Предлог-закон на СДСМ за помош на семејствата на жртвите од Кочани, Филипче повика да се поддржи
СДСМ денеска во Собранието ќе поднесе Предлог-закон за помош на семејствата на загинатите и повредените од пожарот во Кочани. Лидерот на СДСМ Венко Филипче смета дека изготвиле добро законско решение и ги повика пратениците од владејачкото мнозинство да го поддржат или да се вклучат во негово модифицирање ако имаат предлози, нагласувајќи дека целта не е да се политизира трагедијата.

-Изработивме предлог-закон кој навистина мислам дека е добар. Има финансиска надокнада за семејствата коишто изгубија членови, има финансиска надокнада за сите тие кои имаат трошоци за лекување, има некои поволности за децата кои сега губат настава во училиштата, нешто од аспект на социјалата, така што мислам дека е добро и квалитетно решение. Ќе го поднесеме во редовна собраниска процедура со цел да има простор да се вклучат повеќе чинители, да дадат коментари. Во еден дел се осврнуваме и на семејствата од претходните трагедии – Ласкарци, Тетово, „Беса-транс“, изјави Филипче по отворањето нова градинка во населба Пролет во општина Центар.
Очекува поддршка и од ВМРО-ДПМНЕ иако, рече, имало коментар од владејачката партија дека нема да го поддржат нивниот предлог кога тие го најавиле.
– Предлог-законот нема за цел да ја политизира трагедијата. Ги повикувам заедно да го донесеме законот. Не сметам дека првичната изјава дека нема да го поддржат е во насока на политичка конфронтација. Искрено верувам дека не е тоа апсолутно знак дека не сакаат да им се помогне на семејствата. Во смисла на неполитизирање на оваа трагедија во Кочани, јавно ги повикувам да седнеме и разгледаме законот и да го поддржиме заедно, спремни сме и да се модифицира. Да им покажеме на граѓаните, на семејствата, дека таква криза треба да не обедини и дека треба да работиме заедно да го унапредиме системот за такви трагедии повеќе да не се повторуваат, истакна Филипче.