(Видео) Трилинг: Интервјуа со академик Таки Фити и психолозите д-р Ана Ѓорѓевиќ и Тиана Ивановска

🔴 Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговаравме со академик Таки Фити, д-р Ана Ѓорѓевиќ професор по психологија и Тиана Ивановска психолог и психотерапевт.

Во новото издание на магазинот „Трилинг“ разговаравме со академик Таки Фити, д-р Ана Ѓорѓевиќ професор по психологија и Тиана Ивановска психолог и психотерапевт.

Фото: Трилинг / академик Таки Фити

„Ако се заострат односите и ако се намали трговијата меѓу Кина и САД, а не смееме да заборавиме дека тоа се двете водечки по големи економии во светот и двете земји заедно усчествуваат со преку 20% во светскиот извоз и увоз, тоа би ги пореметило вкупните односи во светската економија и постои опасност од рецесија“.

– Кај нас се јави некоја идеја за слободна трговија, дека ние ќе може да издејствуваме третман на слободна трговија, трговија без царини со САД. Не знам колку е тоа реално, особено заради фактот што Македонија има многу мала преговарачка моќ, а слободна трговија би значела увоз-извоз без царини што е подобро од царини од 33%, вели академик Таки Фити.

За оценката на министерката за финансии Кочовска, дека војната со царините може да биде шанса за Македонија за извоз, Фити вели дека не знае како и во која смисла е тоа, но секоја војна која е поврзана со зголемување на царините и воведување на други пречки во основа води до контракција на светската економија, особено ако се случи рецесија.

„Да потсетам, рецесијата 2007-2008 година и што се случи со надворешната трговија на Македонија. Извозот само во однос на три земји – кон Грција, кон Германија и кон Италија кои тогаш беа нашите најголеми трговски партнери се намали за 1,2 милијарди долари. Вкупниот извоз тогаш беше 3,9 милијарди долари. Ако се случи рецесија нема шанса за никоја земја бидејќи ќе дојде до контракција на извозот, вели Фити.

Фото: Трилинг / академик Таки Фити

По Трагедијата во Кочани произлезе лидерската средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со идеја за нов општествен договор. За тоа колку во вакви околности на политичка поларизираност и на дијаметрално спротивставени позиции може да се изгради широк консензус и да се формира тој т.н нов општествен договор кој би придонел во зацртување на јасните стратегиски цели на државата, академик Фити смета дека тоа е многу значајно прашање, но за жал и многу болна точка во Република Македонија, бидејќи со текот на времето од осамостојувањето до денес е направена голема поларизација меѓу политичките партии и во македонскиот и во албанскиот политички блок.

„Расте анимозитетот, непријателството. Често пати тие се третираат како вистински непријатели, а се фактички само политички противници. Мислам дека тука треба да се најде некаков компромис. Основно е со тек на време да се демократизираат односите внатре во политичките партии. Да расте комуникацијата, но и начинот на комуникација помеѓу претставниците на партиите. Гледате таа комуникација често паѓа на недозволено ниско ниво, често пати оди со перманетно навредување на личноста на политичари, вклучувајќи чесни политичари што сакаат навистина да помогнат на земјата, па тоа ги обесхрабрува паметни и чесни луѓе да влегуваат во политика. Треба да расте политичката култура кај широкото членство на сите партии.

Околу тоа дали сме сведоци на селективна правда, Фити вели дека има обвинувања и од една и од друга страна, зависи кој во која позиција е, но имаме селективност сигурно, но не само сега туку и малку пошироко.

„Гледате дека довербата во судството е 2-3%. Судството е крајно неефикасно. Најголемите, најтешките проблеми се во доменот на судството, а судскиот систем влегува во тие регулаторни институции кои ги создаваат неопходните услови за креирање функционална пазарна економија. Луѓето не се свесни колку се судскиот систем, владеењето на правото поврзани со економијата, институциите, нивниот квалитет, капацитет на дејствување. Затоа е тоа една од најбитните реформи. Во нашата стратегија има заклучок врз база на факти и математички модели дека најсилно влијание на идниот развој на Македонија ќе расте значењето на владеењето на правото и борбата против корупцијата како и воопшто доброто владеење во земјата. Така што дека има селективност – има, дека има неказнивост – има, дека таа неказнивост лошо дејствува и понатаму ја засилува корупцијата исто така е точно. Лично сметам дека најголемата, најзначајната реформа треба да биде таму, а таа е поврзана со сите други области на општественото живеење, вели академик Таки Фити.

Фото: Трилинг / д-р Ана Ѓорѓевиќ

Говорејќи за тоа во какво општество живееме за магазинот „Трилинг“ проф. Ѓорѓевиќ вели дека живееме во општество во кое имаме медиокритети, во кое не секогаш се цени она што значи квалитет.

„Некои други споредни нешта стануваат приоритет и понекогаш поважни критериуми за на пример избор кој каде ќе се најде и на кое работно место. Се работи за изместени вредности. Имаме ситуација во основните училишта. Имаме ученици кои се трудат, кои учат и кои заслужено добиваат високи оценки, а на крајот од учебната година се изедначени со оние кои ги добиваат високите оценки не заради својот труд или заслуга туку просто заради тоа што ги добиле на поклон. Тоа е демотивирачки за оние кои навистина учат“, вели Ѓорѓевиќ.

