
(Видео) Битраков: Имаме премногу институции, преклопување на надлежности и превработеност
„Друг аспект е, на подолг рок, реорганизирањето на ниво на институции - да речеме и костатираме дека дел од институциите не се потребни, да ги укинеме, да ги сведеме на помала бројка, бидејќи ние имаме 1.200 институции кај што има дуплирање на надлежности, премногу директорски места. Имаме и министерство со 40 вработени, а од друга страна иаме јавни претпријатија каде што има правна служба поголема од цело министерство“, вели Битраков.
„Многу е тешко да се утврди процентот на луѓе коишто работат и коишто не работат. Тоа се толерира бидејќи ниту една политичка опција досега не се решила да нема рез во јавната администрација, што не значи дека не е предвидено. 2010 кога е усвоена Стратегијата за реформа на јавната администрација пишува дека ќе се намалува бројката на вработени во јавната администрација за 10% годиншно. Во 2018 година, исто така се спомнува оптимизација. 2023 повторно е донесена Стратегијата. Очигледно тоа не е спроведено. Оттука сметам дека прашањето повеќе не е прашање на имање или немање на стратешки акти или имање или немање на соодветни законски решенија, туку сметам дека е прашање на волја“, изјави за „Трилинг“, асистентот на Правниот факултет, Константин Битраков, говорејќи за феноменот дека 30 до 40% од администрацијата си ја работат работата и логичното прашање – што прават останатите, дали функционираат по принципот земај плата – клати врата и зошто ако е така тие сѐ уште се толерираат доколку се неупотребливи.
За тоа дали ова значи дека се нема концепт за реорганизација на вработените, Битраков вели дека уште одамна концепт има, но се работи за тоа дали не се знае или не се сака да се примени.
„Не можеме да кажеме дали е до знаење или незнаење. Има тоа и со други аспекти во рамки на функционирањето на јавната администрација. На пример менаџментот на јавните институции – ние сме имале ситуација каде што во еден орган нестручни кадри стануваат менаџери, директори, имаме ситуации каде што се злоупотребува институот на вршител на должност, имавме ситуации каде што шест министри се менуваа во седум години“, вели Битраков.
Говорејќи дали изостанува МЕРИТ системот, Битраков вели дека нашите закони во делот на постапката за вработувања се во ред и има најави за нови прописи коишто ја модернизираат и поедноставуваат постапката.
„Од тој аспект обезбеден е меритот. Кај нас проблемот се случува претходно. Не е проблемот откако ќе се појави јавен оглас за пополнување на едно работно место кого ќе одбереме. Самата постапка е детално уредена и кажува како се врши бодување на кандидатите, како се селектира кандидатот итн., но колку пати сме зборувале ние во јавен дискурс за менување на правилници за систематизација за да се прилагоди описот и пописот на потребни квалификации за едно работно местом за дадено лице?, изјави Битраков.
За тоа како да се деполитизираат јавните услуги да бидат ефикасни, Битраков вели дека деполитизацијата, доколку зборуваме за издавање на дозволи решенија, потврди и слично, најлесно може да се постигне преку дигитализација – да се нема физички контакт со оној којшто би го работел предметот.
„Тоа, по мое видување, е еден процес којшто треба кај нас да се забрза. Од друга страна врзани се прашањата. Ако нема МЕРИТ при вработување, односно регрутација на менаџерот на институцијата и ако поради тоа немма МЕРИТ во регрутација на кадрите, нормално е и потешко услугите да се деполитизираат, бидејќи тие се кадрите коишто влегле. Тие исто така ќе бидат политизирани. Но, ако гледаме од перспектива на граѓанинот, најдобар начин за деполитизација и да се постигне ефикасност е да се дигитализираат што повеќе услуги и притоа, кога се селектира што треба да се дигитализира како услуга, да се селектираат оние коишто граѓаните најмногу ги користат“, вели Битраков.
„Неефикасноста на институциите значи и дека целиот јавен сектор е не ефикасен. Но да бидеме реални, не сме ние сигурни колку е неефикасен јавниот сектор. Факт е дека постојат многу лоши примери, но факт е дека постојат институции коишто релативно брзо одговараат на барањата на граѓаните. Оттука сметам дека некогаш станува збор повеќе за една лоша перцепција и за едно демонизирање на јавната администрација во јавниот дискурс, дека апсолутно секој во јавната администрација е лош, дека секој орган е неефикасен. Не е така. Она што треба да го направиме е да ги лоцираме критичните точки каде имаме проблем, изјави Битраков околу тоа дали може да се зборува за ефикасен јавен сектор во ситуација кога граѓаните се жалат на неефикасност.
„Ако се сеќавате пред некоја година ДЗР спроведе ревизија во Управата за водење на матични книги, кога најдоа дека во една календарска година биле издадени 20.000 изводи кои ги издава УВМК со грешки, па после се издавале нови. Е тука ќе треба да обрнеме внимание и да речеме – тој орган ни е проблем. Мене ми пречи тоа порамнување или ставање во исти кош на сите. Ајде да речеме овие органи ни се ефикасни, овие не ни се ефикасни и да работиме со неефикасните. Време е да бараме индивидуална одговорност кај менаџерите на институциите и на ниво на институција да кажеме каде имаме добра ситуација, каде имаме неефикасност“, смета Битраков.
Околу најавите за нов закон за правична застапеност откако пред неколку месеци беше укинат т.н Балансер и дали со новото законско решение ќе стави крај на етнизацијата при вработувањата, Битраков вели дека е добро што е укинат Балансерот, но во јавноста сѐ уште се нема појавено нацрт за новиот закон.
„Дефинитивно е добро што се укина Балансерот, бидејќи тој не ставаше во една незавидна положба да неможе воопшто да конкурираме на јавен повик на јавен оглас за вработување во јавниот сектор ако не сме припадник на дадена заедница. Дали новиот закон ќе ги реши проблемите или ќе биде подобар од Балансерот не можам да кажам бидејќи, ако не грешам, во јавноста не сме виделе некој нацрт на тој закон“, вели Битраков.
Говорејќи за тоа дали сугестиите и препораките од ДКСК во кои се бара да се забрани партиското пазарење при вработувањата допираат до политичките партии, Битраков смета дека има простор за подобрување и дека може да се подобри јавниот сектор, но потребно е на ниво на политички институции да се има желба за тоа.
„Треба да се постават способни директори на институциите па и министри, да има стабилност во политиките, значи да имаме еден реформски период во кој нема многу да ги менуваме менаџерите и тие ќе бидат лица коишто ќе знаат да менаџираат со институција и потоа треба да ги применуваме законите. Законите ги има, имаат некои недостатоци, затоа има сега реформски процес на носење на нови закони, и треба тие закони коишто се однесуваат на вработените да почнеме доследно да ги применуваме. Тоа е се што ние треба да направиме. За да го направиме тоа треба да има желба. Друг аспект е, на подолг рок, реорганизирањето на ниво на институции – да речеме и костатираме дека дел од институциите не се потребни, да ги укинеме, да ги сведеме на помала бројка, бидејќи ние имаме 1.200 институции кај што има дуплирање на надлежности, премногу директорски места. Имаме и министерство со 40 вработени, а од друга страна иаме јавни претпријатија каде што има правна служба поголема од цело министерство“, вели Битраков.
Целиот разговор со Константин Битраков погледнете го во видето.