
(Видео) Академик Фити: Можна рецесија, селективност и корупција, девастирано правосудство
🔴 Ако се заострат односите и ако се намали трговијата меѓу Кина и САД, а не смееме да заборавиме дека тоа се двете водечки по големи економии во светот и двете земји заедно усчествуваат со преку 20% во светскиот извоз и увоз, тоа би ги пореметило вкупните односи во светската економија и постои опасност од рецесија. 🔴 Кај нас се јави некоја идеја за слободна трговија, дека ние ќе може да издејствуваме третман на слободна трговија, трговија без царини со САД. Не знам колку е тоа реално, особено заради фактот што Македонија има многу мала преговарачка моќ, а слободна трговија би значела увоз-извоз без царини што е подобро од царини од 33%, вели академик Таки Фити. 🔴 За оценката на министерката за финансии Кочовска, дека војната со царините може да биде шанса за Македонија за извоз, Фити вели дека не знае како и во која смисла е тоа, но секоја војна која е поврзана со зголемување на царините и воведување на други пречки во основа води до контракција на светската економија, особено ако се случи рецесија. 🔴 -Да потсетам, рецесијата 2007-2008 година и што се случи со надворешната трговија на Македонија. Извозот само во однос на три земји - кон Грција, кон Германија и кон Италија кои тогаш беа нашите најголеми трговски партнери се намали за 1,2 милијарди долари. Вкупниот извоз тогаш беше 3,9 милијарди долари. Ако се случи рецесија нема шанса за никоја земја бидејќи ќе дојде до контракција на извозот, вели Фити.
„Точно е тоа дека на повидок е силна, скоро без преседан во досегашната економска историја, трговска војна, и не само на релација САД и Кина туку и пошироко, бидејќи гледаме дека односите се затегнати и во однос на ЕУ и на многу други земји кои инаку се традиционални пријатели на САД“, изјави во магазинот „Трилинг“ академик Таки Фити, говорејќи за тоа дали на сцена, на голабално ниво, е ново преструктуирање на економијата и финансиите.
-Она што сакам во овој момент да го истакнам е фатот дека меѓународната трговија со добра, стоки и услуги претставува еден од најзначајните лостови, двигател на економскиот раст и развој на секоја национална економија и на светската економија во целина. Тоа е основен лост и во глобализацијата. Затоа кога ја гледате историјата на меѓународната трговија после Втората светска војна, после 1947, ќе видите дека постојат константни, перманентни напори за либерализација на надворешната трговија, која во основа опфаќа намалување на царините за сите видови на производи, но исто така и либерализација на меѓународните текови на капиталот. На движењето на капиталот во неговите две основни форми – странски директни и портфолио инвестиции.
-1947. е формирана GATT, тоа е општа спогодба за трговија и тарифи и таа организација се бореше за либерализација на надворешната трговија, а наследник нејзин е Светската трговска организација во 1995. година, под чии закрила се организираат и т.н. рунди за либерализација, односно за намалување на царините и другите бесцарински бариери во глобални рамки. Последниот пакет предвидува дека ако се реализираат неговите мерки за понатамошна либерализација, значи и на тековите на стоки и на тековите на услуги, тогаш надворешната трговија ќе се зголеми за 1000 милијарди долари, а тоа ќе резултира со отворање на 18.000 нови работни места особено во земјите во развој. Сето ова илустрира колку многу е значајна таа либерализација на меѓународната трговија и со стоки и со услуги.
-Сега што се случува – обратни процеси. Ова е страшно што се случува и тоа може да предизвика и веќе предизвикува сериозни проблеми во глобални рамки“, вели академик Фити.
Говорејќи за тоа дали постои реална опасност од светска рецесија како онаа во 2008 година, Фити вели дека таа рецесија од 2007-2008 година беше најсилната рецесија после големата депресија од триесетите години од минатиот век, но објективна опасност постои.
„Ако се заострат односите и ако се намали трговијата меѓу Кина и САД, а не смееме да заборавиме дека тоа се двете водечки по големи економии во светот и двете земји заедно учествуваат со преку 20% во светскиот извоз и увоз, тоа би ги пореметило вкупните односи во светската економија и постои опасност од рецесија. Гувернерот на Централната банка на САД укажа дека ова што Трамп го прави сигурно ќе доведе до намалување на стапките на економскиот раст, до зголемување на инфлацијата и до можна рецесија“, вели Фити.
