(Видео) Проф. Марковиќ: Гласовите за советници се порелевантни, Таравари ќе мора да излезе од Владата

🔴 - Арбен Таравари ќе мора да ја напушти Владата, а понатаму како ќе настапува е прашање на политичка проценка - со ДУИ, без ДУИ, сам. Иако негов соло настап не знам што би значел. Би се изгубил помеѓу ВЛЕН и ДУИ. ВЛЕН ќе има сесрдна помош од ВМРО-ДПМНЕ и нивните гласачи. ДУИ веројатно е убеден дека е доволно силен на терен за да истрча. Гледаме дека дури и парламентарни избори бараат од ДУИ и се убедени дека добро би поминале во ваква ситуација особено што сега успеаја да направат маневар на привлекување на Таравари на своја страна. Затоа сметам дека Таравари ќе мора да напушти да се определи за некаква коалиција со ДУИ што од друга страна го става Села во една прилично непријатна позиција . Веројатно Таравари реши да се евакуира од Влада која нема намера да направи нешто со прашањето со Бугарите во Уставот и со преговарачката рамка. Факт е дека позицијата на ВЛЕН во оваа власт и позицијата на ДУИ во претходната Влада е небо и земја. ДУИ на крајот ги водеше сите процеси. Имаше огромно влијание. Ова сега е страшно намалување на политичката моќ на Албанците. Да не се користи реториката дека ВМРО-ДПМНЕ стално знае, за разлика од СДСМ, да им го покаже местото на Албанците. Се додека дискурсот е така врамен дека некој некому треба местото да му го покажува, според мене, нема да имаме здрав меѓуетнички живот", потенцира професорот по политички науки на Правниот факултет Ненад Марковиќ.

„Евидентно е дека има некоја порака. Прва е пораката околу кохерентноста на коалицијата која е создадена во Германија, а можеби имплицира и за нејзината долговечност. Дефинитивно дел од пратениците во Бундестагот сакаа да му пратат порака на Мерц колку е пожелен а колку не е пожелен како решение, иако во вториот круг се успеа во неговиот избор. Мислам дека целта беше да се прати некаква политичка порака дека очекувањата од другите партнери кои се во Владата ќе бидат малку високи и дека од старт Мерц ќе биде под огромен притисок. Под огромен притисок ќе биде внатре во Германија но и однадвор со оглед на состојбите во Европа, односите со САД, практично непостоечките односи со Русија и тн., што веројатно мандатот на Мерц ќе го прави најтешките и најмачните во историјата на сите овие 10 германски канцелари, говорејќи околу изборот на новиот германски канцелар и фактот дека за прв пат во историјата германскиот Бундестаг не успеа во првиот круг да обезбеди доволен број на гласови за новиот, десетти канцелар на Германија.

Околу одлука на новата германска влада да се укине специјалниот претставник за Западен Балкан и колку ваквиот чекор е порака за интеграцијата и интересот на Германија во однос на земјите од Западен Балкан имајќи ја предвид и политиката на ЕУ во делот на точката за квалификувано мнозинство во делот на интеграциите и укинување на политиката за вето, проф. Марковиќ вели дека воопшто не го секира тоа што Германија нема да има претставник за Западен Балкан со оглед на тоа што веќе трасата е поставена.

„Ние знаеме каква е преговарачката рамка. Она што се бара како иницијален чекор евидентно е дека е неприфатливо и нема да се случи во скоро време, но добро е што Германија со поддршка од Словенија почна активно да го заговара сценариото одлуките да престанат да се донесуваат со консензус. Знаете ли колку популистички влади и влади кои профитираат од билатерализација на пред пристапниот процес ќе изгубат политички капитал во ваква ситуација? Нормално прва која излезе да побуни беше Јотова која кажа дека тоа е неприфатливо за Бугарија, бидејќи (тука би ја ставил и Унгарија) профитираат од фактот дека сите одлуки треба да се донесуваат со консензус и профитираат од таа можност да уценуваат.

-Ова што го заговара Германија ќе оди многу тешко, а тоа дека западните земји имаат изгубено интерес за Балканот е прилично јасно. Тоа не е нешто ново. Но тоа не е така страшно бидејќи процесот е трасиран. Ние треба да го изодиме. Нема да го изодиме, вели Марковиќ.

