Кјобе: Народната банка покажа отпорност во справувањето со предизвиците, но борбата со инфлацијата продолжува

Во интервју за МИА, Кјобе посочува дека Народната банка покажала отпорност во справувањето со предизвиците како што беше растот на цената на енергенските по руската инвазија на Украина. Сепак, како што нагласува, борбата против инфлацијата треба да продолжи се додека не почне одржливо да се намалува, поддржана од намалувањето на светските цени на храната и енерегијата и ублажувањето на базичната инфлација.

Поставеноста на монетарната политика на Народната банка на Северна Македонија е стабилна и ефикасна во одржувањето на стабилноста на девизниот курс и контролата на инфлацијата, оценува шефицата на Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд во земјава Анет Кјобе.

Во интервју за МИА, Кјобе посочува дека Народната банка покажала отпорност во справувањето со предизвиците како што беше растот на цената на енергенските по руската инвазија на Украина. Сепак, како што нагласува, борбата против инфлацијата треба да продолжи се додека не почне одржливо да се намалува, поддржана од намалувањето на светските цени на храната и енерегијата и ублажувањето на базичната инфлација.

– НБРСМ покажа отпорност во справувањето со предизвиците, како што е на пример шокот од растот на цената на енергентите по руската инвазија на Украина. Како одговор на инфлацијата којашто се искачи на високи речиси 20 проценти во 2022 година, НБРСМ донесе непоколебливи одлуки за зголемување на каматните стапки, со што ги закотви инфлациските очекувања. До август 2024 година, инфлацијата се намали на 2,2 проценти, благодарение на ефикасноста на монетарното затегнување и намалувањето на светските цени на примарните производи. Од септември 2024 година, Народната банка започна со внимателно нормализирање на монетарната политика, следејќи ја Европската централна банка, посочува Кјобе.

Во однос на банкарскиот сектор, Кјобе оценува дека тој е стабилен и отпорен на шокови и дека има историски највисоки стапки на адекватност на капиталот и стабилни стапки на ликвидност коишто се особено важни за обезбедување стабилност во услови на глобални и регионални предизвици.

– Нефункционалните кредити се на историски најниското ниво (од 2,6 проценти) и се добро покриени со резервации, со што се намалуваат ризиците за билансите на банките. Профитабилноста е солидна, а стрес-тестовите спроведени од централната банка потврдуваат дека банкарскиот сектор во целина е отпорен на серија неповолни сценарија, посочува шефицата на ММФ во земјава.

Зголемувањето на царините од страна на американската администрација, според Кјобе, би можело нагло да го забави светскиот раст, со надолно ревидирање на проекциите на 2,8 проценти за 2024 година и 3 проценти за 2025 година, односно вкупно намалување од 0,8 процентни поени во споредба со претходните прогнози.

Кјобе вели дека ефектите ќе се разликуваат од земја до земја, иако некои може да имаат корист од пренасочувањето на трговијата ‒ пренасочување на трговската размена бидејќи царинските давачки го пренасочуваат увозот кон партнери кои се помалку погодени од оваа мерка или воопшто не се погодени.

– Пошироките ризици вклучуваат одмазднички царини, коишто би можеле да ескалираат во целосни трговски војни, притоа дестабилизирајќи ги меѓународните односи. Со текот на времето, намалената конкуренција од заштитените пазари може да ги намали иновациите и да поттикне напори за максимизирање на индивидуалните придобивки, без да се води сметка за користа за целокупната економија, притоа нарушувајќи ја продуктивноста. Комбинацијата на овие предизвици претставува несигурност во однос на трговската политика, што заедно со нестабилноста на финансиските пазари може дополнително да ја поткопа довербата на инвеститорите. Компаниите може да ги одложат капиталните расходи или да го префрлат работењето за да се заштитат од непредвидливите трговски правила, притоа засилувајќи го притисокот врз светскиот раст. Иако пренасочувањето на трговијата нуди одредено ограничено олеснување за некои економии, сепак не успева да ги надомести системските загуби, бидејќи реорганизираните синџири на снабдување честопати доведуваат до неефикасност, нагласува Кјобе.

За Северна Македонија, Кјобе оценува дека директното влијание од царините ќе биде ограничено, но дека многу позначителни ќе бидат индиректните ефекти поради изложеноста на земјата кон Европската унија, особено кон германската економија.

– Општо земено, Северна Македонија и понатаму е чувствителна на промените во светските трговски шеми поради нејзината релативно висока трговска отвореност, со извоз на стоки проектиран на околу 44 проценти од БДП во 2024 година, односно на околу 63 проценти заедно со услугите, посочува Кјобе за МИА.

Членството на земјава во СЕПА, според шефицата на ММФ, ќе овозможи побрзи, поевтини и побезбедни прекугранични плаќања во евра, што е исклучително важно за отворена економија со високи приливи на дознаки од странство.

