
(Видео) Трилинг: Системски и политички циклон над Македонија?
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ гостуваа Зоран Тодоров граѓански активист, проф. Александар Маршавелски од Правниот факултет во Загреб, Блерим Беџети координатор на пратеничката група на Европскиот фронт, Џелал Незири аналитичар и Александар Србиновски национален координатор на Глобалната иницијатива.
Во новото издание на магазинот „Трилинг“ гостуваа Зоран Тодоров граѓански активист, проф. Александар Маршавелски од Правниот факултет во Загреб, Блерим Беџети координатор на пратеничката група на Европскиот фронт, Џелал Незири аналитичар и Александар Србиновски национален координатор на Глобалната иницијатива.

„Секој проблем во Македонија кога ќе почнеме да зборуваме за него или да пробаме да најдеме решение, започнува со корупција. Претпоставувам дека и ова било рецидив на некоја врста на корупција. 13 години никој ништо да не знаел, да не знаел дека има аномалии, дека е опасност за граѓаните, пред сѐ за децата во Кочани – тоа е невозможно, вели за „Трилинг“ граѓанскиот активист Зоран Тодоров околу истрагата за Кочани која сѐ уште трае, истовремено семејства на настраданите бараат одговорност за трагедијата во која загинаа 62 лица, а околу 200 се повредени.
Тодоров смета дека сите ние како систем имаме потфрлено.
„Ние како граѓани можеби најмалку, но тие кои учествувале во институциите кои требале тоа да го знаат, тие најмногу потфрлиле“, вели Тодоров.
Одговорајќи на прашањето кои се луѓе требале да знаат за дискотеката „Пулс“, кој се му прогледувал на газдата на „Пулс“, Тодоров смета дека тоа треба да го покаже истрагата.
„Овој пат мора да се истера правдата до крај, затоа што ова може да ни се повтори секогаш. Затоа мораме да знаеме дека со тоа мора да се сопре и да ги најдеме виновниците како еден пример за иднина дека сите институции кога работат треба да ја работат работата до крај.
-Кој потфрлил во овој случај конкретно – потфрлиле сите! Од МВР до луѓето кои ги издаваат лиценците – тоа е Министерството за економија. Потфрлиле УЈП, потфрлиле сите други инспекции кои доаѓаат во редовни контроли на сите компании, не само во Кочани, туку низ цела Македонија. Секој од нив можел да најде аномалија. Сега слушам и дека лиценцата била фалсификат, дека многу работи, многу луѓе потфрлиле при правење на проверки на оваа дискотека“, вели Тодоров.

Тодоров во разговорот истакнува и дека јавно на маршовите за настраданите до сега ниту еден пратеник од изборната едница 3 (каде спаѓа Кочани) било од позицијата или опозицијата сѐ уште се нема појавено.
Тодоров потенцира дека доколку сакаме општество во кое сите ќе живееме безбедно и да го чувствуваме како свое треба да одговараат сите без разлика во која гарнитура биле.
„Не треба да постојат амнестирани, туку да бидат обвинети вистинските виновници и да не биде како во некои поранешни случаи каде многу виновници се ‘протнаа и не одговараа за ништо’. Се надеваме дека овој пат нема да биде така“.
Осврнувајќи се на Законот за луѓето од Кочани инициран од опозицијата, а Власта не го прифати, Тодоров смета дека секоја помош е добредојдена.
„Се надевам дека ќе најдат начин и позицијата и трети партии заедно да направат едно решение за Кочани. Не е состојбата во Кочани црно-бела. Сите сакаат да го сведат тоа на позиција-опозиција, но тоа не е така. Во отсуство на систем секој може да ја земе правдата или законот во свои раце и така хаосот ќе биде поголем. Во Кочани, ако се продолжи со ова темпо, ќе имаме нагло иселување што ќе придонесе за немање на работна сила а со самото тоа и немање на иднина“, вели Тодоров.

Дали казната затвор за возачот Васил Јованов кој ја прегази младата Фросина во центарот на Скопје е во рамки на европската пракса.
Ова е едно од прашањата за кои разговаравме со професорот од Правниот факултет во Загреб Александар Маршавелски. Колку изнесува највисоката казна доколку на пример во Загреб возач прегази пешак?
„Судот во секој предмет мора да гледа отежителни или олеснителни околности и според тие околности всушност ја одреди правичната казна за сторителот. Ако на пример некој веќе и порано имал многу прекршоци, можеби е виновен и за повеќе несреќи, ако некој и загинал, логично е дека овој пат ќе добие поголема казна. Ако некому е прв пат му се случи, немал претходно прекршоци и со една грешка од небрежност сторил сообраќајна несреќа, тогаш логично е да добие помала казна.
-Во Хрватска став е дека во секој случај доколку некој загине затворска казна мора да има. Тие казни се од една, две до седум осум години. Просекот е од четири до пет. Исто така зависи и од тоа дали едно лице е загинато, дали се две, колку има повредени. Сите тие околности влијаат на казната“.
На прашањето која е најниската односно највисоката казна изречена за прегазување на пешак, Маршавелски вели дека има видено и една и пол година за сообраќајка со смртни последици, но има видено и седум до осум години казна затвор. Се зависи од околностите – дали возачот е млад, дали има деца, односно дали е родител“, додава Маршавески.

