Разговор Трамп и Путин: Русија се согласи на ограничен прекин на огнот

Русија се согласи на ограничен прекин на огнот, или суспензија на нападите врз украинската енергетска инфраструктура за 30 дена, одлуката е донесена по разговорот меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин кој траеше околу час и половина, потврди Белата куќа, објави Би-Би-Си.

Во соопштението објавено по повикот на двајцата претседатели, Белата куќа рече дека двете страни се согласиле да одржат „технички преговори“ за прекин на огнот во регионот на Црното Море, како и за целосен прекин на огнот и на крајот – постојан мир.

Подолу е соопштението на Белата куќа.

„Денеска претседателот Трамп и претседателот Путин разговараа за потребата од мир и прекин на огнот во војната во Украина. Двајцата лидери се согласија дека овој конфликт треба да заврши со траен мир.

Тие ја истакнаа и потребата од подобрување на билатералните односи меѓу САД и Русија. Крвта и богатството што Украина и Русија ги потрошија во оваа војна би можеле подобро да бидат насочени кон потребите на нивниот народ“, се вели во соопштението на Белата куќа.