Интервјуто го пренесуваме во целост: 

Како ја оценува ММФ моменталната поставеност на монетарната политика на Народната банка, особено во однос на одржувањето на стабилноста на девизниот курс и борбата против инфлациските притисоци?

– ММФ го истакнува одличниот успех на централната банка во одржувањето на стабилноста на цените и девизниот курс. НБРСМ покажа отпорност во справувањето со предизвиците, како што е на пример шокот од растот на цената на енергентите по руската инвазија на Украина. Како одговор на инфлацијата којашто се искачи на високи речиси 20 проценти во 2022 година, НБРСМ донесе непоколебливи одлуки за зголемување на каматните стапки, со што ги закотви инфлациските очекувањата. До август 2024 година, инфлацијата се намали на 2,2 проценти, благодарение на ефикасноста на монетарното затегнување и намалувањето на светските цени на примарните производи.

Од септември 2024 година, Народната банка започна со внимателно нормализирање на монетарната политика, следејќи ја Европската централна банка. Сепак, борбата против инфлацијата треба да продолжи сè додека инфлацијата не почне одржливо да се намалува, поддржана од намалувањето на светските цени на храната и енергијата и ублажувањето на базичната инфлација.

Во Извештајот за консултациите во однос на член IV се нагласува потребата централната банка и натаму да биде внимателна во однос на домашните ризици, како што се фискалните политики, динамичната кредитна активност и ефектите пренесени врз цените, како и во однос на надворешните фактори како што се фрагментацијата и нестабилноста на цените на примарните производи. ММФ го поддржува претпазливиот пристап на НБРСМ заснован на податоци, притоа балансирајќи ја поддршката на економската активност со целта за стабилизирање на инфлациските очекувања и за обезбедување одржлив процес на дезинфлација кај поголемиот дел од ценовните категории.

Независноста на централната банка е клучен елемент за ефикасна монетарна политика. Како ја оценува ММФ институционалната и оперативната независност на Народната банка на Северна Македонија?

– Меѓународниот монетарен фонд постојано нагласува дека независноста на централната банка е клучот за ефикасна монетарна политика. Независноста зависи и од институционалните и од оперативните аспекти коишто се суштински за централната банка да може да функционира без мешање од надворешните фактори.

Поставеноста на монетарната политика на НБРСМ е стабилна и ефикасна во одржувањето на стабилноста на девизниот курс и контролата на инфлацијата, како што се наведува и во неодамнешната мисија на ММФ за процена на заштитните механизми во која се истакнуваат нејзината силна институционална и оперативна независност, доброто управување и солидната финансиска рамка и рамката за управување со ризиците.

Покрај тоа, механизмите за комуникација и отчетност на централната банка, практиките за транспарентност и оперативната автономија се во согласност со меѓународните стандарди, што се потврдува и со високите оценки за централната банки во Извештајот за оценувањето според Кодексот на транспарентност на централните банки на ММФ за 2022 година.

Во нашиот извештај објавен неодамна ја нагласивме важноста на оперативната и финансиската автономија на НБРСМ како поткрепа на нејзината независност и кредибилитет – обете од суштинско значење за одржувањето на стабилноста на цените и девизниот курс, коишто мора да бидат заштитени.

Во изминатиот период, Народната банка презеде повеќе мерки (и микропрудентни и макропрудентни) насочени кон финансискиот систем. Каква е оцената на ММФ за стабилноста и отпорноста на банкарскиот сектор во Северна Македонија?

– ММФ го оценува банкарскиот сектор на Северна Македонија како стабилен и отпорен на шокови, поддржан од проактивната регулативна и надзорна рамка на НБРСМ. Банкарскиот сектор одржува историски највисоки стапки на адекватност на капиталот (од 18,9 проценти) и стабилни стапки на ликвидност (од 289,4 проценти), коишто беа особено важни за обезбедувањето стабилност во услови на глобални и регионални предизвици. Нефункционалните кредити се на историски најниското ниво (од 2,6 проценти) и се добро покриени со резервации, со што се намалуваат ризиците за билансите на банките. Профитабилноста е солидна, а стрес-тестовите спроведени од централната банка потврдуваат дека банкарскиот сектор во целина е отпорен на серија неповолни сценарија.

Во текот на изминатата година, Народната банка на Република Северна Македонија (НБРСМ) исполни неколку важни зацртани регулаторни цели за зајакнување на финансиската стабилност и усогласување со меѓународните стандарди. Главниот фокус беше насочен кон изготвувањето силна регулативна рамка за решавање на банките, во согласност со стандардите и најдобрите практики на ЕУ и меѓународните стандарди и практики. На почетокот на 2025 година, Народната банка донесе сеопфатен пакет од дванаесет подзаконски акти коишто произлегуваат од Законот за решавање на банките, што претставува значаен чекор во зајакнувањето на стабилноста на финансискиот систем и заштитата на јавниот интерес.

