(Видео) М-р Ивановска: Заедничка обврска е да помогнеме кочанчани да застанат на нозе

🔴 -Сметам дека во моментов сите луѓе во Кочани зборуваат за трагедијата. Тоа е наративот и самата состојба го наметнува тој наратив и тоа ќе трае некое време. Меѓутоа наша одговорност е, затоа што сите ние живееме во другите градови низ Македонија, се очекува дека малку можеби полесно и побрзо ќе излеземе од сето тоа, најмногу да помогнеме на кочанчани да го задржат својот дух, да ја задржат својата смисла за постоењето, за живеењето и некако да помогнеме самиот град и сите жители да застанат на нозе“, вели Ивановска.

„Состојбата во Кочани во моментов е навистина комплексна затоа што тоа е сепак мал град, град којшто не го има секогаш капацитетот да се носи со волку голема траума. Иако често пати слушам дека моментално на Кочани му се даваат доста негативни епитети, дека е најтажниот град во Македонија или дека е градот на очајот, јас сметам дека во моментов Кочани е градот на којшто му треба најмногу љубов и грижа, изјави во магазинот „Трилинг“, психологот м-р Тиана Ивановска, која беше меѓу првите на терен по несреќата во Кочани, а потоа и во Скопје во болниците каде семејствата на повредените чекаа да слушнат нешто повеќе за состојбата на нивните најмили.

За тоа како ќе се справат семејствата или веќе се справуваат откако ја пребродија првичната шок информација дека изгубиле свое дете или некој свој близок, Ивановска вели дека тоа е долгорочен процес, процес кој не може да се случи преку ноќ.

„Тоа е процес којшто се одвива во многу фази и за којшто дефинитивно ќе биде потребна стручна помош, поддршка од пријатели, поддршка од работодавците, да се има повеќе разбирање за овие семејства, но сметам дека доколку се даде таа поддршка и доколку државата умее да ја препознае нивната болка и им се овозможат сите можни механизми на на поддршка во голема мера би се олеснил тој процес којшто секако е тежок, затоа што според психологијата највисокиот степен на психолошка болка е загуба на сопственото дете.

За душевната болка, гневот и колку е реално да се очекува некаков понатамошен нормален живот во градот, Ивановска смета дека тоа многу ќе зависи од сите нас.

Фото: Трилинг / м-р Тиана Ивановска

„Сметам дека во моментов сите луѓе во Кочани зборуваат за трагедијата. Тоа е наративот и самата состојба го наметнува тој наратив и тоа ќе трае некое време. Меѓутоа наша одговорност е, затоа што сите ние живееме во другите градови низ Македонија, се очекува дека малку можеби полесно и побрзо ќе излеземе од сето тоа, најмногу да помогнеме на кочанчани да го задржат својот дух, да ја задржат својата смисла за постоењето, за живеењето и некако да помогнеме самиот град и сите жители да застанат на нозе“, вели Ивановска.

„Јас не работам сама, јас работам во склоп на систем кој се вика „Тело за интервенција во кризи“ кој е дел од Комората на психолози. Ние сме многу психолози на терен и често одиме таму. Одиме и по потреба во зависност кој се јавува за психолошка поддршка. Моментално работиме во Центарот на Црвениот крст во Кочани каде што има слободни простории и каде што буквално секој кој чувстува потреба може да дојде и да побара бесплатна психолошка поддршка, вели Ивановска и додава дека има и други активности како работилници во училиштата, вклучени се и училишните психолози од Комората коишто исто така одат работат на терен, работат со наставниците, со стручните служби.

-Отворени се за работа и со родителите на децата и тн., со цел да се овозможи една мултифакторска поддршка на повеќе нивоа, затоа што не е доволно да бидете на едно место. Сметам дека во понатамошниот период ќе бидат сите луѓе кои биле на некој начин вклучени во сето тоа и сега ќе се стави акцент на долгорочни проекти коишто ќе се прават во Кочани во насока на менталното здравје.

– Верувам дека нема нешто што се нарекува лек. Велиме лек, тоа звучи како нешто што може да дојде и да не излекува веднаш. Ова е повеќе долготраен процес, долгорочен процес во кој секоја индивидуа ќе тагува и ќе се лекува на свој начин во зависност од тоа колку била погодена од самиот настан. Нормално дека луѓето кои биле директно инволвирани ќе имаат поголема потреба за поддршка, но и останатите граѓани секој ќе го изживува и процесира тоа што се случило. Така што нема еднократен лек, нема еднократно решение, но по мене сметам дека надежта најмногу извира од нашата желба како луѓе да помогнеме и да бидеме таму присутни, не само во првите денови по трагедијата туку особено во периодот што претстои.

