Славески и Ставрески – најсериозни кандидати за нов гувернер на Народната банка

Се очекува во следните денови претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да достави предлог до Собранието кој ќе раководи со монетарната политика на државата

Поранешните министри за финансии Зоран Ставрески и Трајко Славески се најсериозни кандидати за нов гувернер на Народната банка.

Седумгодишниот мандат на актуелната гувернерка на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска истекува на 22 мај годинава.

Се очекува во следните денови претседателката Гордана Сиљановска-Давкова да достави предлог до Собранието кој ќе раководи со монетарната политика на државата.

Од кабинетот на претседателката, како што пренесува телевизијата, изјавија дека сè уште се прави анализа на потенцијалните кандидати за гувернери.

Сепак, според интерната анкета на владејачката партија, едно од најистурените имиња за нов гувернер е поранешниот министер во претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Ставрески. Тој својата кариера ја почнал токму во Народната банка, а потоа станал државен секретар, па министер за финансии и вицепремиер за економски прашања. Сè до 2016 година. Во неговата биографија пишува и дека работел во Светска банка.

Неговиот претходник на местото министер за финансии, Трајко Славески, исто така е едно од посериозните имиња за прв човек на Народната банка. Тој е долгогодишен професор на Економскиот факултет во Скопје и актуелен претседател на Советот на Град Скопје.

Покрај Ставрески и Славески, според анализата на ТВ Сител, потенцијални кандидати за иден гувернер се и актуелната Ангеловска-Бежоска и Маја Кадиевска-Војновиќ, актуелна членка на Надзорниот одбор на КИБС и Надзорниот одбор во Стопанска банка Битола.

Процесот за избор на нов гувернер е надлежност на претседателот на државата и на Собранието.

Според Законот за Народна банка, мандатот на гувернерот трае седум години и има право на уште еден реизбор.

Доколку не се избере нов гувернер во Собранието, за што треба 61 глас, функцијата продолжува да ја врши актуелниот, сè додека не се назначи негов наследник.

Инаку Славески во интервју за „Трилинг“ недела дена пред новогодишните празници, на прашањето дали има амбиции за гувернер на Народната банка изјави дека е задоволен со тоа што има бонус, според законот, од три години на Економскиот факултет во Скопје.

„По наполнети 64 години да продолжам со предавања. Имам и други обврски во Советот на Град Скопје и не сум размислувал за тоа“, изјави Славески на 20.12.2024 година за магазинот „Трилинг“.