
Меѓу клучните новини кои се дел од предлог-законското решение е утврдување на постапката за разрешување на претседателот на Судскиот совет. Оваа постапка, како што наведуваат од Министерството, во никој случај не би смеела да се одвива со исклучување на јавноста. Постапката за разрешување за претседателот на Советот или неговиот заменик треба да се поведе од најмалку четири члена, а да се изгласа од најмалку осум.
Понатаму, во предлог-законот се прецизирани условите кои треба да ги исполнуваат кандидатите за член на Советот кои ги избира парламентот на јавен оглас или на предлог од претседателот. Во оваа смисла, се појаснува поимот „истакнат правник“ и потребните квалификации кои треба да ги исполнуваат кандидатите.
„Како ‘истакнат правник’ се подразбира дипломиран правник со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит или универзитетски професор по право со најмалку седум години работно искуство во наставно-научно звање, да се истакнал со научна или професионална работа за прашања од областа на правосудството, да се истакнал со свое јавно делување во заштита на владеењето на правото, независноста на судството и човековите права, како и да ужива углед и да поседува интегритет за вршење на функцијата член на Совет за што приложува најмалку три препораки од универзитетски професори по право, адвокати, поранешни или сегашни судии на Уставниот суд или на меѓународни судови, или лица/е а со најмалку 15 години работно искуство во правната професија по положен правосуден испит од кои две од лица кои припаѓаат на истата правна професија“, наведуваат од Министерството.
Со предлог-законското решение се предвидува и зајакнување на легитимитетот на процесот на избор на членови на Советот од редот на судиите, појасно уредување на постапката за утврдување одговорност на членовите, вклучувајќи и нивно разрешување, како и обврска Советот да ги прецизира, индивидуализира и образложи одлуките за избор и утврдување одговорност на судиите.
„Понатаму, зајакнување на принципите на јавност и транспарентност на постапката за избор на несудски членови преку воспоставување на можност за јавна расправа на која кандидатите за член ќе може да се претстават и ќе може да им се поставуваат прашања за нивното професионално искуство и стручност“, предвидува една од измените во законот за Судски совет.
Покрај овие, како што појаснуваат од Правда, во предлог-законското решение се имплементирани и други измени со кои се адресираат препораките од Оценската мисија на ЕУ.