
(Видео) Трилинг: Ќе се чекаат ли локалните избори за работите да станат појасни?
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, Александар Кржаловски директор на МЦМС, Сефер Тахири универзитетски професор и Иван Пешевски, потпретседател на ССМ гостуваа во новото издание на магазинот „Трилинг“.
Претседателот на Уставниот суд Дарко Костадиновски, Александар Кржаловски директор на МЦМС, Сефер Тахири универзитетски професор и Иван Пешевски, потпретседател на ССМ гостуваа во новото издание на магазинот „Трилинг“.
„Општествената реалност, што јас често ја викам уставна стварност на сите ни е добро позната. Историски најниска доверба во целокупниот државен апарат. За да дојдеме до ова ниво на историска недоверба не може само една власт да е причинител. И кога веќе тоа го констатирам, не само јас туку и објективните и сите јавни мерења на мислења, илузорно е да си ги вперуваме прстите и да кажуваме кој е крив, кој не. Клучното прашање е дали Уставниот суд ги постигнал очекувањата што граѓаните ги имале. Кога веќе ја отворивме дилемата дали ни е потребен закон за Уставен суд, Да, мојот став е дека ни е потребен.
За тоа кога може да се очекува на дневен ред да се стави точката околу Законот за употреба на јазиците кој создаде голема врева во јавноста, како и политички и етнички тензии, Костадиновски вели дека седницата ќе се одржи на 19-ти јуни. Според него конечната одлука за Законот би била после изборите.
Имаме проблем со злоупотреба на чувствата на граѓаните и со злоупотреба на меѓуетничките односи во политичките цели. Ние имаме многу поголем проблем во државата, а тоа е реалната состојба со владеење на правото. На што се темели историската недоверба во институциите на системот? На недостатокот на владеење на право. А што е владеење на право? Тоа е состојба на уставност. А состојбата на уставност кој ја штити? Уставниот суд. Затоа на нашето постапување никој ама баш никој не треба да стравува. Не треба да трепери општеството каква одлука ќе се донесе. Не сакам да полемизирам со политичките фактори. Политичката култура ми е добро позната. Тоа нема да го сменам, но сакам да се обратам кон граѓаните и континуирано тоа го правам. Да си бидат спокојни. Ништо страшно нема да се случи. Еве балансерот го укинавме се случи ли нешто страшно? Законот за јазиците, ниедно право што секој еден граѓанин го ужива по нашиот Устав нема да биде ускратено.
Говорејќи околу тоа дали е можно да дојде до крах на безбедносниот сектор, имајќи во вид дека поминаа шест месеци откако македонското Собрание не излезе во пресрет во однос на Законот за електронски комуникации, Костадиновски вели дека тоа е многу можно. Околу коментарите дека Уставниот суд е тромав, Костадиновски вели дека е самокритичен, но исто така тврди дека и сегашниот состав на судот е далеку пореволуционерен од првиот најугледен состав.
Антикорупциска во претходниот состав практично успеа да исплива некако и заедно со Државниот завод за ревизија беа едни од најценетите институции. Веројатно овој случај ќе ја намали довербата повторно, бидејќи треба да бидат на браникот на борбата против корупцијата. Второто е личниот пример, бидејќи на крајот институциите ги прават луѓето кои се во нив и ако таму нема елементарен интегритет секако дека не може да се очекува реална борба против корупцијата, изјави во „Трилинг“ првиот човек на МЦМС Кржаловски околу тоа дали со обвинувањата за вмешаност на првата антикорупционерка Димитровска во случајот „Адитив“ се корумпира целиот кредибилитет и работата на ДКСК чија главна цел е да разоткрие корупција и да ги лоцира главните системски проблеми.
Говорејќи за евроинтегративниот процес, Кржаловски вели дека ситуацијата е таква каква што е и не гледа дека ќе се промени во брзо времено особено ако и понатаму се одложуваат уставните измени или било каков процес околу тоа, некакви гаранции за понатамошни деблокади. Земјите кои станаа членки многу добија. Економски пред сѐ. Поентата е што побрзо да се стане член. Она што мене ме секира е дека и Украина и Молдавија може да не престигнат и да станат членки до 2030 година“, вели Кржаловски и смета дека Македонија треба што побрзо да го фати чекорот, бидејќи, како што вели, „нема суштински проблем со внесувањето на Бугарите и други заедници во Уставот“.
