Протестен марш во Скопје на семејствата на настраданите во кочански „Пулс“

Во Скопје денеска ќе се одржи „Марш за ангелите“ што го организираат семејствата на загинатите во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Организаторите најавуваат дека маршот ќе почне пред Oбвинителството во 12 часот и 5 минути, како симболика за, како што велат, задоцнетата реакција на институциите, ќе продолжи кон плоштадот „Македонија“ и ќе заврши пред Собранието.

– Ние заслужуваме одговори, ние не сме познавачи на правото и на законските процедури и затоа не разбираме како познавачите на правото притвораат, па пуштаат. Свесни ли се за и онака целосно разнишаната доверба во досегашното институционално работење со „фати, па пушти“, без да има јасно образложение за таа законска процедура, и што се создава во нашите мисли кои се на работ на себеуништување, се истакнува во пишаното известување од семејствата.

Во повикот тие нагласуваат дека и понатаму ќе бараат одговори за смртта на нивните деца, а за учество на маршот ги повикуваат сите граѓани на државата.

Семејствата на настраданите во пожарот во дискотеката „Пулс“ досега одржаа четири протестни марша во Кочани на кои ги повикаа институциите кои се одговорни за функционирање на системот во државата,  да не ја одбегнуваат одговорноста.

Во пожарот на 16 март загинаа 62 лица, од кои првично 59, а уште тројца како последица на тешките повреди здобиени во несреќата. Повредени беа близу 200 лица од кои најголем дел по првично укажаната помош, беа препратени на лекување во странство. Дел од загинатите и повредените беа и членовите на бендот „ДНК“ кој настапуваше таа вечер.