Понатаму, за да се зајакне отпорноста на банкарскиот систем и за да се поддржи зелената трансформација на економијата, почнувајќи од 2025 година, централната банка предвиде задолжително интегрирање на климатските ризици во управувањето со кредитниот ризик. Покрај ова, од 2027 година, банките ќе мора да ги исполнуваат задолжителните барања за објавување на еколошките, социјалните и управувачките аспекти (ESG), во согласност со регулативите на ЕУ. Овие промени се насочени кон зголемување на транспарентноста, зголемување на свеста за ризикот и подобрување на квалитетот и споредливоста на објавите на кредитните институции.

Од март сме членки на СЕПА. Какво е Вашето мислење за ова?

– Членството на Северна Македонија во СЕПА од март 2025 година, е извонреден чекор за земја којашто не е членка на ЕУ и на единствениот пазар на ЕУ. Тоа го одразува успехот на Народната банка во усогласувањето на нејзината законска и регулативна рамка со стандардите на ЕУ, што е потврдено и од Европскиот совет за плаќања.

Сложениот и интензивен процес на пристапување кон СЕПА, којшто вклучува пополнување детално барање за членство, измени на Законот за платни системи, подобрени мерки против перење пари и техничко усогласување со шемите за плаќање во СЕПА до октомври 2025 година, ја истакнува посветеноста на централната банка кон поставување високи регулативни стандарди. Овие реформи го зголемуваат кредибилитетот на финансискиот систем на Северна Македонија и ја поставуваат земјава како лидер во регионот на Западен Балкан во однос на финансиската интеграција.

Тоа претставува способност за трансформација на многу нивоа, со што се поддржува економската амбиција на земјата. Членството во СЕПА ќе овозможи побрзи, поевтини и побезбедни прекугранични плаќања во евра, што е исклучително важно за отворена економија со високи приливи на дознаки од странство. Со ова ќе се намалат трансакциските трошоци, ќе се подобри ликвидноста и ќе се зголеми конкурентноста, од што ќе имаат корист граѓаните, компаниите и дијаспората.

Со оглед на неодамнешните трендови во глобалната трговија и протекционизмот, како ги проценува ММФ потенцијалните глобални ефекти од зголемените царински давачки?

– ММФ предвидува дека значителното зголемување на царините би можело нагло да го забави светскиот раст, со надолно ревидирање на проекциите на 2,8 проценти за 2024 година и 3 проценти за 2025 година ‒ вкупно намалување од 0,8 процентни поени во споредба со претходните прогнози. Ваквото зголемување на царинските давачки претставува ризик од нарушување на светските синџири на снабдување, ограничување на обемот на трговијата и дестимулирање на деловните инвестиции. Ефектите ќе се разликуваат од земја до земја во зависност од трговската изложеност, иако некои може да имаат корист од пренасочувањето на трговијата ‒ пренасочување на трговската размена бидејќи царинските давачки го пренасочуваат увозот кон партнери коишто се помалку погодени од оваа мерка или воопшто не се погодени.

Пошироките ризици вклучуваат одмазднички царини, коишто би можеле да ескалираат во целосни трговски војни, притоа дестабилизирајќи ги меѓународните односи. Со текот на времето, намалената конкуренција од заштитените пазари може да ги намали иновациите и да поттикне напори за максимизирање на индивидуалните придобивки, без да се води сметка за користа за целокупната економија, притоа нарушувајќи ја продуктивноста. Комбинацијата на овие предизвици претставува несигурност во однос на трговската политика, што заедно со нестабилноста на финансиските пазари може дополнително да ја поткопа довербата на инвеститорите. Компаниите може да ги одложат капиталните расходи или да го префрлат работењето за да се заштитат од непредвидливите трговски правила, притоа засилувајќи го притисокот врз светскиот раст. Иако пренасочувањето на трговијата нуди одредено ограничено олеснување за некои економии, сепак не успева да ги надомести системските загуби, бидејќи реорганизираните синџири на снабдување честопати доведуваат до неефикасност.

Што се однесува до Северна Македонија, очекуваме ограничено директно влијание на царините врз трговијата, бидејќи учеството на извозот во Соединетите Американски Држави изнесува само 1,4 проценти од вкупниот проектиран извоз на стоки во 2024 година (сепак, ова ќе зависи од конечното ниво на царини и ефектите од пренасочувањето на трговијата). Сепак, индиректните ефекти преку изложеноста на Северна Македонија кон Европската Унија, особено Германија, би можеле да бидат позначителни. Околу 60 проценти од извозот на Северна Македонија е наменет за ЕУ, при што околу 40 проценти од вкупниот извоз е наменет само за Германија. Општо земено, Северна Македонија и понатаму е чувствителна на промените во светските трговски шеми поради нејзината релативно висока трговска отвореност, со извоз на стоки проектиран на околу 44 проценти од БДП во 2024 година, односно на околу 63% проценти заедно со услугите.