„Активната блокада на Собранието ќе се спроведува се додека актуелната власт не седне и не се постигне договор за одржување предвремени парламентарни избори“ изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски.
„СДСМ со таа изјава признаваат дека Македонија е во криза, а во оваа криза тие наместо да се обратат на најголемата политичка партија со најголемата пратеничка група, со најголемиот број градоначалници тие одлучија да молчат. Два месеца буквално ги молевме и секој наш чекор е реакција на нивната акција, Јас на самата прес-конференција кога го најавив ова кажав дека за се понатаму единствената одговорност ќе биде врз Ковачевски и врз СДСM. Сакам да ја потенцирам нашата сериозност, ова нема, ќе повторам, да трае 1-2-3-5 дена, ова ќе трае со недели, а можеби и со месеци се додека оваа Влада конечно не се вразуми, не седне со опозицијата и не организираме предвремени парламентарни избори“ – рече Мицкоски.
„Ако мислите дека тука ќе завршиме, нема да завршиме тука. Ова ќе биде процес во кој што треба комплетно да ја принудиме оваа Влада раководена од 15 пратеници на ДУИ и администрирана од Ковачевски и СДСМ да замине. Во најмала рака, ова е процес којшто ќе трае повеќе месеци се додека оваа неразумна Влада не се вразуми. Однапред им се извинувам на граѓаните за сето она кое што ќе следи во периодот пред нас, но мора да не разберат, поддршка ни е потребна, охрабрување ни е потребно од нив. Иднината на Македонија ќе ја кројат граѓаните на Македонија“ вели лидерот на најголемата опозициска партија.
Од СДСМ сметаат дека „во време на најголема економска и енергетска криза по втората светска војна, кога Собранието треба да носи брзи ефикасни решенија за граѓаните, Христијан Мицкоски најавува нови блокади“
„Наместо како институција за креирање подобри закони во секојдневната борба за заштита на стандардот на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски го користат македонското Собрание за блокади. Ова покажува дека деструктивноста на Мицкоски и неговата политичка инструментализираност како послушник на Никола Груевски нема граници. ВМРО-ДПМНЕ беше против покачувањето на минималната плата, беше против воведување поврат на ДДВ за физички лица, беше против петитот пакет финансиска помош за граѓаните и компаниите, блокираше средства од Светска банка за борба против пандемијата од КОВИД 19. Со најавите за уште поголеми блокади, Мицкоски не го блокира СДСМ, не ја блокира Владата. Мицкоски не му носи штета на СДСМ ниту на Владата“ – велат од СДСМ.