Околу тоа дали оваа трговска војна може да биде предвесник за нов светски конфликт пред сѐ имајќи предвид дека главната економска сила, двете најголеми економски сили – САД и Кина се веќе во голема трговска војна, Фити вели дека посебно треба да се истакне дека непријателствата меѓу Кина и САД имаат две основи – првата е идеолошка основа. Кина ден денес се декларира како комунистичка земја иако суштински гледано таа има капиталистички систем кој почна да се воспоставува многу одамна. Тоа е капитализам од кинески тип, но е во основа пазарна економија и е капитализам. Другата работа е економската основа на овие непријателства меѓу двете земји. Таа е многу позначајна. Економската основа се огледа во фатот што брзо расте економската моќ на Кина. САД ги губат позициите. Релативната економска моќ на САД се намалува во однос на Кина и во однос и на други земји кои обично ги опфаќање со терминот – земји во подем.

Говерејќи за тоа дали Кина може да има има влијание на европскиот континент со свои производи, а со тоа да ги потисне останатите производи пред сѐ Америка, академик Фити вели дека Кина има многу агресивна извозна политика и во поглед на извозот на добра и услуги и во поглед на странските директни инвестиции.
„Таа многу извезува во рамките на регионот, во рамките на земјите членки на БРИКС, но исто така има многу извоз и странски директни инвестиции и во африканскиот континент. Влезе со свои инвестиции, дури и во некои европски земји, во Грција на пример. Соседна Србија зеде големи кредити за инфраструктурни објекти. Она што е битно е дека Европа сметам дека ќе биде многу претпазлива во однос на таа агресивна политика со Кина, бидејќи и сега Европа ги предупредува земјите како Македонија, Србија и други дека треба да бидат многу внимателни, затоа што тука има еден друг проблем – кога станува збор за извозот на стоки и услуги од Кина, Кина има голема државна помош, субвенции и тн., кои инаку во основа се забранети, СТО не ги толерира, има склоност кон корупција и слично, затоа ЕУ е многу претпазлива. Деновиве излезе информација дека ЕУ ќе дозволи увоз на кинески автомобили но под еден услов – ако се постави минимална цена на која Кинезите ќе мора да се придржуваат.
Околу топло-ладно политиката на Трамп кој сега донесе одлука за одложено дејство на царините и дали тоа значи дека остава простор низ билатерални договори да се усогласат земјите, Фити смета дека Доналд Трамп не очекувал ваква силна енергична реакција од останатиот дел од светот.
„ЕУ не треба да се потцени. Таа е традиционален пријател на САД, традиционален трговски партнер, пазар со 400 милиони луѓе, со огромна абсорбциона моќ, технолошки силни земји. Трамп можеби не очекуваше таква реакција од ЕУ која веднаш рече дека ќе оди со контра мерки. Кинезите исто рекоа дека ќе одат со контра мерки и многу други земји како Канада, Мексико кои исто така се нивни пријатели и се заедно во северно-американсакта спогодба за трговија и царини. Сите изреагираа силно. Од друга страна мислам дека настанаа турбуленции внатре во рамките на економскиот тим на Трамп. Знаете дека Наваро, кој е заговорник на протекционизам и кој е фактични архитект на оваа политика на зголемување на царините и другите не царински лимити во меѓународната трговија дојде во силен судир со Маск кој пак е задолжен за ефикасноста на владината администрација, па дури меѓусебно се изнавредија со многу лоши зборови, вели Фити.
Околу тоа како македонската Влада може да преговара за намалување на царинските давачки со САД откако претходно ни воведоа 33% царини, Фити вели дека тоа беше изненадување.
„Претставниците на нашите власти не очекуваа такво нешто, но Трамп така постапи со сите земји. Постапи неселективно, нема врска многу онаа формула што ја кажаа. Повеќе одлуките се политички, па дури има воведено царини на некои острови во Пацификот каде не живеат луѓе, живеат фоки. Значи администрацијата, бирократијата си го направи своето, по некој автоматизам тргна тој бран.
-Кај нас се јави некоја идеја за слободна трговија, дека ние ќе може да издејствуваме третман на слободна трговија, трговија без царини со САД. Не знам колку е тоа реално, особено заради фактот што Македонија има многу мала преговарачка моќ, а слободна трговија би значела увоз-извоз без царини што е подобро од царини од 33%, вели академик Таки Фити.
За оценката на министерката за финансии Кочовска, дека војната со царините може да биде шанса за Македонија за извоз, Фити вели дека не знае како и во која смисла е тоа, но секоја војна која е поврзана со зголемување на царините и воведување на други пречки во основа води до контракција на светската економија, особено ако се случи рецесија.
