
Палевски од полицаец бараше одговори каде е пиштолот на обвинетиот Видевски
Судењето за случајот со киднапирањата и убиствата на Панче Жежовски и 14-годишната Вања Ѓорчевска продолжи денеска во Основниот кривичен суд во Скопје. Главниот обвинет, Љупчо Палевски – Палчо, во своја одбрана повика како сведок еден од инспекторите од Велес, кој работел на случајот за исчезнатиот Панче Жежовски.
Судењето за случајот со киднапирањата и убиствата на Панче Жежовски и 14-годишната Вања Ѓорчевска продолжи денеска во Основниот кривичен суд во Скопје. Главниот обвинет, Љупчо Палевски – Палчо, во своја одбрана повика како сведок еден од инспекторите од Велес, кој работел на случајот за исчезнатиот Панче Жежовски.
Палевски го праша сведокот што превземал во текот на истрагата, бидејќи бил многу активен во процесот. Сведокот одговори дека бил вклучен во потрагата на теренот и во околината на Велес. Прегледувале снимки од безбедносни камери поставени на влезовите и излезите на градот со цел да се лоцира Жежовски или неговото возило.
На следното прашање дали ги прегледувал камерите на хотел „Романтик“, сведокот потврди дека тој и други колеги го направиле тоа. Палевски потоа прочита дел од службената белешка на сведокот, во која се наведува дека од снимките било видно дека во возилото „рено кангу“ имало две лица, а во „цитроен“ едно. Палевски го праша како биле облечени, но сведокот одговори дека не може да се сети, бидејќи камерите ги гледал многу одамна.
Палевски продолжи со прашањето зошто не бил одземен пиштол од Боре Видевски, иако при претресот била пронајдена дозвола за пиштолот и ловна пушка. Сведокот одговори дека при претресот не бил најден пиштолот, туку само ловната пушка, муниција за неа, како и куршуми за пиштолот.
Палчо тврди дека бил во банка на денот на убиството на Вања
На денот на убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска, обвинетиот Љупчо Палевски тврди дека бил во експозитурата на Халк банка во Буњаковец. Тој во листата на докази приложил уплатница со извршена трансакција на 27 декември 2023 година, во 11 часот и 44 минути. Сега од судот бара да се обезбеди снимка од камерите на банката за да се види во колку часот точно дошол во банката и колку време се задржал.
Според обвинителството, пак, Ѓорчевска веќе била убиена до 9 часот и 30 минути, па затоа овој доказ воопшто не е релевантен за случајот.
-Оваа снимка не е од интерес за постапката, бидејќи од презентираните видео записи од ,,Сејф сити”, на 27 декември 2023 година, произлезе дека возилото ,,рено кангу” управувано од Палевски во 10 часот веќе се враќа во политичката партија Десна, а времето од упплатницата е 11 часот и 44 минути, истакна обвинителката.
Одбраната на Палевски пак реагираше дека на снимката од,,Сејф сити” не се гледа неговиот лик, па затоа уплатницата била релевантниот доказ.
-Со тоа го докажуваме спротивното од обвинителство, бидејќи нивниот доказ како возила се шетаат низ Скопје, без утврдени ликови, не е доказ. Палевски пак со сведок се наоѓа во Халк банка. Не е возможно во ист период да биде на две различни локации, рече адвокатот Јовица Страшевски.