
Слогани против Турција на вчерашната воена парада во Атина
Слогани против Турција, но и дека Кипар е грчки, извикувале студентите од грчката Академија за офицери во воената морнарица на вчерашната воена парада во Атина, нешто што според грчките медиуми предизвикало реакција од надлежните и се очекува да се покрене дисциплинска истрага.
Слогани против Турција, но и дека Кипар е грчки, извикувале студентите од грчката Академија за офицери во воената морнарица на вчерашната воена парада во Атина, нешто што според грчките медиуми предизвикало реакција од надлежните и се очекува да се покрене дисциплинска истрага, јави дописничката на МИА од Атина.
Видеото со извиците беше објавено на социјалните мрежи, а е снимено на атинска улица, откако студентите ја поминале официјалната ложа и парадираат пред граѓаните.
Весникот „Катимерини“ повикувајќи се на свои информации, пишува дека студентите првично ќе бидат повикани да дадат објаснувања, а потоа ќе биде припишана одговорност, додека Турција реагирала на дипломатско ниво и побарала објаснувања.
Одговори и објаснувања за, како што велат „неприфатливиот инцидент“, бараат и од опозициската СИРИЗА, кои преку соопштение коментираат дека националистичките слогани и недостатокот на дисциплина „не гарантираат моќ“.
На воената парада исто така во Атина пред 15 години, припадниците на специјалната нуркачка единица извикуваа националистички слогани против нашата земја и против Албанија, скандирајќи меѓу другото, „Ги викаат Скопјани, ги викаат Албанци, од нивната кожа ќе си ги сошијам облека“ по што беше одржано судење и една година подоцна, двајца од специјалците добија условна затворска казна.