По одлуката на Вселенската патријаршија да ја признае Охридската архиепископија како канонска црква, МПЦ-ОА се враќа во канонско единство со другите православни помесни цркви.
Оваа одлука не значи томос за автокефалност, туку чекор кон конечно решавање на статусот на нашата црква, што сепак, по препорака на Фанар ќе се бара преку разговори со СПЦ.
Синодот на МПЦ-ОА изрази благодарност до вселенскиот патријарх Вартолемеј за одлуката на Цариград да ја признае црковната ерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет, со име се кое се потврдува вековниот црковен континуитет и најави продолжување на разговорите со СПЦ до уредувањето на конечниот статус на македонската црква.
Одлуката на Вселенската патријаршија ја поздравија и државните власти.
За Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) долгоочекуваната одлука на вселенскиот патријарх е „конечна правда за нашата црква, која никогаш ништо што не и следува не посакуваше, беше пример за кроткост и христијански етос, трпеше, но не нанесуваше неправди, како и признание дека никогаш и не сме имале црковен, уште помалку духовен проблем, туку административни недоразбирања“.
Засега нема реакции од останатите православни помесни цркви, па дури ни од Српската со која долги години се водеа јалови преговори околу статусот на МПЦ. Со реакција излезе единствено Руската православна црква, која објави дека ги признава само канонските права на Српската православна црква (СПЦ) во Северна Македонија.
Медиумите во регионот, пак, го пренесуваат соопштението од Вселенската патријаршија, како и реакциите од кај нас.
Подетално на прашањето се осврнуваат некои од црковните портали во Грција. „Ортодоксија инфо“ во текстот под наслов „Шах- матот на вселенскиот патријарх што го збриша планот на руско- српската оска за нова турбуленција на Балканот“, пишува дека со одлуката на Светиот синод на Вселенската патријаршија „се става крај на повеќегодишната перипетија на шизматичката црква, која ја врати во рамките на канонската православна црква“.
Додава дека и покрај непријателскиот став на Српската патријаршија, Константинопол не навлегува подлабоко во прашањето и му остава на Белград да преземе потези за завршување на постапката по ова прашање.
Во Србија и Бугарија засега само се пренесува информацијата за прифаќањето на МПЦ-ОА во канонска заедница со сеправославниот свет, со акцент на тоа дека признавањето е како „Охридска“, а не „Македонска“. Дел од медиумите ја оценуваат одлуката на Вселенската патријаршија како мешање во јурисдикцијата на СПЦ, но и удар врз БПЦ која полага право на древната Охридска архиепископија.
Одлуката на Фанар следува по четиригодишното разгледување на молбата за апелација што ја испрати МПЦ-ОА во врска со решавањето на нејзиниот статус, како и по испратените писма и средби што ги имаа македонските државни претставници со вселенскиот патријарх Вартоломеј.
Митрополитот Дебарско-кичевски и администратор Австралиско-сиднејски Тимотеј, вчера изјави дека МПЦ-ОА всушност никогаш и не ги прекратила разговорите со српската црква, но тие не секогаш се објавуваат во јавноста.
-Затоа велиме продолжувааат и во соопштението го потенцираме тоа дека разговорите со СПЦ продолжуваат се додека не најдеме конечно решение за тој автокефален статус. Засега останува во рамки на тесен круг на дипломатски преговори помеѓу двете цркви, истакна владиката Тимотеј.