнози за 2025 и 2026 година
Според проценките на Статбел, просечната инфлација во Белгија годинава ќе изнесува 2,1 отсто, а во 2026 – 1,3 проценти, што би било намалување во однос на ланската инфлациска стапка од 3,14 и 4,06-те отсто во 2023 година.
Статбел проценува и дека оваа година просечната цена на барел нафта ќе изнесува 68 барел, на природниот гас 38 евра за мегават час, а на електричната енергија 84 евра за мегават час.
Кога станува збор за следната 2026 година, се предвидува просечната цена на нафтата да биде 65 долари за барел, на природниот гас 31 евро мегават час, а на струјата 82 евра за мегават час.