За тоа кои и какви би можеле да бидат последиците од јавните сведоштва на директните учесници кои успеаја да се спасат од таа голема трагедија и колку тие сведоштва дополнително создаваат немир или пак можеби помагаат да се долови реалната слика за тоа што се слуувало таа вечер во Кочани, психологот Ивановска вели дека ние имаме научен пристап во информирањето кое доаѓа од лица жртви на некоја траума.

„Имате одреден сет на принципи и правила кои треба да се практикуваат кога се земаат изјави од природата на сведоштвата. Доколку ниту највисокиот степен на институции од типот на полициски службеници, инспектори, здравствени работници и тн., не ги поставуваат тие прашања – има зошто не ги поставуваат тие прашања. Она што во моментов се случува е нешто што во психологијата го нарекуваме идентификација со траума.

-Значи сите тие луѓе кои преживеале тоа што преживеале на некој начин се идентификуваат со тие персони на преживеани и оттаму можеби доаѓа и ппотребата уште повеќе да зборуваат за тоа што се случило, уште повеќе да бидат на терен, да волонтираат и тн., но тоа на долг рок може да остави одредени последици. Поентата не е ние луѓето да ги задржиме само во тоа, туку да им помогнеме да бидат луѓето што биле и пред тој настан, значи да не се заборави она што сите тие луѓе биле претходно. Често пати ваквите трауматски искуста прават да се отиде на страна и да остане само таа една персона низ која тие се пројавуваат како личности.

-Токму затоа и јас упатив јавен апел, затоа што сметам дека за да може да се надмине ваков тип на траума во даден момент е потребно и самите луѓе да направат едно одвојување од она што се случувало, за да можат да видат што се случува внатре во нив и да не гледаат во околината околу себе.

Фото: Трилинг / м-р Тиана Ивановска

Говорејќи за тоа колку личностите кои се одважија да зборуваат што се се случувало во дискотеката „Пулс“ е на некој начин контрапродуктивно, Ивановска смета дека нашиот народ нема целосна едукација за тоа што значи траума и како да постапуваме во траума.

-Често пати може да слушнете дека ако споделите дека имате смртна загуба да ве прашаат од што почина човекот што е тотално ирелевантел детал за вашата тага. Нешто слично е поврзано и со овој тип на сведоштва. Кога некој проаѓа низ голема траума апсолутно ирелевантни се деталите – како се случила таа траума. Важно е како се чувствува личноста. Исто многу значајно е типот и природата на наративот кој го има во тие видеа. Дали вие креирате видео во кое има позитивен, охрабрувачки наратив кој го охрабрува народот да се бори, лекува, соединува или имате сензационалистички негативен наратив во кој се зборува за катастрофата, деталите, предизвикува ужаснување кај публиката и тн. Значи во зависност од наративот таков ќе биде и ефектот врз широките маси.

За тоа дали постои реална опасност да се создаде своевидна психоза меѓу граѓаните – младите да не сакаат да одат во дискотека, забава, да се создаде отуѓеност, асоцијалност меѓу граѓаните генерално, Ивановска вели дека постои и заради тоа, меѓудругото, апелира околу тоа што се сервира како наратив помеѓу широките маси.

„Тоа не се вика психоза, јас го нарекувам креирање на секундарни стравови или некоја посттрауматика, затоа што тие стравови од пожар, од гужва, стравови од тоа дали местото има еден или два излеза и потреба да се бараат излезите, да сме блиску до нив, сите тие стравови влегуваат во таа посттрауматика. Сега наша најголема одговорност е како да ја намалиме таа пострауматика, затоа што не е целта на колективната траума да го нарушиме квалитетот на живеење на луѓето. Не сакаме тоа да го постигнеме затоа што нема да направиме ништо добро, напротив сметам дека треба да сме повеќе фокусирани на трансформација на колективот, правење на колективни промени, но да го задржиме квалитетот на луѓето и некако да ги поддржиме да продолжат да живеат еден нормален животен тек, каде социјализацијата и излегувањето во диско е нешто што е многу природно и здраво, вели м-р Ивановска и потенцира дека е потребни сите професионалци повеќе да се заземат за народот и народните маси и да се биде повеќе присутен помеѓу луѓето, како и тоа дека е потребно државата повеќе да ги охрабрува ваквите нешта, затоа што тоа е она кое го учи народот како да се донесува.

„Не можеме да очекуваме од македонскиот народ свесноста од небо да му падне“, вели Ивановска.

Целото интервју со психологот м-р Тиана Ивановска погледнете го во видеото.