„Да потсетам, рецесијата 2007-2008 година и што се случи со надворешната трговија на Македонија. Извозот само во однос на три земји – кон Грција, кон Германија и кон Италија кои тогаш беа нашите најголеми трговски партнери се намали за 1,2 милијарди долари. Вкупниот извоз тогаш беше 3,9 милијарди долари. Ако се случи рецесија нема шанса за никоја земја бидејќи ќе дојде до контракција на извозот, вели Фити.
Околу јавниот долг кој изнезува 62,4% и дали ова се должи на последните фискални дефицити, Фити вели дека јавниот долг така се формира.
„Кога расте буџетскиот дефицит доаѓа до кумулирање на јавниот долг. Буџетските дефицити настануваа со задолжување на земјата надвор, земање на кредити, заеми и сега е веројатно на највисоко ниво и тоа е еден сериозен проблем за Македонија. Сега сме во ситуација кога фискалниот простор на земјата е исцрпен. Многу е опасно ако се случи некоја нова поголема криза или некој нов вирус како што беше со Ковид-19, бидејќи во ваква ситуација со толку големи буџетски дефицити и толку висок кумулиран јавен долг Македонија нема да може а интервенира како што беше тоа случај за време на големата рецесија 2007-2008 година. Тоа е сериозен проблем, но и тоа покажува дека она што Владата мора да го прави од денес натаму е да се премине конкретно на процес на фискална консолидација, а тоа значи сведување на буџетските дефицити во нормални рамки за Македонија. А нормална рамка за Македонија е да не биде поголем од 3%, дури за мене под 2% треба да биде за да не дојде до кумулирање на долгот“, вели Фити.
На прашањето што прави МАНУ во време кога имаме постојани, перманентни светски движења, како и дека Академијата има направено серија на стратегии до неодамнешната средба на претседателот на МАНУ, академик Попов со премиерот Мицкоски со идеја за нова долгорочна стратегија, Фити вели дека нова стратегија е изработена сега.
„2024 година има нова стратегија која се вика Национална развојна стратегија на Република Македонија за периодот 2024 – 2044 година. Таа стратегија е изработена во последниве 2-3 години каде МАНУ не беше лидер, но имаше активна партиципација и заврши најголем дел од таа стратегија и после се направија некои забуни затоа што недоволно сме транспарентни и МАНУ и сите учесници во таа стратегија. После премиерот Мицкоски рече дека треба да се направи стратегија до 2050 година, што значи ако имаме до 2044 година ние можеме тие проекции да ги екстраполираме до 2050 година, но постои Национална стратегија која сметам дека е многу добар документ. Тука се опфатени клучните прашања и проблеми и тука има решенија, мерки и политики. Ние третираме шест области.
-Првата областа е одржлива иновативна и конкурентна екномија. Што да се направи да се постигне таа цел до 2044 година.
-Втората е одржлив регионален и локален економски развој.
-Третата е демографска ревитализација. Сериозен проблем е со демографијата во Република Македонија.
-Другата многу значајна е владеење на правото во контекст на европските интеграции.
-Зелената транзиција исто така е посебна област.
-Безбедноста и справување со ризици на општеството се посебни области.
-Тука беа вклучени голем број на експерти и што е најбитно тој документ е усвоен од страна на Владата на Република Македонија и усвоен од Собранието, така што сега има сила на Закон. Формиран е Национален совет за развој, кој треба да ја следи имплементацијата на она што е напишано таму, а таму се дадени мисијата, визијата, целите и приоритетите и институциите кои се задолжени за нивна реализација. МАНУ во следниот период ќе има значајна улога во мониторинг на имплементација и ќе помага толку колку што може. Има разговори помеѓу нашиот претседател и премиерот, МАНУ да излезе со неколку значајни прокети и да направи стратегиски документ за некои значајни, приоритетни прашања малку пошироко да се одработат.

Говорејќи за тоа дали како држава водиме прозападна или анти-ЕУ политика и дилемата кон кого да се приклониме – кон САД или ЕУ, Фити вели дека постои таа дилема и таа работа се подгрева од страна на некои аналитичари, новинари и тн.
