Извештајот на Тонино Пицула за Србија пред европратениците на 6 мај

Според ТВ Н1, за 6 мај е планирана дебата, а еден ден подоцна гласање за финализираниот текст.

Известителот на Европскиот парламент за Србија, Тонино Пицула идната недела во форма на предлог за резолуција ќе им достави извештај на европратениците на сесија во Стразбур.

Според ТВ Н1, за 6 мај е планирана дебата, а еден ден подоцна гласање за финализираниот текст.

Извештајот на Тонино Пицула за Србија за 2023 и 2024 година претходно беше усвоен од страна на Комитетот за надворешна политика на Европскиот парламент, со 55 гласа „за“, 13 „против“ и 8 „воздржани“.

Во извештајот, ЕУ ја критикува Србија за недостатокот на напредок во процесот на пристапување, но ги поздравува економските чекори преземени во претходниот период.

Се укажува на сериозни недостатоци во клучни области како што се владеењето на правото, судството и усогласувањето со надворешната политика на ЕУ. Особено загрижувачки се системските проблеми што ги истакнаа студентските протести низ цела Србија.

Во извештајот се нагласува потребата од почитување на претходно постигнатите договори меѓу Белград и Приштина, вклучително и формирањето на Заедницата на српски општини, како и итно гонење на одговорните за терористичкиот напад во Бањска во 2023 година.

Европскиот парламент очекува Србија да преземе побрзи и порешителни чекори кон реформите, ако навистина сака да ја постигне својата самопрогласена цел да биде подготвена за членство во ЕУ до крајот на 2026 година.

Пратениците во АФЕТ усвоија и 33 амандмани за кои постигнаа договор, кои главно се однесуваат на критики кон Србија поради нејзината тесна соработка со Руската Федерација и избегнување на санкции против таа земја.

Студентите кои тргнаа од Србија за штафетниот ултрамаратон до Брисел, според планот, ќе пристигнат во Стразбур вечерта на 7 мај, што значи дека нема да бидат присутни за време на дебатата и гласањето. Сепак, планирано е еден ден подоцна, на 8 мај, тие да го посетат ЕП и други европски институции и да се сретнат со  претставници и функционери на институциите на ЕУ во тој град.