
Говорот на американскиот потпретседател Џеј Ди Венс ќе го смени светот, истакна премиерот Христијан Мицкоски од собраниската говорница на денешната седница за пратенички прашања.
Дали тоа некому му се допаѓа или не му се допаѓа, рече премиерот, не го менува фактот дека светот се менува и дека новата американска администрација е предводник на тие промени кои сите ние ги чувствуваме.
„Одеднаш веќе немаме офанзивна реторика, без разлика дали се работи за Украина, Израел, Газа… Реториката што сега сите ја прифаќаат е мир. А така не беше до пред неколку месеци. Тоа што го кажа Венс по мене е вистинската вистина. Малкумина беа среќни што ја слушаат вистината. Од друга страна, присуствував и на состанокот на којшто присуствуваше и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Кога Зеленски зеде збор и кога рече дека му е потребна помош за да се зајакнат источните граници на Европа, сите присутни лидери на европските земји почнаа да бегаат со погледите, да гледаат лево-десно, горе-долу. Никој во салата не крена рака и не рече: Од нас ќе добиеш толку и толку војници. Ете, тоа се случуваше“, изјави Мицкоски.
Треба да сме горди и среќни што имаме директна комуникација со најмоќните.
„Што сѐ не се изнаслушав за мојата посета на Вашингтон. Ме критикуваа зошто сум се сретнувал со тие луѓе, со политичари, водители. Но гледате, токму тие луѓе сега станаа многу важен фактор во администрацијата на Трамп. Наместо да се обединиме и да бидеме фактор во регионот, ние правиме сѐ за да го вулгаризираме сето тоа. Ако некој го сфати говорот на Џеј Ди Венс за мешање во внатрешните работи на други земји, што треба ние да кажеме? Ако промена на знаеме, банкноти, име, не е мешање во внатрешните работи, тогаш не знам што е. Или, пак, 100 стапа по туѓ грб не болат. Затоа нашите стари рекле: не им прави на другите нешто што не сакаш тебе да ти го прават. Тоа беше мојата главна порака во САД, предизвика внимание. Не можам да кажам дека јас бев ѕвезда и дека сите беа воодушевени, но мислам дека во еден момент барем тие 250.000 луѓе слушнаа дека има една Македонија којашто има некакви проблеми и се чувствува фрустрирано поради тие проблеми“, рече Мицкоски.