Институтот за политички истражувања од Скопје – ИПИС спроведе анкета за ставот на граѓаните и нивната поддршка на политичките партии и политичарите, како и за одредени актуелни прашања во моментов.
На прашање дали Владата, предводена од СДСМ треба да остане на власт до крајот на мандатот во 2024 година или се потребни предвремени парламентарни избори, 39,1 отсто се определиле за предвремени избори, 32,5 проценти сметаат дека треба да остане на власт, а 28,4 отсто одговориле со „не знам“.
Телефонската анкета на ИПИС е спроведена во периодот помеѓу 4 и 6 мај на примерок од 1.111 полнолетни испитаници на ниво на цела држава.
Резултатите од анкетата на прашањето за која партија би гласале доколку следната недела има парламентарни избори, 21,2 отсто од испитаниците се изјасниле за ВМРО-ДПМНЕ, 16,2 за СДСМ, 7,2 за ДУИ, 3,8 отсто би гласале за Алијанса за Албанците, 2,9 отсто за Левица, 1,5 отсто за БЕСА и еден процент за Алтернатива.
За ниту една партија не би гласале 17,3 проценти од испитаниците.
На прашањето во кој политичар имаат најголема доверба, 16,2 отсто од анкетираните се определиле за Христијан Мицкоски, 8,7 отсто за Димитар Ковачевски, 6,4 отсто за Зоран Заев, 7,3 проценти за Али Ахмети.
Од анкетираните 3,8 проценти имаат најголема доверба во Зијадин Села, 2,7 во Димитар Апасиев, 1,9 отсто во Билал Касами.
32% од анкетираните одговориле дека немаат доверба во ниту еден политичар.