Фото: Трилинг / Ненад Марковиќ

За тоа кога бугарскиот претседател Радев вели дека во неговиот речник не постои зборот отстапки и колку ваквиот став допира до македонските власти или до кога ќе се надеваме дека сепак во официјална Софија ќе преовладува разумот и дека ќе се направи некаков исчекор во кој би се дошло до ситуација на Вин – Вин позиција, Марковиќ смета дека се додека предоминантно луѓе како Радев ја водат Бугарија не треба да се очекува никаков напредок.

„Јас ако нешто не сакам да правам тоа е да давам некакви лажни надежи на јавноста независно дали тоа ме прави популарен или непопуларен, дали луѓето ме мразат заради тоа или ме сакаат. Јас очекувам нула отстапки од Бугарија и не само кога е Радев. И да се малку поумерени политички сили ќе постапат на истиот начин – само ќе не упатат на преговарачката рамка е веќе дефинирана и која за нас е неприфатлива врз база на која не можеме да преземеме политички чекори затоа што јавноста очекува сосема поинаков тип на акција а тоа е непреземање на таков чекор, односно не правење на таков компромис. Јасно е дека Радев припаѓа на онаа најантимакедонстичка струја во бугарската Влада без конкуренција. Он е дел од од една политичка структура која веројатно најрадикално сака да се спротивстави не само на Република Македонија туку генерално на македонизмот, што не ги прави другите политички сили поумерени. Дури најумерените имаат горе-доле ист став. Тоа нас не не амнестира од обврската да си го решиме проблемот затоа што ќе западнеме во истата заблуда во која бевме со Грција, дека времето работи за нас, дека ќе дојде некоја подобра влада и слично“.

Според Марковиќ стагнацијата на евроинтегративниот пат би значело истото она што се случуваше во десет години владеење на Груевски.

„Ќе биде реприза на сосема истото. Не очекувам нешто поразлично да се случи. Ќе изгубиме десет години. На крај ќе дојде некоја влада која ќе сфати дека мора некако да го реши проблемот. Ако тоа решение не биде уште порадикално и полошо од ова што сега го имаме, времето не работи за нас во таа смисла и ќе се случи тоа што се случуваше во периодот 2006-2016-та. Јас мислам дека имаме една комплетна реприза на целата таа епизода, само со нов билатерален проблем, кој по мене е дури можеби поосетлив од прашањето на географската одредница на државата и решавањето на проблемот со името, затоа што задира не некои уште почувствителни делови на македонскиот идентитет и задира многу непринципиелно. Но затоа велам, колку и да е болно и тоа да е еден непријатен процес кој нам ни предизвикува една нелагодност и страшни фрустрации, не не амнестира од фактот дека мораме да го решиме, мора да стиснеме заби и да најдеме начин некако да го надминеме. Отстапки од Бугарија не очекувам, отстапки од наша страна нема да има, така што овој статус кво ќе биде една подолгорочна ситуација во која нема да дојде до некое решение. Ако после локалните избори не се преземе нешто мислам дека возот ќе замине. Ќе ги гледаме другите држави како полека напредуваат. По сите индикации тоа ќе бидат Албанија и Црна Гора. Не верувам дека тоа ќе биде Србија, посебно не после ова што се случи последните неколку дена и веројатно на оние луѓе кои се еврооптимисти ќе им биде криво, а оние другите ќе си ја раскажуваат онаа приказна за мали деца дека ете утре ЕУ ќе се распадне, дека тоа и онака не вреди, дека ние не можеме да направиме никакви компромиси и тн., односно таа некоја утешителна приказна ќе биде медиумскиот фрејминг, владин и тн…

Фото: Трилинг / Ненад Марковиќ

Говорејќи за податокот дека за 11 месеци се посетени три егзотични дестинации како Јапонија, Обединетите Арапски Емирати, туристичката дестинација Валенсија, февруарската турнеја, неколкудневните посети на САД и Австралија, патувањето во Унгарија, а на мапата на реализирани надворешно-политички дестинации ретко може да се види Брисел, притоа блиски луѓе до власта, поранешни амбасадори, соработници се почесто се зборува за алтернативни решенија и се актуелизира идејата за БРИКС, проф. Марковиќ вели дека се работи за политички авантуризам.

