ВМРО-ДПМНЕ и дава уште 5 дена на власта да се преиспита, од СДСМ велат: Фарса е седницата на ИК!

ИК на ВМРО-ДПМНЕ синоќа донесе одлука за активна блокада на Собранието од 10 мај, а на власта и остави уште 5 дена да си го преиспита однесувањето.

Како што информираат од опозициската партија, на седницата било дискутирано за „националната катастрофа во која е втурната Македонија со СДСМ и ДУИ. Ситуацијата која е предизвикана од СДСМ и ДУИ, а се бележи со сиромаштија, криминал и корупција резултира и со состојба во која Македонија ја има се помалку.
СДСМ и ДУИ се креатори на сите кризи, и тие не можат да бидат решение, напротив кризите се повеќе се продлабочуваат, затоа се потребни предвремени парламентарни избори“.

Од ДПМНЕ потенцираат дека „ќе пристапат кон активна блокада на Собранието, а со цел предизвикување лидерска средба на која ќе биде договорен датум за предвремени парламентарни избори, и ќе се пристапи кон изнаоѓање на решенија во клучните сектори во кои ВМРО-ДПМНЕ понуди тимови. Тоа се секторите финансии, здравство, образование и секако меѓународните односи, европските интеграции и проблемот којшто Македонија го има со Бугарија“.

Од владејачката СДСМ велат дека „седницата на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ е најобична фарса, а штетните одлуки за новите блокади се нарачка од Никола Груевски кои Христијан Мицкоски само ги спроведува“.

„Во време на најголема енергетска и економска криза после Втората светка војна, кога Собранието треба да носи ефикасни одлуки за граѓаните Мицкоски спроведува нови блокади. Наместо да ги деблокира законите кои подолго време ги кочи во Собранието, како Законот за Клинички центар, Законот за наставници и стручни сорабтници во основните и средните училишта, Законот за службата во Армијата, криминалната ВМРО-ДПМНЕ се посвети на нови деструкции. Граѓаните ја гледаат разликата, СДСМ прави се и успешно ја менаџира најголемата енергетска и финансиска криза, го штити стандардот на граѓаните и компаниите“ велат од СДСМ.