Ко-основачот на Мајкрософт, мултимилијардерот Бил Гејтс (66) на Твитер објави дека е позитивен на Ковид 19. Напиша дека се изолирал со благи симптоми и дека примил и засилена доза од вакцината. Тој рече дека виртуелно ќе учествува на состанокот со луѓето од својата фондација.
Минатата недела Гејтс објави книга со наслов „Како да се спречи следната пандемија“, во која објаснува како земјите би можеле да преземат координирани напори за спречување на пандемии и „елиминирање на сите респираторни заболувања“.
Фондацијата Бил и Мелинда Гејтс соопшти дека донирала милиони на организации, вклучително и на Светската здравствена организација, за финансирање на тестирања, третмани и дистрибуција на вакцини.
Во јануари годинава Гејтс на Твитер порача дека коронавирусот, „штом омикрон ќе помине низ земјата, ќе може да се третира повеќе како сезонски грип“.