Брнз: С. Македонија ја одработи својата задача за членството во ЕУ!

„С. Македонија ја одработи својата задача во однос на зачленувањето во Европската Унија и сметам дека процесот треба да продолжи што е можно поскоро, а најавениот стратешки дијалог со САД е процес, кој е почнат уште поодамна и не претставува никаква замена за членството во Унијата“. Ова денеска го изјави американската амбасадорка – Кејт Мари Брнз.

Таа изрази надеж дека С. Македонија во јуни ќе добие датум за почеток на преговори.

„Сметам дека Северна Македонија ја одработи својата задача во однос на членството во ЕУ и сметам дека процесот треба да продолжи што е можно побрзо. Сакам да истакнам дека стратешкиот дијалог, кој го воспоставивме не претставува замена за членството во ЕУ, туку станува збор за унапредување на односите, кои досега сме ги имале“ – истакна Брнз.

Појасни дека зајакнувањето на соработката меѓу двете земји сега се одвива и во насока на тоа што земјава е полноправна членка на НАТО.

„Кажавме дека по зачленувањето на Северна Македонија во НАТО, нашиот однос ќе се промени, затоа што станавме сојузници, седиме на иста маса, имам еден заеднички глас и се разбира нашата соработка еволуираше во таа насока“ – рече Брнз.