Почина Николче Здравески, легендата на прилепскиот фудбал

На 54-годишна возраст синоќа ненадејно почина Николче Здравески, една од најголемите легенди на фудбалскиот клуб Победа од Прилеп, човек со кои се врзани најголемите успеси на прилепскиот тим во самостојна Македонија.

На 54-годишна возраст синоќа ненадејно почина Николче Здравески, една од најголемите легенди на фудбалскиот клуб Победа од Прилеп, човек со кои се врзани најголемите успеси на прилепскиот тим во самостојна Македонија.

Здравески беше капитен на Победа за време на првата шампионска круна на прилепскиот тим, а потоа и тренер на тимот кога ја освои и втората титула. Ја предводеше екипата на Победа како капитен на натпреварот против Парма во 2000 година, еден од најдобрите тимови кои дошле во Македонија со многу фудбалски ѕвезди како Буфон, Канаваро, Аморозо, Дино Баџо, Милошевиќ, Турам, Консеисао…

Целата кариера ја мина во прилепскиот тим, стана и капитен, а потоа и тренер на оваа екипа. Еден од ретките кои ја освои титулата во ПМФЛ и како играч, и како тренер. Работеше и како координатор на младинската школа на фудбалската гордост на Прилеп. Кратко беше тренер и на тимот на 11 Октомври, кога овој тим се натпреваруваше во Првата лига. Беше прогласен за најдобар тренер од страна на ФФМ во 2007 година.

Здравески беше и репрезентативец на Македонија. Настапи два пати за националниот тим во пријателски натпревари против Албанија во Прилеп, и против Азербејџан.