„Тоа е еден добар чин и е за поздравување што крилото на Таравари ја напушта оваа Влада без етнички легитимитет. Се надевам, но не сакам во нивно име да коментирам, дека увиделе на анкетите на јавното мнение дека апсолутното мнозинство на Албанците не се задоволни што ние и пред формирање на оваа Влада го укажувавме. Не само од партијата на Таравари туку повикувам и сите пратеници поединечно да размислат и да го напуштат ова владино мнозинство кое со сите постапки е многу штетно за државата и Албанците како и за сите граѓани. Од етнички карактер е многу штетно и ризично, ризичниот пристап на оваа Влада која иако нема легитимитет преку некои измеќари кои ги сметаме за малкумина и сѐ уште се обидуваат да манипулираат дури и во нивните редови, сметаме дека крајно време е сите пратеници да ја откажат довербата на оваа Влада, вели Блерим Беџети, координатор на пратеничката група на Европски фронт околу шпекулациите поврзани со заминувањето на Таравари од Владата.
Тој смета дека во овој момент Таравари и Ахмети ги спојува пристапот на Владата која секој ден се обидува да ги ускрати правата на Албанците.
„Тоа треба да ги спои сите избрани пратеници да се приклучат кон идејата за предвремени парламентарни избори и да се стави легитимитетот на маса и во практична ситуација. Спојката е многу лошиот, негативен пристап на Владата, не само кон Албанците туку и кон државата во целина“, смета Беџети.
Говорејќи за тоа дека владината коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ и ЗНАМ не така драматично или трагично го разбираат заминувањето на Таравари од „Илинденска“ бр.2, Беџети вели дека за жал постои еден пристап – „заложници на наративот“, а тоа е ВМРО-ДПМНЕ кои ги излажаа граѓаните од македонска етничка припадност – дека никогаш Северна, ќе смениме тоа и тоа, што не се случи и сега целиот дефокус сакаат да го насочат кон ускратувањето на правата на Албанците. ЗНАМ кој многу чудно и многу неполитички вели дека се таму за да не се уценува Владата, делот од ВРЕДИ се класично уценети измеќари и ништо повеќе. Веќе во оваа Влада нема албански претставници. И тоа не е здраво и ни за самиот премиер, ни за самата победничка партија, ни за Македонците. Реално треба да се ставаат нештата разумно и рационално за доброто на државата. Ваков пристап повеќе од јасно е дека Албанците не го прифаќаат и ние цело време укажуваме дека жестоко ќе враќаат. Жестоко ќе биде и во Собранието. На средбите со граѓаните, во структурите на партијата, има една огромна мобилизација, тоа го покажуваат и анкетите. После парламентарните избори во континуитет ДУИ е водечка политичка сила во државата“, оцени Беџети.

Околу ставот на лидерот на интегративците Али Ахмети – сите ќе излеземе на улица, Беџети прави паралела.
„Ставовите на нашиот претседател се потврдени и како водач и како лидер и неслучајно ја има таа поддршка. За жал, јас укажав и од собраниска говорница, ставовите од спротивната страна кај македонскиот дел што ги доби изборите имаат работа со еден непотврден водач од нивна страна кој друго им ветуваше пред изборите, но сега очигледно е дека ги излажал, односно не може да го испорача тоа. Предноста на Ахмети е што е потврден лидер во тоа што го кажува и го ветува. На спротивната страна за жал има сѐ уште, иако е победник на изборите, еден непотврден водач, лидер кај македонскиот блок“, смета Беџети.
За растечкиот криминал кој се идентификува со т.н „дуизација“ на општеството, од некaзнивост до општествена aгрeсивност, сомневањата за криминал од функционери на ДУИ, координаторот на пратеничката група на Европски фронт, Блерим Беџети, смета дека се работи за ПР што ова парламентарно мнозинство сака да го скрие. Пактот Мицкоски – Заев и некои вазали од оваа групација што се нарекуваат ВРЕДИ а во суштина (не)ВРЕДИ е пред изборите. Сакаат да го заменат со поранешните термини – националистички, сепаратистички иредентистички пристап и сега има една очигледна тенденција на злоупотреба на државните органи која произлегува од непочитувањето на легитимитетот, од гласот на Албанците и сакаат пред јавноста и меѓународниот фактор да покажат една тенденција дека ДУИ се корумпирани. На секој му е јасно дека политичката моќ на оваа држава е во канцеларијата на премиерот. Е сега премиерите не биле корумпирани, но биле министрите или некои директори. Ова не поминува кај никого. Ова е тенденција да се сее магла во јавноста за да се прикриваат овие антиалбански тенденции, а можеби и времето ќе покаже што се случува со работењето на актуелните функционери, смета Беџети.

