Се очекува годинава С. Македонија да има економски раст
„Економскиот раст на земјава во 2022 година се очекува да забави до 2,7 проценти при што реалниот БДП до средината на годинава ќе го достигне нивото пред пандемијата“.
Ова е оценката на Светска банка (СБ) во Редовниот полугодишен економски извештај за државите од Западен Балкан.
Основното сценарио на СБ се потпира на претпоставката дека акутната фаза на кризата ќе се ублажи во вториот квартал од 2022 година дури и ако ефектите од санкциите заради војната во Украина продолжат и во текот на 2022, но и 2023 година.
„Енергетскиот сектор, земјоделството и автомобилската индустрија ќе бидат попогодени од останатите сектори. Доколку се пролонгира војната во Украина дополнително ќе се намали надворешната побарувачка, ќе се зголемат цените на клучните стоки и енергијата, ќе се попречи мобилноста и ќе се одложат инвестициите“ – оценува СБ во прелиминарниот извештај.
Од СБ нагласуваат дека се очекува фискалниот дефицит во земјава да остане на високо ниво и во 2022 година согласно со континуираната поддршка на фирмите и домаќинствата за ублажување на влијанието од енергетската криза и кризата поврзана со Украина.
„Фискалниот дефицит постепено ќе се намалува до 2024 година оставајќи го јавниот долг над 64 проценти од БДП. Сепак среднорочните изгледи остануваат позитивни, но ризиците во голема мера се надолни и нагласени“ – оценува СБ.
Во извештајот се нагласува дека нарушувањата поврзани со долготрајниот пандемиски шок, војната во Украина, продолжените прекини во синџирот на снабдување, зголемените притисоци на минималната плата кои ги зголемуваат другите инфлаторни притисоци, политичката ситуација, вклучувајќи ја и де факто парализираната состојба во Парламентот и тековната енергетска криза продолжуваат да натежнуваат на перспективите на земјата.