Туск му одговори на Трамп: ЕУ не е основана да измами некого

„Европската унија не е основана за да измами некого. Сосема спротивно“, објави Туск на X.

Полскиот премиер Доналд Туск во одговор на критиките на американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека Европската унија не е основана за никого да измами, туку за да го зачува мирот и да го зајакне трансатлантското пријателство.

„Европската унија не е основана за да измами некого. Сосема спротивно“, објави Туск на X.

Европската унија е основана „за да го зачува мирот, да воведе почит меѓу европските нации, за слободна и фер трговија и за зајакнување на трансатлантското пријателство. Толку е едноставно“, додаде тој.


Полска претседава со Европската унија до јуни, што стана цел на жестоки критики од американскиот претседател Доналд Трамп откако се врати на власт. Трамп вчера изјави дека Европската унија е создадена за да ги „излаже“ САД и се закани со царини од 25 отсто за европските производи.

„Ги сакам европските земји. Ги сакам сите тие земји, сите различни, навистина. Но, Европската унија беше замислена да ги измами САД. Тоа беше целта и тие ја постигнаа“, рече Трамп на првиот состанок на неговиот кабинет во Белата куќа.

По оваа негова изјава Европската комисија најави дека ќе реагира одлучно и навремено против неоправданите пречки за слободната и фер трговија.

„ЕУ ќе реагира одлучно и веднаш против неоправданите пречки за слободната и фер трговија, вклучително и кога тарифите се користат за да се оспорат легитимните и недискриминаторски политики“, рече портпаролот на Комисијата како одговор на барањето за коментар за забелешките на Трамп.

Трамп воведува царини од 25% за ЕУ: Унијата е „формирана да ги ‘зезне’ САД“