„Не очекувам раководењето на СДСМ да се смени со заминувањето на Заев од лидерската позиција, но тоа си е нивна партиска работа и тие најдобро знаат како треба да функционраат“ изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски во пресрет на седницата на Централниот одбор на владејачката партија на која се очекува да се потврди оставката Заев од лидерската позиција.
Во однос на можниот негов наследник, Мицкоски оцени дека веројатно како што рече „Заев ќе најде пион кој ќе го продолжи неговиот лик и дело во Владата и во СДСМ“.
Прашан што очекува од Алтернатива, која исто така вечерва одржува седница на Централното претседателство, Мицкоски одговори дека нема информации каков заклучок органите на партијата ќе донесат и дека не разговарал на таа тема со лидерот Африм Гаши.
„Алтернатива има две опции – да ја прифати понуда на Заев и да влезе во оваа влада, која ние ја оценуваме со најниска оценка и е можеби најлоша во 30 години независна Македонија, или да остане во опозиција. Си имаат раководство, стратегија, тие одлучуваат за нивната иднина. Да ги почекаме одлуките на двете партии кои денеска имаат состаноци на највисокото раководство, па ќе ги коментираме“ – рече Мицкоски.