Ковачевски во Александруполи: Историски настан за земјите од регионот!
Премиерите на С. Македонија, Грција и Бугарија, Димитар Ковачевски, Кирјакос Мицотакис и Кирил Петков, претседателот на Србија, Александар Вучиќ и првиот човек на Европскиот совет, Шарл Мишел денеска во соседна Грција ја истакнаа важноста на новиот терминал за течен гас (ЛНГ) во Александруполи за енергетска независност, ослободување од рускиот гас и диверзификација на изворите.
Ковачевски во обраќањето рече дека „ова е историски настан за земјите од регионот во делот на енергетиката“ и станува збор за проект за „долгорочна енергетска независност за стабилно и постојано снабдување со течен гас во едно исклучително кризно време“.
Македонскиот премиер додаде дека користењето на нови извори на енергија и замената на јагленот со гас се нашите најважни стратешки интереси.
Мицотакис рече дека присуството на балканските лидери на манифестацијата го претставува единството на Балканот, но и дека „нашиот полуостров може да има свое место во стратегијата за енергетска транзиција на целиот континент“. Тој истакна дека со овој, но и со други планирани проекти набргу ќе може рускиот гас да се замени со други извори, а конкретните земји може да имаат клучна улога на новата енергетска мапа.
Бугарскиот премиер Петков истакна дека е потребно земјите да работат заедно, потенцирајќи дека „економскиот притисок на Кремљ врз Бугарија и Европската Унија нема да успеат“.