Живковски: Нашата цел е Катастарот да стане пример за ефикасна, дигитална и транспарентна институција

Агенцијата за катастар на недвижности има амбициозна цел – да прерасне во модерна, целосно дигитализирана институција која ќе овозможи брзи, достапни и квалитетни услуги за сите граѓани, вели директорот Иван Живковски.

Агенцијата за катастар на недвижности има амбициозна цел – да прерасне во модерна, целосно дигитализирана институција која ќе овозможи брзи, достапни и квалитетни услуги за сите граѓани. Во интервју за Скопје Инфо, директорот Иван Живковски посочува дека катастарот треба да биде гаранција на сопственоста, поддршка на урбанистичкото планирање и алатка за развој на инфраструктурата и општеството во целина.

Меѓу најголемите тековни предизвици, Живковски ги посочува застарената технолошка инфраструктура и дефицитот од стручен кадар – резултат на седумгодишен занемарен кадровски развој. Во таа насока, веќе се спроведуваат мерки – од внатрешна реорганизација и регрутирање на млади професионалци, до редовни обуки и нови соработки со правосудните и стручни комори.

„Со моето доаѓање затекнавме над 5.600 заостанати предмети. Со внатрешни реформи ги расчистивме сите, а денес постапуваме навремено и ефикасно“, изјави Живковски.

Во фокусот е и дигиталната трансформација. Повеќе од 100 услуги се достапни онлајн преку порталот e-uslugi.katastar.gov.mk, а до крајот на 2025 година бројот ќе надмине 130. Надграден е системот за проверка на сопственост и статус на предмети, како и мобилната апликација I-Kat, која сега е достапна и за iOS. Во тек е и целосна интеграција со државниот портал uslugi.gov.mk, со цел граѓаните да ги користат сите услуги без потреба од физичко присуство.

„Целосната дигитализација е наш врвен приоритет. Ќе овозможиме сите барања и постапки да се поднесуваат онлајн. За повозрасните граѓани, шалтерите остануваат активни“, додаде директорот.

Генерално, Живковски заклучува дека и покрај зголемениот наплив на предмети, Агенцијата за катастар навремено постапува и брзо и ефикасно ги обезбедува услугите за граѓаните.

Дополнително, тој нагласува:

„Драстичното намалување на цените за одредени катастарски услуги и до 83% е нешто кое верувам дека значително ќе влијае на социјалниот стандард на граѓаните, но и услугите на катастарот ќе ги направи подостапни за сите.“

Паралелно, Агенцијата активно работи на борба против корупцијата со кампањата

„Не биди соучесник – пријави обид за корупција“, отвора нови канцеларии во Драчево и Автокоманда, и ја враќа во функција канцеларијата во Чашка.

„Продолжуваме со дигитализација, нови веб-услуги и реформи кои ќе нè доближат до целта – катастарот да стане пример за ефикасна, дигитална и транспарентна институција“, истакна Живковски.