
Дебата за проширувањето на ЕУ и Инструментот за реформи и раст за Западниот Балкан
Членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска ќе дебатираат со еврокомесарката за проширување Марта Кос за пристапниот процес, за Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и за Инструментот за реформи и раст за Западниот Балкан.
Членовите на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) денеска ќе дебатираат со еврокомесарката за проширување Марта Кос за пристапниот процес, за Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и за Инструментот за реформи и раст за Западниот Балкан.
Седницата на Комитетот ќе започне попладнево со размена на мислења на меѓу членовите на АФЕТ и Кос за Работната програма на Европската комисија во делот на проширувањето на ЕУ.
Во Работната програма на ЕК за 2025 година се посочува дека во време на голема нестабилност и големи очекувања за Европејците, изборите што нашата Унија ќе ги направи во текот на оваа година веројатно ќе ја обликуваат Европа во наредните децении.
– Ова ги одразува и нестабилностите и несигурностите со кои се соочува Европа… и го покажува обемот на генерациските предизвици со кои се соочуваме. Но, исто така е индикативно за тоа како една похрабра, поедноставна и побрза Унија, која ја користи својата големина, моќ и вредности, може да направи вистинска разлика во животот на луѓето и да ги поддржи денес, но и да подготви побезбедна, попросперитетна и поздрава иднина за генерациите што доаѓаат, се наведува во програмата.
Во неа, Еврокомисијата се обврзува да преземе чекори за подготовка на сегашните членки за поголема Унија, но да ги зголеми напорите за поддршка на земјите кандидатки за членство за нивно пристапување во ЕУ преку процес заснован на заслуги.
– Конфликтите и превирањата во денешниот свет, исто така, ја зголемија свеста дека поголема Унија е посилна Унија, правејќи го нашиот континент побезбеден, нашиот пазар поконкурентен и дополнително зацврстувајќи ја европската демократија, се додава, меѓу другото, во програмата за работа на ЕК за 2025 година.
По ова ќе биде одржан посебен геополитички дијалог на високо ниво меѓу членовите на АФЕТ и Кос посветен на Инструментот за претпристапна помош (ИПА III).
Во продолжение на членовите на АФЕТ ќе им се придружат и нивните колеги од Комитетот за буџет на ЕП на заедничка размена на мислења за Инструментот за реформи и раст за Западниот Балкан.
Инструмент за реформи и раст за Западен Балкан е финансиски столб на Планот за раст на Западниот Балкан наменет за поддршка на реформите поврзани со напорите на земјите од регионот за пристапување кон Унијата и за обезбедување на нивниот економски раст.
Во рамки на Инструментот за периодот од 2024 до 2027 година се обезбедени до две милијарди евра во грантови и четири милијарди евра кредити под поволно услови за шесте партнери на ЕУ од Западниот Балкан.
Главната цел на овие средства е поддршка на напорите на шесте земји од Западниот Балкан за усогласување со вредностите, законодавството, правилата, стандардите, политиките и практиките на ЕУ и нивна подготовка за идно членство во Унијата, напоредно со прогресивна интеграција во единствениот европски пазар и со социо-економска конвергенција со блокот.
Преку Инструментот ќе бидат поддржани низа социо-економски проекти и реформи поврзани со владеењето на правото и основите права, утврдени со реформските агенди на секоја од шесте земји од регионот. Исплатата на средствата од Инструментот, која треба да се врши двапати годишно, ќе зависи од темпото и успешноста на спроведувањето на предвидените реформи, како и од обезбедување макрофинансиска стабилност, стабилно управување со јавните финансии, транспарентност и надзор над буџетот.
Во рамки на Инструментот земјава во март, како прва меѓу државите во регионот, доби 52,4 милиони евра во форма на претфинансирање, од кои 24,4 милиони евра за буџетска поддршка.