
(Видео) Кртолица: Ако целта ни е ЕУ најмалку потребни ни се козметички реформи
🔴 -Тоа што е многу важно, самото членство во ЕУ не треба да се гледа низ призма како членство, туку треба да се гледа низ призма како создавање на држава која сите параметри ќе ги исполнува. Во моментот кога ние ќе станеме дел од ЕУ сите проблеми веројатно нема да исчезнат, така што процесот на преговори е замислен сите овие моменти станат реалност низ процес на преговори и од некој вид на козметички станат суштински, смета проф. Кртолица.
„Мерц доаѓа во прилично интересна политичка состојба. Доста изменета политика на САД и кон прашањето на Европа, Украина и Русија, но и кон прашањето каква улога треба да имаат сами кон себе, така што и за време на кампањата , а и понатаму Мерц неколку пати најави дека е време ЕУ да ја земе сопствената судбина во свои раце и да покаже дека и она претставува определен играч на светската мапа“, изјави во „Трилинг“ универзитетскиот професор Марко Кртолица за последните случувања во Германија.
– Политиката на САД без разлика дали претседателите биле од Републиканската партија или од Демократската биле прилично конзистентни во поглед Европската Унија да егзистира и од односот на САД кон своите партнери во рамки на НАТО алијансата. Сега гледаме поинакви пораки што ја прават ЕУ многу поранлива, имајќи предвид дека претходно многу повеќе се потпирала на моќта, политичка и економска, на САД и практично се отвора простор за ЕУ да покаже дека претставува самостојно определен битен играч на мапата.
-Ова доаѓа во прилично тежок момент, ја имаме војната во Украина, доаѓа во прилично тежок момент бидејќи и во рамките на европските држави забележуваме подем на илиберални политички партии и забележуваме одредени тенденции на демократско уназадување, така што навистина ќе имаат тешка задача во претстојниот период, не само во поглед на прашањето околу војната во Украина, но и во која насока понатаму Европската унија ќе се развива, имајќи предвид дека и во самите земји членки во подем се политички партии кои ја преиспитуваат потребата од постоење на Европска Унија во ваков формат.

Говорејќи за тоа дека во ЕУ постои своевидна замореност од процесот на проширување и дали тоа е и порака и делува дестимулирачки за земјите аспиранти за членство, Кртолица вели дека нашата приказна во патот на европските интеграции навистина е уникатна.
„Оние кои не ја познаваат историјата и сопственото минато се осудени грешките од минатото да ги повторат. Ако погледнеме ние уште во 2003 година на Самитот во Солун добивме јасно уверување дека сите земји од Западниот Балкан ќе станат еден ден дел од европското семејство. Но почнувајќи од 2005-та година па некаде до 2022 година гледаме дека тоа ветување бледнее некако, односно дека датумот кога тоа ќе стане реалност станува некако недофатлив. Практично по 2005-та година се се забележува еден процес каде самата ЕУ има определен замор и недоверба кон наредно проширување. Она што за нас е релевантно, во моментот кога ние и нема да бидеме примарниот фокус на ЕУ, кај нас реформите запираат и доживуваме определени назадувања во поглед на владеење на право, во поглед на човекови слободи и права, во поглед на параметри кои се битни за едно демократско општество. Како ЕУ во тој период реагирала кон ваквите состојби и кај нас и во другите држави на Западен Балкан, односно подемот на авторитарните тенденции? Прилично тивко. Ако погледнете во извештаите за напредокот на сите држави забележани се аномалии, меѓутоа се прилично технократски направени и би рекол дека недоволно е акцентирано дека државата не оди во вистинската насока.
-Така е многу интересно да погледнете како Македонија која низ неколку години добива препорака да ги започне преговорите, наеднаш во 2015-2016 година Македонија да биде етикетирана, да биде условена како грабната држава, заробена држава. И во тој период кога ќе земете, покрај тој технократски моментум го имате и моментумот дека дури и во периоди кога таквото назадување на демократските вредности е многу евидентно, политичари од страна на ЕУ беа присутни во земјите на Западен Балкан истакнувајќи дека добри реформи се спроведуваат“, вели Кртолица.
За тоа дали имаме демократска култура и искрена спремност во исполнувањето на критериумите кои ни ги испорачуваат од Брисел или само се реализираат козметички решенија, Кртолица вели дека таквиот капаците ние треба да го стекнеме низ процесот на преговорите.
„Тоа што е многу важно, самото членство во ЕУ не треба да се гледа низ призма како членство, туку треба да се гледа низ призма како создавање на држава која сите параметри ќе ги исполнува. Во моментот кога ние ќе станеме дел од ЕУ сите проблеми веројатно нема да исчезнат, така што процесот на преговори е замислен сите овие моменти станат реалност низ процес на преговори и од некој вид на козметички станат суштински.
-Она што би сакал да го потенцирам е суштинските моменти кога ќе може да ги забележиме најчесто доаѓале во моменти кога видливоста, предвидливоста на процесот за членство во ЕУ биле присутни. Моментот кога тоа се губи некако повеќе се врзуваме за козметички промени колку да се покаже дека одредени промени се прават во име на членство во ЕУ.

Говорејќи за тоа каде Македонија потфрли, имајќи во виде дека пред неколку години бевме можеби најподготвени во однос на другите земји во регионот, Кртолица вели дека приказната е двојна.
„Од една страна нема никакви дилеми дека приказната е тажна, бидејќи во моменти кога сме требале да добиеме награда, таа награда не сме ја добиле. Пример 2019-2020 година наместо процесот на преговори конечно да биде започнат, ние се соочивме со ново вето и тука некако потфрливме. Наредните години наместо да се донесат, а уште повеќе имплементираат законските решенија во пракса, или не беа донесени или останаа само некој вид парче хартија не имплементирано во пракса“, вели проф. Кртолица.
Околу прашањето зошто и покрај законодавен дом има потреба од одржување на лидерски средби, Кртолица вели дека тоа е една од големите болки и тие се веројатно многу сликовит приказ на моќта на неформални институции во Македонија кои веројатно го прават проблемот помеѓу козметички промени и суштински промени.
„Дека главните одлуки ви се носат на лидерски средби, зад затворени врати далеку од очите на јавноста, не е приказна за држава која треба да биде дел од ЕУ“, смета Кртолица.
Целото интервју со универзитетскиот професор Марко Кртолица погледнете го видеото.