„Посебно идејата за БРИКС. БРИКС е за големи играчи. БРИКС е нешто сосема друго. Меѓутоа тоа е тој „фрејминг“ кој треба да потсети на она што го прави Александар Вучиќ. Тоа е некаква приказна која потекнува од тој дискурс на неврзаните и која е блиска на таа средна и постара генерација која е практично маса на гласачко тело, односно гласачко тело кое е мнозинство. таа приказна одѕвонува, резонира прилично јасно кај нив дека ние ќе се најдеме во некоја балансерска улога. Кога веќе Европа не не сака, кога веќе таму не припаѓаме ќе водиме некоја балансерска улога, ќе одиме на парадата во Москва и тн., ќе изиграваме некакви неврзани, некаков трет блок се додека ЕУ не се одоброволи да не прими што по мене е некаква бледа, лоша и неубава копија на политиката на Вучиќ. Но искрено не мислам дека Владата ќе оди во тој правец. Искрено мислам дека тоа е само ПР, односно ПР вратоломии. Да. Малку се олабави притисокот околу европската интеграција, затоа што во суштина иако нема што да се олабавува, јасен е ставот на јавноста дека над 80% од етничките Македонци не сакаат компромис со Бугарија, така што притисок всушност не постои. Сега „фрејмингот“ малку се менува во правец на тоа дека ете ние ќе ја водиме таа политика на трет пат. Мене ме потсеќа на титовистичката политика на неврзаните и дека демек тоа е паметно. Не мислам дека тоа ќе да де било каков резултат, тоа ќе оди во правец само на некакво утешение за нашата неуспешност која за жал не е е само наша вина. Со вакви соседи евидентно е дека многу тешко да напредуваме. Но јас мислам дека јавното мислење неповратно е сменето и дека политичките елити немаат многу избор освен да го слушаат, бидејќи било каков обид да се реши нешто има многу висока политичка цена. Ќе има многу повисока политичка цена во однос на Преспанскиот договор на пример, кој како така помина некако кај јавноста. Не многу сјајно но помина. Овој пат такво нешто не е возможно. Гневот кај граѓаните е голем, прилично се бесни, се осеќаат изневерени од ЕУ, што воопшто не значи дека таа политика на неврзаните која ние сакаме да ја имитираме и тој некој дискурс на Вучиќ воопшто нас ни одговара или води некаде. Околу БРИКС јас можам само да кажам со среќа, нека се обидат. Сметам дека тоа нема никаква иднина, меѓутоа тоа е дискурсот кој се наметнува и тоа е дискурс кој е последица на фрустрација и гнев, вели професор Марковиќ.

За посетата на хрватскиот претседател на Македонија и сугестијата да не бидеме жртва на некаква принуда кога станува збор за членството во ЕУ, Марковиќ вели тоа тие изјави доаѓаат од луѓе како Орбан, Милановиќ и тн., кои во принцип се најголеми корисници на ЕУ фондовите, а најмалку придонесуваат и кои апсолутно се во огромен профит од членството во ЕУ:

„Погледнете ги нивните контрибуции, на Хрватска и Унгарија, а погледнете колку средства трошат и се ќе ви стане јасно. Така што таа позиција на демагогија – немојте да одите во ЕУ од перспектива на ЕУ држава – благодарам за советот. Секако нема да одиме со вакво јавно мислење и со ова расположение кое сега владее предоминантно во Македонија. Така што нема за што да се секира Милановиќ. Нека продолжат да ги користат ЕУ фондовите масовно и нека ги поучуваат другите како во ЕУ е лошо и како не треба да се оди. Тој тип на демагогија јас би го оставил за широките народни маси. Некому веројатно му се допадна оваа демагогија.

Говорејќи дали битката против корупцијата е ден од моделите на свртување кон внатрешните приоритети за намален криминал и правна сигурност, Марковиќ вели дека секоја нова влада почнува нова битка со корупцијата и сите тие битки завршиле на ист начин, затоа што се базираат на системот кој е воспоставен овие 30 години а е фундаментално корумпиран.

„Јас во 2016 година можеби бев малку оптимист и морам да признаам веројатно испаднав будала. Сега веќе не сум и не верувам дека со промена на било која следна власт ќе бидам оптимист затоа што тоа е истиот човечки материјал, тоа е истиот систем, тоа е истиот судски систем, тоа е истата администрација, тоа се во крајна линија вториот или третиот ешалон на истите политичари кои беа дел од една влада која немаше баш сјаен историјат на борбата со корупцијата. Така што да замислите дека ќе замислите поразличен колач со истото тесто е прилично наивно.