„Не е прв пат вакви вртења да прават политичките партии на Албанците. Вратете се наназад, од 2017. година до сега – прво беше дел од владата преку Алинса на Албанците предводена од Села, после една година излезе, па влезе Алтернатива, па излезе Алтернатива па влезе БЕСА. Јас мислам дека проблемот е што веќе политиката се сфаќа како бизнис а не како платформа за дебата, дискусија заземање став за одредени нешта, дефинирање на проблемите, решавање на истите“, вели за „Трилинг“, аналитичарот и новинар Џелал Незири говорејќи за заминувањето на Арбен Таравари од Владата и дали се работи за конзистентност во ставовите или политичко лицемерие, како и за тоа како еден од најголемите критичари на ДУИ сега се приклонува во прегратките на Али Ахмети.
За тоа дали имањето на парламентарно мнозинство му дава таква слобода на Мицкоски да демонстрира супериорност, или преголемата концентрација на моќ која ја поседуваат ВМРО-ДПМНЕ може да му биде хендикеп во наредниот период, имајќи предвид дека во јавноста се чувствува како на Владата и на ВРЕДИ како да им е сеедно што Таравари заминува, Незири смета дека не им е се исто.
„Тие знаат дека голем број од законите и проектите коишто се нудат за усвојување во Собранието поминуваат со квалификувано мнозинство, а ќе им треба и Бадентер. Мислам дека немакедонски пратеници по етничка основа се околу 38 што значи дека околу 18 би требало да има парламентарното мнозинство за да се обезбеди бадентеровото мнозинство. Вие може да имате 80 пратеници но ако го немате тоа мнозинство може да имате голема пречка за усвојување на законите. Ако се усвојат без Бадентер тогаш веќе се отвора друг проблем кој оди во прилог на агендата на албанската опозиција т.е во Европскиот фронт предводен од ДУИ. Значи Владата ќе биде во една таква ситуација да трча по нови пратеници.

-Во такво сценарио не ја исклучувам можноста ДУИ да влезе на ‘Илинденска’ бр. 2, но интегративците не сакаат да влегуваат на таков начин без избори. Затоа мислам дека во тој случај предвремените парламентарни избори, дали за една година, дали за шест месеци ќе бидат неопходни. Во случај ВЛЕН да добие околу 100.000 гласови тогаш таа измена на коалицијата со излегувањето на Таравари нема да се почувствува и тој легитимитет на кој се повикуваше ВЛЕН дека го има, да ги претставува Албанците, ќе продолжи да го има и верувам дека во тој случај и Мицкоски нема да гледа потреба за нови предвремени парламентарни избори, од причина што веќе има максимален број на пратеници. Не верувам дека дека евентуални нови избори би му донеле повеќе од 58 пратеници“, смета Незири.

Околу толкувањето на Зеленски за недоаѓањето на Путин да седне на заедничка маса и дека сето тоа значи непостоење од руска страна волја за разврска на воениот конфликт, Србиновски вели дека тоа е точно но мора да разбереме дека Русија првенствено, иако за Европа е тоа дискутабилно, го доживува Зеленски како нелегитимен претставник на украинската власт.
„Оттука па натаму не верувам дека Путин воопшто некогаш ќе се седне на преговарачка маса со Зеленски. Нивните услови се јасни, тие имаат крајно тврда позиција, односно во мировните преговори настапуваат од позиција на моќ. Тие се чувствуваат дека они се тие кои треба да го диктираат темпото, волјата и начинот како треба да се случуваат преговорите. Опцијата за мир сепак постои, меѓутоа мора да ја гледаме геополитички поинаку од досега. Верувам дека единствениот некој кој може да донесе оваа критична состојба во светот до мирна точка е само САД, односно Доналд Трамп, бидејќи тој е единствениот медијатор којшто Москва, односно Владимир Путин го доживува како еквивалент со којшто може да тргува и да преговара за одредени спорови во светот.
-Битно е да се напомене дека Москва, особено во изминатиов период откако започна на терен да ја менува динамиката на борбеното ниво, ја доживува Европа како небитен геополитички фактор, односно како дека постои како политичка меѓународна конструкција но не со релевантни геополитички моќи како Вашингтон или Пекинг“, вели Србиновски.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го видеото.