
Тинејџер од Битола завршил со крварење во мозокот по тепачка со врсник, вториот бил избоден со нож
Момче од Битола на 18 години е тешко повредено и во бесознание транспортирано на клиниката за Неврохирургија во Скопје по тепачка со врсник. Другото момче завршило во Битолската болница со посекотини и повреди нанесени со нож. Засега е нејасно што била причината поради која тинејџерите влегле во ваква крвава пресметка.
Момче од Битола на 18 години е тешко повредено и во бесознание транспортирано на клиниката за Неврохирургија во Скопје по тепачка со врсник. Другото момче завршило во Битолската болница со посекотини и повреди нанесени со нож. Засега е нејасно што била причината поради која тинејџерите влегле во ваква крвава пресметка, со оглед на тоа што сѐ уште се средношколци.
Од Битолската клиничка болница за „Независен“ потврдуваат кај нив било однесено момче кое по направениот преглед и потребните снимања било констатирано дека има крварење во мозокот и е во сериозна состојба.
„Поради тежината на повредата и крварењето на мозокот, младиот пациент веднаш е препратен на клиника во Скопје“, велат од болницата.
Во битолската болница било згрижено и друго момче кое имало расекотини од нож.
Според СВР Битола сѐ уште се работи на расчистување на случајот. Настанот е пријавен во вторникот вечерта во 20.40 часот во полиција од страна на Клиничката болница Битола, откако кај нив било однесено 18 годишно момче во бесознание.
„Во болницата со тешки телесни повреди и во бесознание бил донесен А.М.(18) од Битола, кој потоа, поради сериозноста на повредите, бил пренесен во Комплекс клиники ‘Мајка Тереза’ во Скопје. Полициски службеници од СВР Битола преземале мерки и било дојдено до сознание дека тој се здобил со повредите при пресметка со В.И.(18) од Битола, кој, исто така, бил пренесен во Клиничка болница Битола со повреди од остар предмет. Се преземаат мерки за целосно расчистување на настанот“, стои во извештајот од СВР Битола.