„Тоа се прави особено заради тоа што нашиот пат кон ЕУ е во основа блокиран меѓудругото и заради еден некорентен однос на ЕУ во смисла што дозволи билатерализација на проблемот и прашањето со идентитетот и македонскиот јазик визави Бугарија, со оглед на тоа што бавно оди тој процес, со оглед на тоа што скапо ја плативме целата евро-атлантска интеграција. Меѓутоа за мене, и мислам дека тоа е вистинскиот третман, оваа дилема е лажна дилема. Останува фактот дека ние сме стратегиски пријатели со САД и тоа е потврдено. Тие се наш голем пријател, тие секогаш не поддржуваат и охрабруваат да ги засилиме реформите за приближување кон ЕУ. Никој нема проблем или дилема во САД дека местото на Македонија е во ЕУ. Суштински гледано нашето место е таму, ние географски примаѓаме во Европската зедница. Ние економски имаме силни врски со ЕУ – 80% од надворешно-трговската размена е со Европската унија. Нашите најголеми стратегиски партнери, вклучувајќи ја и Германија се во ЕУ. ЕУ има огромен пазар од 400 милиони луѓе, со висок доход и висока абсорбциона моќ. Кај ќе одиме ние? Ќе одиме во БРИКС или ќе одиме во САД? Гледате колкав е извозот во Америка. Јас мислам дека и од овие изјави што ги слушам и од претставници на Владата, барем според изјавите останува таа стратешка ориентација кон ЕУ, но друго е прашањето колку брзо ќе успееме да ги надминеме тие проблеми и да ја надминеме оваа блокада што ја имаме и ја испорачува Бугарија. Но не само Бугарија, и некои дуги земји од ЕУ стојат зад тоа, вели Фити.
По Трагедијата во Кочани произлезе лидерската средба меѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ со идеја за нов општествен договор. За тоа колку во вакви околности на политичка поларизираност и на дијаметрално спротивставени позиции може да се изгради широк консензус и да се формира тој т.н нов општествен договор кој би придонел во зацртување на јасните стратегиски цели на државата, академик Фити смета дека тоа е многу значајно прашање, но за жал и многу болна точка во Република Македонија, бидејќи со текот на времето од осамостојувањето до денес е направена голема поларизација меѓу политичките партии и во македонскиот и во албанскиот политички блок.
„Расте анимозитетот, непријателството. Често пати тие се третираат како вистински непријатели, а се фактички само политички противници. Мислам дека тука треба да се најде некаков компромис. Основно е со тек на време да се демократизираат односите внатре во политичките партии. Да расте комуникацијата, но и начинот на комуникација помеѓу претставниците на партиите. Гледате таа комуникација често паѓа на недозволено ниско ниво, често пати оди со перманетно навредување на личноста на политичари, вклучувајќи чесни политичари што сакаат навистина да помогнат на земјата, па тоа ги обесхрабрува паметни и чесни луѓе да влегуваат во политика. Треба да расте политичката култура кај широкото членство на сите партии.
-Овој чекор што сега е направен јас го оценувам како добар, меѓутоа далеку сме од тоа дека брзо ќе го постигнеме тоа, а гледате дека сите земји постигнуваат таков консензус за статегиски прашања, без оглед дали се работи за економија, идентитет и тн. Партиите нека си конкурираат и нека се критикуваат меѓу себе врз база на проекти, а не врз база на други работи и се разбира дека еден услов и за економскиот развој е силна борба против корупцијата, но не на хартија, не со флоскули, туку фактички, бидејќи тоа е многу сериозен проблем и како што гледате секогаш дополнително ги распламтува односите меѓу партиите. Значи тука треба да се направи силен чекор, бдеијќи корупцијата ќе ја уништи оваа земја.
Околу тоа дали сме сведоци на селективна правда, Фити вели дека има обвинувања и од една и од друга страна, зависи кој во која позиција е, но имаме селективност сигурно, но не само сега туку и малку пошироко.
„Гледате дека довербата во судството е 2-3%. Судството е крајно неефикасно. Најголемите, најтешките проблеми се во доменот на судството, а судскиот систем влегува во тие регулаторни институции кои ги создаваат неопходните услови за креирање функционална пазарна економија. Луѓето не се свесни колку се судскиот систем, владеењето на правото поврзани со економијата, институциите, нивниот квалитет, капацитет на дејствување. Затоа е тоа една од најбитните реформи. Во нашата стратегија има заклучок врз база на факти и математички модели дека најсилно влијание на идниот развој на Македонија ќе расте значењето на владеењето на правото и борбата против корупцијата како и воопшто доброто владеење во земјата. Така што дека има селективност – има, дека има неказнивост – има, дека таа неказнивост лошо дејствува и понатаму ја засилува корупцијата исто така е точно. Лично сметам дека најголемата, најзначајната реформа треба да биде таму, а таа е поврзана со сите други области на општественото живеење, вели академик Таки Фити.
Целиот разговор погледнете го во видеото.