
Во српскиот Парламент се очекува седница за нова постапка за избор на членови на Советот на РЕМ
На барање на опозицијата во Србија, за денеска е закажан состанок на собранискиот Одбор за култура и информации, на чиј дневен ред е објавување нов повик за избор на членови на Регулаторното тело за електронски медиуми.
На барање на опозицијата во Србија, за денеска е закажан состанок на собранискиот Одбор за култура и информации, на чиј дневен ред е објавување нов повик за избор на членови на Регулаторното тело за електронски медиуми. Тоа е во согласност со барањето на студентите кои ја блокираат работата на РТС, јави дописникот на МИА од Белград.
Студентите во блокада го блокираат РТС од 14 април во 22 часот и изјавија дека блокадата ќе трае се додека не се објави нов конкурс за членови на Советот на РЕМ или „додека РТС не се исклучи“ .Студентите нагласија синоќа дека доколку конкурсот биде распишан, тие ќе се повлечат од блокадата и ќе се вратат на своите факултети.
Советот на РЕМ не постои од лани од ноември, кога според одредбите од Законот за електронски медиуми, мандатот на претходниот состав на Советот заврши. Дури потоа, Народното собрание објави јавен повик за избор на членови на Советот, а на почетокот на годината беше закажано и јавно сослушување на предложените кандидати.
Сепак, откако седум кандидати ги повлекоа своите кандидатури поради, како што посочија, нетранспарентен процес и кршење на законските одредби, целиот процес беше запрен. Мандатот на претходниот состав на Советот на РЕМ истече на 4 ноември 2024 година, а нов не е избран речиси шест месеци. Иако според законот тој мора да биде избран пред крајот на мандатот на стариот, а беше започнат и процес кој требаше да заврши до крајот на 2024 година, изборот се уште е во тек, додека Србија функционира без тело што ја регулира областа на електронските медиуми.
Пред зградата на РТС во центарот на Белград, во улицата Таковска и на Кошутњак, и утрово студенти блокираат. Главните и споредните влезови во зградата на јавниот сервис се блокирани, а улиците околу РТС се уште се блокирани за сообраќај.
РТС објави дека поради блокадата, е принудена да ја емитува програмата според изменета шема и дека вработените со големи напори ја реализираат и поради блокадата, јавниот медиумски сервис поднесе кривична пријава до Првото основно јавно обвинителство против непознати лица и побара одговор од меѓународни институции.
Министерот за информации и телекомуникации на Србија, Борис Братина синоќа изјави дека не мисли оти потенцијалното објавување нов конкурс за членови на Советот на РЕМ ќе „ја заврши кризата пред РТС.
„Оние кои протестираат пред РТС, кои, како што велат, блокираат, се на погрешна адреса, бидејќи РЕМ е на друга адреса. Типична заложничка ситуација – земате еден, а од друг барате нешто. Така го гледам протестот пред РТС“, изјави Братина за Пинк ТВ.
Тој рече дека министрите добиле писмо од директорот на РТС, во кое тој вели дека не можат да работат, дека програмата е доведена во прашање, но не ја наведува причината за таквата ситуација.
Според него, РТС мора да спроведе „идеолошка диференцијација“ во себе.
„Нека видат дали се РТС или се всушност исти како бунтовниците. Кога ќе го сторат тоа, тогаш ќе ни биде јасно што е РТС“.
Братина изјави дека не смее да се дозволи РТС „да падне во рацете на блокадерите“ и некој да почне да емитува програма „бидејќи тоа би бил знак на државен удар“.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, нагласи дека тоа е невозможно, но дека државата мора да интервенира ако емитувањето на програмата се прекине.
Тој рече дека државата до последен момент ќе проценува „кога е тој момент кога повеќе нема да може /со таква ситуација/“, додавајќи дека за полицијата не е безбедносен проблем дали да преземе мерки.
„Со оглед на тоа што закажавме седница на Одборот за култура и информации, со единствена точка на дневен ред – РЕМ, односно избор на кандидати за Советот на РЕМ, ги повикувам студентите кои блокираат и сите други да ја прекинат блокадата на јавниот медиумски сервис“, рече претседателката на српскиот Парламент Ана Брнабиќ во средата кога ја закажа седницата на Одборот.
Во меѓувреме, Европската комисија го повтори својот став дека изборот на Советот на REM треба да биде во согласност со Законот за електронски медиуми и Агендата за реформи.
„Внимателно ќе ги следиме процедурите и функционирањето на РEM“ нагласија од ЕК и додадоа дека очекуваат „високите функционери да се воздржат од вербални напади и закани кон новинарите“.