(Видео) Д-р Ѓорѓевиќ: Живееме во општество на медиокритети и изместени вредности

🔴 -Егоистични сме, конфликтите кои произлегуваат многу често доаѓаат токму од таму дека сме свртени само кон задоволување на сопствените потреби, вели психологот д-р Ана Ѓорѓевиќ.

„Овие празници се одлична можност ние да се свртиме кон себе си и кон она што значат наши вредности, наш вредносен систем и да видиме што е она што е сржта на нашето постоење, што е сржта која што го осмислува нашето живеење. Токму Велики петок е денот кога човекот се покажал во своето најмрачно, најтемно издание, бидејќи тоа е денот кога Христос е распнат и тоа не е само еден ден кој постоел некогаш во историјата. Тоа се случувања кои нас ни се провлекуваат низ животот постојано. Ние постојано може да правиме грешки големи или помали. Живееме во општество во кое сме премногу ориентирани кон себе си, но на еден егоистичен начин и конфликтите кои произлегуваат многу често доаѓаат токму од таму дека сме свртени само кон задоволување на сопствените потреби, а она што меѓудругото во овој период нас не потсетуваат овие празници е тоа дека треба да се свртиме кон другиот. Да го видиме другиот дека исто така е од Бога создаден човек и да го видиме другиот како некој со кој можеме да живееме и да соработуваме.

-Не би рекла дека денес е потешко да се биде човек отколку во некои минати времиња. Можеме да појдеме само во средина на минатиот век и да видиме дека за време на Втора светска војна, луѓе останувале луѓе и биле човек и тогаш кога се наоѓале во логорите. Го имаме Виктор Франкл којшто тоа ни го сведочи – дека луѓето кои биле во логорите, после неговото долготрајно присуство таму повеќе не можел да ги дели луѓето на Евреи и Германци, туку само на луѓе и нелуѓе. Така што секој период си има свои искушенија“, изјави во „Трилинг“, психологот д-р Ана Ѓорѓевиќ, говорејќи околу тоа дали веќе кај нас се изгуби човечноста.

Фото: Трилинг / д-р Ана Ѓорѓевиќ

Говорејќи за тоа во какво општество живееме проф. Ѓорѓевиќ вели дека живееме во општество во кое имаме медиокритети, во кое не секогаш се цени она што значи квалитет.

„Некои други споредни нешта стануваат приоритет и понекогаш поважни критериуми за на пример избор кој каде ќе се најде и на кое работно место. Се работи за изместени вредности. Имаме ситуација во основните училишта. Имаме ученици кои се трудат, кои учат и кои заслужено добиваат високи оценки, а на крајот од учебната година се изедначени со оние кои ги добиваат високите оценки не заради својот труд или заслуга туку просто заради тоа што ги добиле на поклон. Тоа е демотивирачки за оние кои навистина учат“, вели Ѓорѓевиќ.

Околу тоа дали сме премногу отуѓени, премногу егоисти, Ѓорѓевиќ смета дека и едното и другото е присутно.

„Едното и другото не се неповрзани, напротив тие се поврзани. Отуѓеноста произлегува од нашиот егоизам. Ние не би биле отуѓени кога би го гледале другиот човек и неговите потреби како подеднакво важни како што сме важни ние и нашите потреби. Оттаму таа наша егоистичност не оттуѓува од другиот“, вели Ѓорѓевиќ.

Целиот разговор со психологот д-р Ана Ѓорѓевиќ погледнете го во видеото.