
Костадиновски: Собранието мора да го почитува Уставот околу Судскиот совет, тој е независен
Претседателот на Уставниот суд, осврнувајќи се на прашањето за интерпелациите за членовите на Судскиот совет, рече дека правото на законодавецот да нормира е неспорно, но должност на Собранието е да го почитува Уставот.
Претседателот на Уставниот суд, осврнувајќи се на прашањето за интерпелациите за членовите на Судскиот совет, рече дека правото на законодавецот да нормира е неспорно, но должност на Собранието е да го почитува Уставот.
„Што е уставно не кажувам јас, кажува Уставниот суд. Мојот став е дека е неспорно правото на законодавецот да нормира, или кога ќе увиди некои слабости во поредокот да интервенира со законски измени и надополнувања. Но, должност на законодавецот е да го почитува Уставот. Интерпелацијата е уставна категорија, но, нашиот Устав дава гаранции на независноста на судската власт. Мое лично мислење е дека тој принцип на контрола и рамнотежа на законодавната и извршната власт во судската власт кој ужива гаранции за својата независност, се исцрпува со изборот на овие пет членови на судскиот совет, тоа не се судии, несудиски членови се. Тоа е мој личен став, тоа е доволна контрола во тој систем на check and balances“, рече Дарко Костадиновски.
Тој нагласи дека „постојат дилеми и за постапувањето на Собранието, но јас секогаш велам, не е толку тешко да се толкува Уставот, уставните гаранции за независноста на судскиот совет се многу важни гаранции“.
На брифингот со новинарите Дарко Костадиновски денеска зборуваше и за со најавите на ДУИ дека ќе поднесе интерпелации за целиот состав на Уставен суд.
„Кристално е јасно, на секој правник од прва година студент му е јасно дека Уставниот суд претставува четврта власт и не подлежи на начелото поделба на власт. Инструментот интерпелација во никој случај не може да биде употребен за Уставниот суд и уставните судии. Ние сме контролори на таа власт, на сите три власти – законодавната, извршната и судската. Тоа би бил распад на уставниот поредок“, изјави Костадиновски