Кочанчани во Скопје, власта ни вода не им даде!

Унесреќените Кочанчани денес во Скопје се судрија со рамнодушноста на системот што ги уби нивните деца. Додека стоеја пред институциите никој не дојде од овластените да им изрази сочуство, никој не дојде да им вети нешто, никој не дојде да ги праша како им е – па ни вода да им даде.

Унесреќените Кочанчани денес во Скопје се судрија со рамнодушноста на системот што ги уби нивните деца. Додека стоеја пред институциите никој не дојде од овластените да им изрази сочуство, никој не дојде да им вети нешто, никој не дојде да ги праша како им е – па ни вода да им даде, пишува Независен.

Пратениците што не одржаа ни комеморативна седница и што не донесоа одлука да донираат помош, останаа  внатре и си држеа седница, додека родителите на загинатите во трагедијата во дискотеката „Пулс“ ги повикуваа да излезат надвор.Во очај тие ги повикаа и генералите од АРМ да ја преземат власта и за шест месеци да организираат експертска влада, а подоцна ги повикаа и пратениците Албанци, бидејќи според нив „се од збор“, наспроти „предавниците, убијците и узурпаторите“ од македонските партии.

Беа шокирани и од дочекот на Скопјани кои седеа во кафетериите додека поминуваа и не стануваа да им одадат почит и поддршка за загинатите, а во сите, како што забележаа, свиреше музика – иако знаеја дека ќе дојдат. Единствени што дојде меѓу нив надвор беа пратениците на левица Борислав Крмов и Јована Мојсоска, додека родителите извикуваа – Имате ли вие совест, имате ли деца?

„Мислевме дека имаме држава, а сме немале ни држава, ни Собрание. Ова не се институции туку партиски узурпатори, ботови…Шупа направивте не од дискотеката туку од сите градови“, порача еден од револтираните, па дополни: „До вас очигледно не допира нашиот глас, туку само тој на бизнис картелите на ВМРО“.

Покрај јавните пораки, дофрлуваа и бројни забелешки, како таа дека за медиумите поважно било да известуваат од погребот на папата, отколку од погребот на нивните загинати, иако како што рекоа, ова беше поголема трагедија од војната во 2001 година. Советничката од ВМРО-ДПМНЕ што си даде оставка на функцијата во Кочани праша има ли барем еден пратеник што ќе излезе пред нив. Освен што прашуваа каде се медиумите, именувајќи ги државните и провладините, прашаа и каде се донациите што им ги ветуваа. Најмногу ги болеше, сепак, фактот дека ноќта кога се случи трагедијата биле оставени децата сами себе да се спасуваат, па многу да загинат спасувајќи други. Додека гневот зборуваше од нив, не избираа зборови со кои ги опишуваа одговорните во државата.

Пратеникот Борислав Крмов пред да излезе на улица, побара  родителите на загинатите од Кочани да бидат пуштени во Собранието бидејќи сите што мислат дека се чесни и дека се одговорни нема што да се плашат од нив, но барањето беше одбиено. Според спикерот Африм Гаши, не било прифатливо  тие да се пуштат внатре додека трае седницата бидејќи тоа требало да биде најавено и организирано и го повика да не манипулира со чувствата на граѓаните.

Министерот за внатрешни работи,, Панче Тошковски,пак, кој во тоа време се бранеше од обвинувањата за пропусти во работата и барањето за интерпелација, порача дека „не бега, не молчи и не се крие“ и дека се што било кажано за него во Собнранието било лажно етикетирање.

„Останувам овде со целата тежина на обврската што ја носам. Секој ден од оваа институција ќе биде заложба вашата болка да не остане само нем сведок на незаборавот. Промените се тука, одговорноста се чувствува, правдата е реалност“, тврдеше Тошковски зад дебело затворената врата и под заштита од полиција пред Собранието, иако немаше ни мало навестување дека може да има насилства.

По таквата рамнодушност Кочанчани го прашаа Крмов што да прават ,  а тој им рече дека им преостанува само да вршат притисок.

„Граѓанска војна ли да правиме“ прашаа родителите.

„Нека нè затворат, што ако нè затворат, ние и така сме веќе утепани. Зошто не излезе премиерот кој платил 400.000 евра да му го мерат рејтингот. Зошто не излезе Тошковски, обвинителот Коцевски…“, додаде  еден од нив.

Меѓу малкуте граѓани кои излегоа на денешниот протест на семејствата на загинатите додека другите пиеја кафе околу , се најдоа и професорите Љубомир Фрчкоски и Оливер Андонов.

„Јас сум тука да се солидаризирам со болката на овие луѓе и да ги поддржам во барањето правда. Тоа е суштински. А дали ќе успее обвинителството тоа да го истера зависи од тоа дали ќе има храброст да ги именува главните виновници за тој фатален пожар. Во овој момент тие остануваат надвор од досегот на правдата“, рече Фрчкоски.

„Овде сум пред се да не се повторуваат вакви работи. Да престане функционирањето на несистемското функционирање на структурата во државата, а тоа бара граѓанска свест, почитување на законите, намалување на влијаните на политичките партии и ресетирање на целокупното општество во многу аспекти“, рече Андонов.

Учесниците на протестот неколкупати побараа оставки од сите пратеници бидејќи како што изјавија „не сакаат да ги плаќаат веќе со илјадници евра“.

„Срам да ви е! Ги повикувам сите пратеници од опозицијата и власта. Не сакаме да ве плаќаме со стотици милиони евра. Тошковски, ти си најодговорен за ова, ти го лажеше целиот народ дека ќе се справиш со криминалот заедно со партиското јавно обвинителство. Под итно отказ и гитла дома. Не лажеше за криминалите што ги правеле твоите претходници. Кај се тие криминали? Уапси ли некого? Дали се уапсени твоите началници во Кочани и Штип? Отказ! И ти си криминалец. Од која дата ќе почнете со одговорност? Бидејќи инспекциите не биле во ваше време. Се е лажно, узурпатори на нашите институции, одма надвор отказ! Сите до еден и позиција и опозиција. Не не плашите со полицајци и тие се со нас“, рече еден од родителите.

По сите овие повици од родителите од Кочани што не можеа да се игнорираат, излезе министерот Тошковски. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, на 46-тата собраниска седница на која се расправаше за интерпелацијата за министерот Панче Тошковски, инфомираше дека министерот ќе ги прими на средба.

Претходно меѓу учесниците на протестот дојде и лидерот на СДСМ Венко Филипче.

Содржината е преземена од Независен.мк

Семејствата на настраданите во пожарот во Кочани бараат одговорност, оставки и експертска влада