„За жал во нашата држава политиката и во албанскиот политички блок станува чаршиска. Ако порано, бидејќи ние сме ги следеле процесите одамна, имаше некаква принципиелност во политичкото дејствување и во албанскиот политички блок сега преовладува прагматизмот, односно политичките партии на Албанците стануваат и на некој начин дејствуваат само како изборни политички партии. И ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ не се нешто подобри, особено партијата на Мицкоски, но мислам дека политичките партии на Албанците ова го докажуваат со конкретни потези.
-Тоа значи дека Алијанса на Албанците предводена од Арбен Таравари во моментов дејствува аритметички на политичката сцена, бидејќи ако со Вреди настапуваше на локалните избори проекциите беа дека може да остварува победа во две-три општини. Со договорот кој што е со ДУИ, а тоа значи дека Алијанса на Албанците предводена од Таравари ако настапува со свои кандидати за градоначалници во одредени општини, туку пред сѐ се мисли на Гостивар, Врапчиште, Боговиње, Теарце и Липково, ДУИ нема да истакнува свој кандидат во тие општини“, вели за магазинот „Трилинг“ универзитетскиот професор Сефер Тахири говорејќи за тоа за кои се првичните дејанија кои ги иницираше Таравари со потегот да се дистанцира од Вреди и да започне соло политичка игра.
„Објективно, мислам дека место во Владата за двата политички блока од Вреди веќе нема. Значи или едните или Таравари треба да ја напуштат владината коалиција. Тоа е политичката логика бидејќи Таравари на некој начин се дистанцираше од власта.
-Фактот дека рече дека од 100 километри се гледа дека не функционира добро владата, односно коалицијата Вреди во Владата е несинхронизирана, а тоа значи дека фактурата за несинхронизирањето на Вреди ја има Владата во целина, мислам дека он ги покажуваше неговите позиции.
„Разврската би била во идни разговори помеѓу политичките партии во македонскиот и во албанскиот блок. За жал моделот којшто ние сме го избрале е добар во нормативно-правниот дел, но ние, за жал затајуваме и пречките ни е се во делот на спроведувањето на правата коишто се индивидуални, колективни. Мислам дека има страшен отпор од структури, сили коишто постојат во македонскиот политички блок и кои на некој начин не се баш заинтересирани за ние да функционираме како слободно, еднакво општество и како заедничка држава. Исто така има голем број на политички структури, сили, групации кои во албанскиот политички блок не се баш заинтересирани да функционира заедничката држава и мислам дека тука се прекршуваат копјата и тука имаме проблем“, вели Тахири.
Сметам дека изјавата на премиерот беше незрела, дека ако ние си подадеме рака со работодавачите, државата ќе обезбеди пари онолку колку што ќе се постигне договор со работодавачите, имајќи предвид дека најголем број од вработените се токму во јавниот сектор. Многу ги плаши идејата за 500 евра минимална плата, бидејќи многу од вработените се под 500 и под 400 евра минимална плата, па со последното усогласување во месец март видовме дека се коригира само тие плати што беа на минимална плата и повторно не се испочитува колективниот договор за целиот јавен сектор којшто предвидува, со порастот на трошоците за живот платите да се коригираат за 12,6 проценти, изјави во магазинот „Трилинг“ Иван Пешевски, потпретседател на ССМ говорејќи за тоа дали конечно и Владата и работодавачите покажаа слух за синдикалните барања.
Околу увозот на работна сила од трети земји, Пешевски вели дека последиците веќе ги осеќаме затоа што ние си ги избркавме нашите домашни квалификувани.
„Она што се случуваше во минатото и зошто сите си заминаа е заради ниските плати. Потоа работодавачите и државата се чудеа како нема кадар и работници. Јас велам дека допрва нема да имаме работници ако останеме на 400, 450 евра плата.
-Се согласувам дека треба да има продуктивни работници за да обезбедат за работодавачот и за државата и за самите нив. Но ако вие не го платите работникот како тој ќе биде продуктивен. Вие за да отидете на работа и да бидете продуктивен треба нешто да ве мотивира. Не е исто кога на 1-ви ќе земете 500 евра плата или 2.500 евра плата како што земаат истите тие наши работници кои отидоа во Германија, Швајцарија, Австрија па дури и во една Црна Гора, Србија, Хрватска два пати, три пати се поплатени истите работници со истата продуктивност која ја однеле од тука.
-Затоа велам дека само кај нас прво ја мериме продуктивноста па го плаќаме работникот. Тоа направи работникот после да се освести и да си замине од Македонија, вели Пешевски.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ погледнете го во видеото