
Кошта: Украина ќе одлучи кога се исполнети условите за почеток на мировни преговори
Мирот не може да биде едноставен прекин на огнот. Тоа треба да биде траен договор. Мирот не треба да го награди агресорот. Треба да ги научиме лекциите од минатото, од договорите од Будимпешта и Минск. Само конкретни и силни безбедносни гаранции ќе обезбедат сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и во цела Европа, нагласи Кошта.
Нема да има кредибилни и успешни преговори и нема да има траен мир без Украина и без Европската Унија и само Киев може да одлучи кога ќе бидат исполнети условите за почеток на мировни преговори, порача денеска претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта во обраќањето на Меѓународниот самит за поддршка на Украина, што се одржа во украинскиот главен град.
– Мирот не може да биде едноставен прекин на огнот. Тоа треба да биде траен договор. Мирот не треба да го награди агресорот. Треба да ги научиме лекциите од минатото, од договорите од Будимпешта и Минск. Само конкретни и силни безбедносни гаранции ќе обезбедат сеопфатен, праведен и траен мир во Украина и во цела Европа, нагласи Кошта.
Според него, Русија претставува закана за меѓународниот поредок заснован на правила, а нејзиниот претседател Владимир Путин сака „да не подели“, па затоа со денешното свое присуство во Киев, европските претставници покажуваат дека поддршка на ЕУ за Украина е силна, единствена и непроменета.
– Европската Унија е подготвена да направи се што е потребно за нејзината безбедност и да продолжи да ја поддржува Украина. Затоа свикав специјален Европски совет, следната недела, на 6 март, за поддршка на Украина и зајакнување на одбраната на Европа, рече Кошта.
Тој нагласи дека Унијата е подготвена ефикасно да ги зајакне своите одбранбени способности и значително да инвестира во нив, како и да ја зголеми финансиската и воената поддршка за Украина.
– Ние сме подготвени да ја изградиме иднината на Украина во рамките на Европската Унија, додаде Кошта.
Тој потсети дека на денешен ден пред три години Русија започна неиспровоцирана, неоправдана и незаконска целосна инвазија врз Украина.
– Таа војна го нарушува суверенитетот на Украина, нејзиниот територијален интегритет, нејзините меѓународно признати граници и основните принципи на меѓународното право содржани во Повелбата на Обединетите нации. Моите мисли се со сите Украинци. Со сите оние кои изгубија член на семејството или пријател и со тие што се ранети, рече Кошта.
Според него, Русија и нанесе сурово и неоправдано страдање на Украина, па со присуството во Киев, тој и останатите европски претставници ја демонстрираат солидарност на ЕУ со народот на Украина и со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Бевме тука со вас од првиот ден. Сме и ќе бидеме со вас, рамо до рамо, во војната, во идните мировни преговори, во обновата и како земја членка на Европската Унија. Сите сакаме оваа војна да заврши и страдањето и уништувањето да престанат. Затоа овој момент е толку важен, оцени Кошта во обраќањето на собирот во Киев.
Кошта заедно со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и 21 еврокомесар денеска престојуваат во Киев со цел да ја изразат непоколебливата поддршка на ЕУ за борбата на Украина за независност и слобода на третата годишнина од почетокот на руската инвазија.
Фото: ЕПА