
На Денот на Европа и Денот на победата, претседателот на Србија избра страна. Во длабоко поделена Европа по руската агресија врз Украина, Александар Вучиќ отпатува на воената парада кај Владимир Путин во Москва.
„Сакам да ви кажам, почитуван претседателе, дека не дојдов да барам нешто, туку да ви кажам едно големо благодарам. Да ве известам дека мислам дека успеавме да се избориме против обоената револуција организирана однадвор, со цел рушење на српското раководство“, изјави Вучиќ.
Додека тој беше во Москва и го славеше Денот на победата, од друга страна, оние што го чествуваа Денот на Европа имаа остри коментари.
„Мислам дека денес треба да се биде во Украина, а не во Москва“, изјави шефот на Делегацијата на ЕУ во Србија, Емануел Жиофре.
„Вучиќ нека оди во Москва – таму му е местото. Но, на Србија не ѝ е таму местото, туку во Брисел“, порача Владимир Међак од Европското движење во Србија.
„Русија знае дека со ваков режим и политичка структура, секогаш ќе има поддршка во Србија за нејзино присуство во регионот и во самата држава“, вели поранешната амбасадорка во Русија, Јелица Курјак.
Курјак додава дека Србија можела да испрати и министер за одбрана, но не – единствен кандидат за членство во ЕУ чиј претседател беше присутен на парадата во Москва беше токму Вучиќ. Словачкиот премиер Роберт Фицо беше единствениот од земјите членки.
За руските домаќини – тоа беше важно да се истакне.
„Мнозгумина дојдоа во Москва и покрај притисоците. Денес, ако зборуваме за Вучиќ и Фицо, тоа е чин на хероизам“, рече портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков.
Но, тоа што за Москва е хероизам, за Брисел е повод за санкции. Социјалдемократите во Европскиот парламент бараат казнени мерки против Србија:
„Ништо повеќе нема да биде исто. Поддршката за Путин ѝ штети на Србија, регионот и целиот процес на проширување. Калас, Кос, Фон дер Лајен – рековте дека ќе има последици. Делувајте сега!“
Со години европскиот пат на Србија стагнира. Посетата на Вучиќ на Москва, и покрај пораките од ЕУ, може конечно да стави крај на интеграциите. И на автентичното антифашистичко сеќавање.
„Денешна Москва, со ваков политички режим и состојба на слободи и права, не е автентичен наследник на антифашизмот“, вели историчарот Срѓан Милошевиќ.
На прашањето дали српската власт е автентичен наследник на антифашизмот, тој додава:
„Па уште помалку, или на ист начин – затоа и се најдоа таму.“
Додека претседателот беше во Москва, 80-годишнината од победата над фашизмот во Белград помина без многу врева – со прошетка на „Бесмртниот пук“, положување венци и почит пред гробот на непознатиот јунак. Само премиерот Ѓуро Мацут оддаде почит на Авала.