-После изјавата на Мицкоски дека „во државата нема веќе место за врски, непотизам и заштита од одговорност. силата на државата не се мери со привилегиите на поединци, туку со тоа дали правдата стигнува и до најмоќните“, во истиот ден на неговиот коалициски партнер му се откри една прилично голема и скапа афера, така што го демантираше инстантно. Како изјава сето тоа е легитимно, но тоа ќе треба да се покаже на дело. Декларативниот дел на политички изјави апсолутно го игнорирам, мене треба некој тоа да ми го покаже реално време, да видиме колку актуелни функционери и политичари ќе отидат во затвор, бидејќи овие од бившата власт да ги затворате е многу лесно. Почна нешто со Рашковски, со Зеќири во минатата власт и тоа беше прилично недоволно, беше еден мал опсег кој со промените во Кривичниот законик заврши катастрофално. Така што да видиме кој модалитет сега ќе биде избран за амнестија на потенцијалните криминали на оваа политичка гарнитура, вели Марковиќ.

Фото: Трилинг / Ненад Марковиќ

За комотноста на власта поради парламентарното мнозинство и дали превирањата во ВЛЕН се дополнителен товар создавајќи политички тензии внатре во коалицијата, проф. Марковиќ вели дека тоа е прилично лошо заради тоа што евидентно е дека се нема стабилен партнер од другата страна кај Албанците или ќе имате партнер кој може со време да стане репрезент на многу мал дел од гласовите на Албанците.

„Ќе видиме како ситуацијата ќе се развива. На локалните избори нема да бидат толку релевантни бројот на градоначалничките места, затоа што на многу места ВМРО-ДПМНЕ веројатно ќе помага на ВЛЕН со своите гласови, нешто што често му беше замерано на Пендаровски како со албански гласови станал претседател. Сега да видиме колку луѓе на ВЛЕН со македонски гласови ќе станат градоначалници. На советничките листи веројатно ќе биде порелевантно што ќе се случува. Ако тука има огромна дискрепанца помеѓу ВЛЕН и според мојата претпоставка АА и ДУИ одат заедно или ДУИ на некои места ќе ја поддржи Алијанса, тогаш Владата ќе има голем проблем со претставувањето на Албанците во владиниот состав.

-По се изгледа Таравари ќе мора да замине . Сите сигнали укажуваат на тоа, затоа што ВЛЕН нема да покаже голема трпеливост кон структура која соработува со ДУИ и пораката е јасно. Во даден момент ќе се искристализира таа слика или – или. Во овој момент тешка е позицијата на Мицкоски да ги избалансира интересите од една страна на Таравари, од друга страна на ВЛЕН затоа што тие се чинат непомирливи. Во таа смисла веројатно Таравари ќе мора д аго напушти ресорот и Владата, а понатаму како ќе настапува е прашање на политичка проценка – со ДУИ, без ДУИ, сами. Иако негов соло настап не знам што би значел. Би се изгубил помеѓу ВЛЕН и ДУИ. ВЛЕН ќе има сесрдна помош од ВМРО-ДПМНЕ и нивните гласачи. ДУИ веројатно е убеден дека е доволно силен на терен за да истрча. Гледаме дека дури и парламентарни избори бараат од ДУИ и се убедени дека добро би поминале во ваква ситуација особено што сега успеаја да направат маневар на привлекување на Таравари на своја страна. Затоа сметам дека Таравари ќе мора да напушти да се определи за некаква коалиција со ДУИ што од друга страна го става Села во една прилично непријатна позиција и да видиме каков ќе биде неговиот одговор. Првите реакции не беа многу позитивни. Веројатно Таравари реши да се евакуира од Влада која нема намера да направи нешто со прашањето со Бугарите во Уставот и со преговарачката рамка.

-Факт е дека позицијата на ВЛЕН во оваа власт и позицијата на ДУИ во претходната Влада е небо и земја. ДУИ на крајот ги водеше сите процеси. Имаше огромно влијание. Ова сега е страшно намалување на политичката моќ на Албанците.

-Да не се користи реториката дека ВМРО-ДПМНЕ стално знае, за разлика од СДСМ, да им го покаже местото на Албанците. Се додека дискурсот е така врамен дека некој некому треба местото да му го покажува, според мене, нема да имаме здрав меѓуетнички живот, вели Марковиќ.

Целото интервју со професорот од Правниот факултет Ненад Марковиќ погледнете го во видеото.