„Едногласно беше прифатена одлуката која претходно ја донесе Извршниот комитет на партијата од утре да се пристапи во Собранието со активна блокада на сите штетни закони, политики застапувани од неодговорната власт“.
Ова денеска на прес-конференција пред седиштето на ВМРО-ДПМНЕ го изјави координатор на пратеничката група на опозициската партија – Никола Мицевски.
Тој рече дека одлуката за активната блокада е последица, реакција на акцијата на Владата на Ковачевски предводена од СДСМ и ДУИ коишто не покажале чувство за државност и одбиле секаква можност за дијалог.
„Епилогот активна блокада следи откако Ковачевски одби дијалог за четири важни области за граѓаните, економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија и разговор за датум за предвремени избори. Тоа што Ковачевски од сите теми се фокусира само на предвремените избори покажува дека е свесен дека е премиер без поддршка од народот. Ќе има активна блокада за спас од ценовните шокови, за спас од сиромаштијата. Ова е процес кој ќе трае и ние сме подготвени да одиме до крај затоа што можеме и мораме да ја осигураме иднината на нашите граѓани“ – рече Мицевски.
Тој најави дека блокадата на Собранието ќе трае додека не падне Владата на Ковачевски и додека не се закажат предвремени парламентарни избори.