
Професорот по казнено право, Гордан Калајџиев, вели дека последните случувања со истрагата за трагедијата во Кочани ја потврдуваат тезата дека истрагата е контаминирана со дневна политика и селективност, а власта оди подлабоко и пошироко со истрагата во обид да се спаси од сопствената одговорност и да покаже ефикасност во остварување на ветувањето за борба против корупцијата и криминалот.
Во гостувањето на шорткастот „Што има ново“ на Институтот за медиа и аналитика (ИМА) калајџиев рече:
„Власта преку МВР, и сега јавниот обвинител, како нивен слуга, се обидува да покаже некаква голема ефикасност. На две полиња се обидуваат да постигнат резултат. Првото е да се спасат од сопствената одговорност, најмалку политичка и морална, а веројатно за некои од нивните редови и правна. На некој начин, се обидуваат, колку одат подлабоко и пошироко, да покажат ефикасност и да најдат виновници што ќе ја задоволи јавноста.
Како за конкретната одговорност, така и на втор план, поврзано со ова, околу позицијата што ја имаат, особено врзана со претстојните локални избори, да покажат резултати демек, на ова поле што го ветуваа, борба со корупција и криминал. Затоа што, знаеме дека на планот на евроинтеграции и на планот на економија и некои други полиња, практично немаат очигледни резултати. Напротив, има закочувања на многу процеси. И на некој начин, индиректно, и на овој план се обидуваат да се спасат“, оцени тој.
Калајџиев смета дека овие „гимнастики на кривично-правен план“ се многу спорни бидејќи се креира мега процес, кој тешко ќе може да се разреши и да се утврди објективна одговорност во однос на тоа што го бара законот.
„На кривично-правен план ова се големи гимнастики, невообичаени, секој правник тоа ќе ви каже и, во крајна линија, не ветуваат резултати коишто тие би сакале да ги постигнат. Бидејќи, одејќи многу широко, ќе имате проблем…И од аспект на покажување на ефикасност, што е нивна повеќе политичка цел отколку правна. Бидејќи, и такви мега процеси на голем број сообвинети, коишто се споени практично вештачки, меѓутоа одат многу наназад и многу широко. Практично, надвор од она што е вообичаено и што е предвидено со казненото право…И тоа кога ќе се процесуира случајот, ќе го развлече“, објаснува Калајџиев за ИМА.
Професорот тврди дека фокусот на пропусти кои се индиректно поврзани со последицата од години наназад, а притоа избегнување на пропустите во моментот на случувањето на несреќата (како бројката на малолетни лица во локалот и употребата на пиротехнички средства кога била присутна полиција на настанот), е неуспешен обид за избегнување на одговорноста.
„Актуелните пропусти се повеќе од очигледни и тука не треба ни да сте голем експерт, ниту да имате голема мака во прибирањето на тие докази… На крај, сакајќи вака да се извади на друг начин, со гонење надвор од законските рамки, на луѓе што можеби имале пропусти, ама сигурно не се виновни директно за последицата, тешко дека ќе можат да ја завршат успешно операцијата на избегнување на одговорноста“, објаснува Калајџиев.
Генерално, според Калајџиев, целата приказна, под притисок на политиката и јавноста, се поставува нефер спрема обвинетите, кои можеби треба да одговараат правно, политички или морално за пропусти од друг вид, што се врзани со нивото на професионалност, но не е соодветно да се гонат кривично како за активно, умислено предизвикување на трагедијата и да се обвинат за општествени пропусти.
„Ние гледаме од контролите што следеа, па и знаеме и самите во објектите кај што се движиме, кај што работиме, кај што живееме, сé уште нема соодветна опрема… Знаеме дека и на овој план и на други планови, ние со години наназад сме живееле супстандардно како последица на некакви системски слабости… Сакам да кажам дека имаме определена вина како општество и сега на некој начин, колку и тоа да изгледа сега глупо да го каже човек, е малку и нефер да најдеме сега група на луѓе коишто ќе ги врземе бар некако со овој настан и тие да ги избереме да ги казниме за пропусти што во крајна линија ние сме ги правеле како општество. Значи, сосема е различно она кај што има конкретна одговорност на конкретен пропуст, умислени работи. Кривичното дело првенствено е замислено како еден активен пристап. Со тоа што стандардите за објектите биле супстандардни, не е смислата ни на казнената одредба, и луѓето мислам и дека не можат да одговараат за таа последица“, заклучува Калајџиев.