Не може да аплицирате за членство во ЕУ и да одите на парадата во Москва, порача ЕК

Односите со Русија не може да се развиваат како се да е нормално во услови на сегашниот режим на Путин и во сегашните околности на неиспровоцираната и неоправданата воена агресија врз Украина, изјави Пињо во одговор на новинарско прашање што ќе преземе ЕУ доколку српскиот претседател Александар Вучиќ присуствува на воената парада на 9 мај во Москва.

Европската комисија беше сосема јасна, не само кон земјите членки на ЕУ, туку и кон нејзините партнери, вклучувајќи ги и кандидатите за членство како Србија, во врска со евентуалното учество на настаните во Москва поврзани со одбележување на годишнината од завршувањето на Втората светска војна на 9 мај, изјави денеска главната портпаролка на ЕК, Паула Пињо.

– Односите со Русија не може да се развиваат како се да е нормално во услови на сегашниот режим на Путин и во сегашните околности на неиспровоцираната и неоправданата воена агресија врз Украина, изјави Пињо во одговор на новинарско прашање што ќе преземе ЕУ доколку српскиот претседател Александар Вучиќ присуствува на воената парада на 9 мај во Москва.

Портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот, Гијом Мерсие додаде дека ЕУ очекува од земјите што аплицира и преговараат за членство да бидат доверливи партнери во однос на заедничките принципи, вредности, безбедноста и просперитетот.

– Потребно е Србија да не увери во таквата стратешката насока. ЕУ беше сосема јасна кон нашите партнери, вклучувајќи ги и земјите кандидати како Србија, дека односите со Русија не можат да се развиваат како се да е нормално, истакна Мерсие.

Во врска со можните последици по Србија поради евентуално учество на Вучиќ на прославите во Москва, Мерсие истакна дека ЕК никогаш не рекла дека „ќе нема никакви последици“, но дека засега е рано да се суди за нешто што се уште не се случило и што ќе се случува на 9 мај.

Во врска со најавите дека и словачкиот премиер Роберт Фицо ќе присуствува на парадата во Москва, Пињо нагласи дека сугестијата за неучество на овие настани не се однесува само на кандидатите за членство, туку и на земјите членки.

– Оваа прослава на 9 мај ја гледаме како дел од руската пропаганда и обид на Русија да ја оправда својата инвазија врз Украина. Затоа сме на ставот дека треба да се воздржиме од давање легитимитет на оваа војна на кој било начин, како и од присуство на прославите во мај во Москва, додаде Пињо.