Околу тоа дали сме премногу отуѓени, премногу егоисти, Ѓорѓевиќ смета дека и едното и другото е присутно.

„Едното и другото не се неповрзани, напротив тие се поврзани. Отуѓеноста произлегува од нашиот егоизам. Ние не би биле отуѓени кога би го гледале другиот човек и неговите потреби како подеднакво важни како што сме важни ние и нашите потреби. Оттаму таа наша егоистичност не оттуѓува од другиот“, вели Ѓорѓевиќ.

Фото: Трилинг / м-р Тиана Ивановска

„Состојбата во Кочани во моментов е навистина комплексна затоа што тоа е сепак мал град, град којшто не го има секогаш капацитетот да се носи со волку голема траума. Иако често пати слушам дека моментално на Кочани му се даваат доста негативни епитети, дека е најтажниот град во Македонија или дека е градот на очајот, јас сметам дека во моментов Кочани е градот на којшто му треба најмногу љубов и грижа, изјави во магазинот „Трилинг“, психологот м-р Тиана Ивановска, која беше меѓу првите на терен по несреќата во Кочани, а потоа и во Скопје во болниците каде семејствата на повредените чекаа да слушнат нешто повеќе за состојбата на нивните најмили.

За тоа како ќе се справат семејствата или веќе се справуваат откако ја пребродија првичната шок информација дека изгубиле свое дете или некој свој близок, Ивановска вели дека тоа е долгорочен процес, процес кој не може да се случи преку ноќ.

„Тоа е процес којшто се одвива во многу фази и за којшто дефинитивно ќе биде потребна стручна помош, поддршка од пријатели, поддршка од работодавците, да се има повеќе разбирање за овие семејства, но сметам дека доколку се даде таа поддршка и доколку државата умее да ја препознае нивната болка и им се овозможат сите можни механизми на на поддршка во голема мера би се олеснил тој процес којшто секако е тежок, затоа што според психологијата највисокиот степен на психолошка болка е загуба на сопственото дете.

Фото: Трилинг / м-р Тиана Ивановска

„Сметам дека во моментов сите луѓе во Кочани зборуваат за трагедијата. Тоа е наративот и самата состојба го наметнува тој наратив и тоа ќе трае некое време. Меѓутоа наша одговорност е, затоа што сите ние живееме во другите градови низ Македонија, се очекува дека малку можеби полесно и побрзо ќе излеземе од сето тоа, најмногу да помогнеме на кочанчани да го задржат својот дух, да ја задржат својата смисла за постоењето, за живеењето и некако да помогнеме самиот град и сите жители да застанат на нозе“, вели Ивановска.

Говорејќи за тоа колку личностите кои се одважија да зборуваат што се се случувало во дискотеката „Пулс“ е на некој начин контрапродуктивно, Ивановска смета дека нашиот народ нема целосна едукација за тоа што значи траума и како да постапуваме во траума.

-Често пати може да слушнете дека ако споделите дека имате смртна загуба да ве прашаат од што почина човекот што е тотално ирелевантел детал за вашата тага. Нешто слично е поврзано и со овој тип на сведоштва. Кога некој проаѓа низ голема траума апсолутно ирелевантни се деталите – како се случила таа траума. Важно е како се чувствува личноста. Исто многу значајно е типот и природата на наративот кој го има во тие видеа. Дали вие креирате видео во кое има позитивен, охрабрувачки наратив кој го охрабрува народот да се бори, лекува, соединува или имате сензационалистички негативен наратив во кој се зборува за катастрофата, деталите, предизвикува ужаснување кај публиката и тн. Значи во зависност од наративот таков ќе биде и ефектот врз широките маси.

За тоа дали постои реална опасност да се создаде своевидна психоза меѓу граѓаните – младите да не сакаат да одат во дискотека, забава, да се создаде отуѓеност, асоцијалност меѓу граѓаните генерално, Ивановска вели дека постои и заради тоа, меѓудругото, апелира околу тоа што се сервира како наратив помеѓу широките маси.

„Тоа не се вика психоза, јас го нарекувам креирање на секундарни стравови или некоја посттрауматика, затоа што тие стравови од пожар, од гужва, стравови од тоа дали местото има еден или два излеза и потреба да се бараат излезите, да сме блиску до нив, сите тие стравови влегуваат во таа посттрауматика. Сега наша најголема одговорност е како да ја намалиме таа пострауматика, затоа што не е целта на колективната траума да го нарушиме квалитетот на живеење на луѓето. Не сакаме тоа да го постигнеме затоа што нема да направиме ништо добро, напротив сметам дека треба да сме повеќе фокусирани на трансформација на колективот, правење на колективни промени, но да го задржиме квалитетот на луѓето и некако да ги поддржиме да продолжат да живеат еден нормален животен тек, каде социјализацијата и излегувањето во диско е нешто што е многу природно и здраво, вели м-р Ивановска и потенцира дека е потребни сите професионалци повеќе да се заземат за народот и народните маси и да се биде повеќе присутен помеѓу луѓето, како и тоа дека е потребно државата повеќе да ги охрабрува ваквите нешта, затоа што тоа е она кое го учи народот како да се донесува.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.