45 македонски државјани поседуваат недвижности вредни 14 милиони долари во Дубаи
Странски државјани поседуваат имоти во Дубаи, ОАЕ – обвинети, осудени или осомничени за меѓународен криминал.
На таа листа се наоѓаат и 45 македонски државјани, кои поседуваат 55 недвижности во вкупна вредност од 14 милиони долари. Засега не се објавени нивните имиња.
Истражувањето открило 800.000 имоти во сопственост на 274.000 поединци и компании од целиот свет, податоците биле добиени од Центарот за напредни одбранбени студии со седиште во Вашингтон.
Најголем број од лицата кои поседуваат имот се од руско потекло, вклучувајќи олигарси, политичари или јавни функционери, а потоа следат државјани на Европската Унија, а меѓу нив и неколку европски политичари и пратеници, обвинети за лошо управување со јавните фондови или за непријавување на целосниот обем на нивните приходи и имот.
Од Балканот, во истражувањето се наведени двајца бугарски државјани кои се дел од листата: Ирена Крастева, сопственичка на медиуми во Бугарија и мајка на осудуваниот политичар и пратеник Дељан Пеевски, која поседувала вила вредна половина милион долари, како и Велико Желев, поранешен директор на државната агенција за патишта, обвинет за финансиски криминал тежок 11,5 милиони евра, кој во Дубаи поседувал дури 10 апартмани.
Според Извештајот, на списокот има и косовски државјани кои имаат „помалку од пет имоти“, во сопственост на „помалку од петмина сопственици“, а вредноста е околу еден милион евра. 17 луѓе од Албанија во Дубаи имаат регистрирано 19 „офшор“ имоти со вкупна вредност од 7 милиони долари. Од соседните земји, Србија има најмногу имоти: вкупно 287. Тие се во сопственост на 237 сопственици, а вкупната вредност е 74 милиони евра.